Како Црвената армија го одбрани Ленинград во Втората светска војна

Бранители на Ленинград

Бранители на Ленинград

Борис Кудојаров; colorized by Julius Jääskeläinen
Една од најдолгите и најстрашните опсади во историјата на човештвото однесе над еден милион човечки животи вo еден од двата најголеми советски градови. 27 јануари официјално е прогласен за Ден на укинување на опсадата, што е одбележано со 24 плотуни од 324 артилериски оружја. За тие 872 дена колку што траела блокадата, од глад од студ, од артилериско гранатирање и авионски напади загинале, според различни изводи, од 650.000 до еден и пол милион жители на Ленинград.

„Непоколеблива е одлуката на фирерот да ги срамни со земја Москва и Ленинград за со целост да се откачиме од населението во овие градови, кое во спротивно ќе мораме да го храниме во текот на зимата“, вака на 8 јуни 1941 година во својот дневник има напишано началникот на Генералштабот на германските копнени единици Франц Халдер. Тоа беше на самиот почеток на операцијата Барбароса. По молскавичниот продор на групата на армијата Север низ балтичките земји, непријателот веќе се наоѓаше на приодите на Ленинград. Истовремено од Карелија кон градот се движеше финската армија.

Германска пешадија на патот кон Ленинград

На 8 септември 1941 година германските единици го зазедоа градот Шлисебург на брегот на езерото Ладога и така го затворија обрачот околу Ленинград на копно. Вториот по големина во Советскиот Сојуз се најде во замка. Во него останаа блокирани околу половина милион советски војници, речиси целата Балтичка флота и три милиони жители.

И покрај сè, на Германците им тргна од рака да го заземат градот на јуриш. Ленинград кон средината на септември веќе беше претворен во вистинска тврдина. На најблиските приоди кон градот направени се 600 километри противтенковски ровови и препреки од бодликава жица, 15.000 постојани огнени точки и лесни бункери, 22.000 огнени артилериски положби, 2.300 командни положби и набљудувачница. Во самиот град беа подготвени 4.600 засолништа во кои можеше да собере 814.000 луѓе. Целиот центар на Ленинград беше прекриен со маскирна мрежа со цел заштита од непријателската авијација.

Противтенковска одбрана на Ленинград

Единственото нешто што го поврзуваше опколениот град со слободната територија беше водниот пат низ езерото Ладога, таканаречениот „Пат на животот“.

„Патот на животот“ – замрзнат пат преку езерото Ладога преку кој се носела храна во Ленинград под опсада.

Токму по овој пат била организирана испораката на намирници и евакуацијата. Германците имале намера да ја уништат и оваа последна комуникација и затоа се обиделе да продрат до реката Свир, надевајќи се дека така ќе се спојат со финските единици. На 8 септември го зазедоа Тихвин и ја пресекоа единствената пруга по која товарот наменет за Ленинград беше испорачуван на источниот брег на езерото Ладога.

Мапа на Ленинград под опсада.

Така на жителите им беше намален и онака оскудниот оброк. Меѓутоа, благодарение на упорниот отпор на Црвената армија, непријателските планови не беа реализирани. Тихвин е ослободен по еден месец.

Сепак, ограниченото снабдување по воздушен пат и преку езерото Ладога не можеше да ги подмири потребите на толку голем мегалополис. Војниците на првата линија од фронтот добиваа по 500 грама леб дневно, работниците по 375 грама, а останатите жители и децата по 125 грама. Кога дојде зимата 1941-1942 во Ленинград завладеа глад. „Сè беше изедено: и кожните ремени, и ѓоновите, а во градот не остана ниту едно куче или мачка, да не зборуваме за гулабите и за враните. Немаше струја, луѓето исцрпени од глад одеа на Нева, а по пат паѓаа и умираа. Повеќе никој не ги собираше труповите, само снегот ги покриваше. Цели семејства умираа по становите“, напиша подоцна Евгениј Аљошин.

Деца од Ленинград под опсада.

Некои подлегнаа на страшно искушение. Органите на Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД) забележа над 1.700 случаи на канибализам. А, сигурно имало повеќе. Труповите се крадеа од мртовечниците или од гробиштата или директно се земаа од улица. Имаше и убиства на живи луѓе. Во документите на управата на НКВД за Ленинградската област од 26 декември 1941 година пишува: „На 21 декември Воробјов В.Ф., 18 години, невработен, со секира ја убил својата баба Максимова, 68 години. Трупот го искасапил на парчиња, црниот и белиот дроб ги варел и ги јадел. При претресот на станот пронајдени се делови од труп. Воробјов изјави дека убиството го извршил поради глад. Со експертиза е установено дека е непресметлив“.

Посмртна поворка во Ленинград под опсада. Невска авенија.

Пролетта 1942 година Ленинград постепено почна да си доаѓа на себе по преживеаниот зимски кошмар. Во неокупираните предградија беа основани помошни домаќинства за снабдување на жителите од градот со зеленчук. Подобрена е исхраната и намалена е смртноста, а делумно проработе и градскиот превоз. Важен и охрабрувачки настан беше доаѓањето на партизанската комора од окупираните територии во градот – од Волгоградската и од Псковската област. Партизаните кришум поминале стотици километри во тилот на германските единици за на 29 март да се пробијат преку линијата на фронтот и да влезат во Ленинград. На 223 запреги жителите од градот дотерале 56 тони брашно, жито, месо, грав, мед и масло.

Во Ленинград за време на опсадата

Од првите денови на опсадата Црвената армија не се откажуваше од обидите да се пробие во градот. Меѓутоа сите четири офанзивни операции кои беа изведени во 1941 и во 1942 година не вродија со плод. Немаше ниту доволно луѓе, ниту доволно ресурси, ниту воено искуство. „Напредувавме на 3 и на 4 септември од Црната рекичка кон Келколово беа артилериска поддршка“, напиша подоцна заменик командирот на 939 полк Чипишев, кој во 1942 година учествуваше во Сињавинската операција. „Проектилите што ни беа испратени не одговараа на нашите топови со калибар од 76 милиметри. Немавме гранати. Не можевме да ги неутрализираме митралезите во германските бункери, така што пешадијата имаше огромни загуби“. Сепак, непријателот не беше целосно имун на ваквите напади. Постојаниот притисок на советските единици крајно ја исцрпуваше германската група армија „Север“, не оставајќи ѝ простор за маневар.

Втората сињавинска операција, транспорт на камуфлиран противтенковски топ Ф-22 преку раскалавени патишта. Ленинградски фронт.

По кршењето на германските единици кај Сталинград иницијативата во војната постепено почна да преминува на Црвената армија. Советската команда на 12 јануари 1943 година пристапи кон реализација на офанзивната операција „Искра“ која на крајот вроди со плод. Советските единици го ослободија градот Шлиселбург и го исчистија јужниот брег на езерото Ладога, воспоставувајќи копнена врска помеѓу Ленинград и слободните територии.

Советски извидувачи на Пулковската висорамнина за време на Големата татковинска војна 1941-1945.

„Ми се чини дека на 19 јануари 1943 година веќе се подготвував за спиење, кога во единаесет часот слушам нешто на радио“, ќе напише подоцна медицинската сестра Нинел Карпјонок. „Се приближувам, кога таму велат: 'Слушајте соопштение'. Слушаме и одеднаш почнаа да зборуваат дека обрачот е пробиен. Ух! Скокнавме, Имавме 'комуналка' [заеднички стан од советското време во кој живееја по неколку семејства – заб. прев.], чeтири соби. Сите скокнавме, извикавме, почнавме да плачеме. Сите бевме радосни: обрачот е пробиен!“

Блокадата е пробиена! Сребда на војници.

Една година подоцна во операцијата „Јануарски гром“ советските единици го отфрлија непријателот 100 километри од Ленинград и конечно ја отстранија секоја опасност за градот, а 27 јануари е официјално прогласен за ден на укинувањето на опсадата, што беше одбележано со 24 плотуни од 324 артилериски оружја. За тие 872 дена колку што траела блокадата, од глад од студ, од артилериско гранатирање и авионски напади загинале, според различни изводи, од 650.000 до еден и пол милион жители на Ленинград.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња