Како Црвената армија ја проби блокадата на Ленинград

Всеволод Тарасевич/Sputnik
Црвената армија требаше да помине само петнаесет километри. Но тоа кратко растојание ги чинеше животите на триесет илјади советски војници.

Германските трупи на групата армии „Север“ го зазедоа Шлиселбург на брегот на езерото Ладога и на тој начин по копно го затворија обрачот околу Ленинград. Во стапица се најдоа над 2,5 милиони жители и околу 500 илјади војници на Црвената армија.

Градот, кој беше блокиран од германски и фински трупи, беше поврзан со остатокот од земјата само со воден пат преку езерото Ладога. Токму по тој Пат на животот во Ленинград беа носени храна и муниција, а од градот евакуирано населението.

Сепак, ниту Патот на животот, кој беше под постојан оган, ниту советската транспортна авијација не успеваа да организираат задоволително снабдување на таков мегалополис. Зимата 1941 година во Ленинград завладеа страшен глад. Луѓето од исцрпеност паѓаа во несвест на работните места, а беа забележани и случаи на канибализам. Освен тоа, стотици трупови на улиците веќе никого не изненадуваа.

Во текот на 1941 и 1942 година Црвената армија повеќе пати се обидуваше да го деблокира градот, меѓутоа, поради некоординираност на акциите на армиските единици, недостатокот на луѓе, ресурси и борбено искуство, таквите напори пропаднаа. Во исто време, постојаниот притисок на советските трупи врз групата армии „Север“ ја спречуваше германската команда да ги префрли резервите кои се наоѓаа кај Ленинград на други делови на фронтот.

Жителите на градот на Нева ја дочекаа новата 1943 година многу порастоварено од претходната. Во окупираните предградија веќе беше организирано земјоделско производство на живеалиштата, се зголемија следувањата на леб, делумно почна да функционира сообраќајот, а домаќинствата имаа струја по неколку часа на ден.

Сепак, Ленинград сé повеќе и повеќе страдаше под блокада. „Ленинградецу, заедно со тебе ќе поминеме низ студ и борби, оган, кал, крв, липање и чкрипење. Уште ќе се напатиме. Да ја зајакнеме затоа нашата братска слога! Да се ​​подготвуваме за напад“, се вели во новогодишното обраќање на писателот Всеволод Вишневски.

Нападот навистина се подготвуваше. По огромниот ноемвриски успех на советската армија кај Сталинград и промената на стратешката ситуација на советско-германскиот фронт, штабот на Врховниот командант донесе одлука за пробој на блокадата во офанзива од широки размери планирана за јануари 1943 година под називот „Искра“.

Офанзивата беше планирана на подрачјето на Шлиселбург-сињавското плато, само 15 километри ја делеше на тој потег одбраната на градот од остатокот на земјата. Беше предвидено трупите на Ленинградскиот фронт на генералот Леонид Говоров да го пробијат опкружувањето одвнатре, а во пресрет од надворешната страна, пробивајќи ја блокадата да тргнат единиците на Волховскиот фронт на генералот Кирил Меретков.

Ударните групации броеја околу 300 илјади луѓе, додека Германците на платото располагаа со само 60 илјади. Покрај тоа, советските трупи беа шесткратно понадмоќни од непријателот во поглед на артилеријата, кога станува збор за тенкови за десет пати, а во однос на авионите двојно.

Меѓутоа, тие 15 километри не беше ни најмалку лесно да се поминат. Во текот на годините на блокадата, Вермахтот го претвори тој простор во моќно утврдено подрачје со бројни одбранбени јазли и тешко прооден мочурлив терен меѓу нив покриен со бодликава жица и мински полиња.

Советската војска цел декември интензивно се подготвуваше за „Искра“. Во заднината, на дестинации одредени за тоа, војниците на ударните единици ги напаѓаа специјално направените германски одбранбени позиции.

„Особено водевме сметка подготовките за пробивот да останат во тајност“, изјави заменик-командантот на Волховскиот фронт, генерал Иван Федјунински. „Прегрупирањето на трупите се вршеше исклучиво ноќе или на студено време. За извидување биле ангажирани само единиците кои се наоѓаа во непосредна близина на противникот. Овие мерки ја одиграа својата улога. Непријателот непосредно пред почетокот на операцијата сфати дека нашата војска се подготвува за напад, но нацистичката команда ниту тогаш не успеа да ги одреди времето и јачината на нападот“.

Беше планирано „Искра“ да пламне првиот ден од новата 1943 година, но поради одмрзнувањето операцијата беше малку одложена. Конечно, утрото на 12 јануари, советската артилерија и авијација со сета сила ги нападнаа непријателските позиции. „И ден-денес се сеќавам на убиствениот оган на руските топови“, изјави германскиот војник Вилхелм Ламаер. „Секогаш кога ќе се сетам на сиот тој пеколен татнеж и експлозијата на ракетите и мините, секогаш повторно затреперувам“.

Веднаш потоа во офанзива синхронизирано тргнаа трупите на двата фронта. Единиците кои се движеа од правец на Ленинград ја преминаа Нева, која веќе беше замрзната, и почнаа да го истеруваат непријателот од населените места. Тенкиот мраз немаше да ги издржи тешките и средните тенкови, па војниците мораа да се задоволат со лесните Т-60, Т-26 и оклопните возила. Еден од тие Т-60 стручно намами на огнот на советската артилерија два нови германски тешки тенка Pz.Kpfw. VI „Тигар“ кои веднаш беа уништени. Друг таков заглавен исправен тенк напуштен од екипажот набрзо беше заробен.

Полека, но сигурно се пробиваа трупите на Волховскиот фронт против кои непријателот ги вклучи резервите набрзина префрлените на подрачјето на борбените дејствија. Жестоки битки за Шлиселбург се водеа веќе на 14 јануари, а утрото на 18 јануари се одигра историски настан, 136-та стрелечка дивизија и 61-та тенковска бригада на Ленинградскиот фронт во атарот на Работничката населба бр. 5 се сретна со единиците на Втората ударна армија на Волховскиот фронт.

„Видов со каква радост едни на други во пресрет си одеа борците на фронтовите кои ја пробија блокадата. Не обрнувајќи внимание на артилериското гранатирање на непријателот од правец на Сињавското возвишение, војниците братски, силно се прегрнуваа. Тоа беше радост остварена со страдање, сведочеше Георгиј Жуков, кој се наоѓаше на набљудувачкиот пункт на командата на Втората армија. За време на операцијата „Искра“ војсководецот ги координираше дејствијата на двата фронта.

Советската војска тргна на југ, со намера да продолжи со офанзивата, но на крајот претрпе неуспех и беше принудена на одбрана. Сепак, беше воспоставена директна копнена врска со градот. Беше платена висока цена со животите на повеќе од 33 илјади војници на Црвената армија. Германците изгубија околу 12 илјади луѓе.

Во пробиениот коридор со широчина од само 11 километри веднаш почна изградбата на железничка пруга позната како Патот на победата. На 7 февруари со оваа железница во Ленинград пристигна првиот воз со храна.

Без оглед на тоа што до целосен пробој на блокадата дојде дури по една година, напатениот град можеше да здивне. „Блокадата е пробиена. Долго го чекавме тој ден. Никогаш не губевме вербата дека ќе дојде“, им зборуваше на Ленинградците преку радио писателката Олга Бергољц. „Бевме поцрнети и отечени од глад, од немоќ паѓавме по улиците што ги раскопа непријателот, и само вербата дека ќе дојде тој ден на ослободувањето нé одржуваше во живот. И секој од нас, гледајќи ја смртта право во очи, се трудеше во име на одбраната, во име на животот на нашиот град, и сите знаевме дека ќе дојде денот на пресметката и дека нашата војска ќе ја пробие неподносливата блокада“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња