Седум предмети клучни за преживување во опсадата на Ленинград

Борис Кудојаров/Sputnik
На 27 јануари се одбележи 75 години од завршувањето на опсадата на Ленинград. Овие седум предмети им помогнале на луѓето да ги преживеат 872 дена.

Бонови за храна

Боновите им овозможувале на граѓаните на државните пунктови да набавуваат храна. Секој бон покажувал колку намирници можат да се купат. Леб можело да се купи секој ден, а другите производи еднаш на десет дена. Но, имало и недостиг, особено на месо.

Следувањето постепено се намалувало сè до ноември-декември 1941 година, кои биле најтешките месеци, кога на работниците им било одобрено од 150 до 250 грама леб дневно, додека државните службеници, децата и издржуваните лица добивале само 125 грама дневно, Како месечно следување работниците и инженерите добивале: 1.5 килограми месо, 2 килограми нудли, 800 грама маст (билна или свинска) и околу 1.5 килограм шеќер. Државните службеници можеле да очекуваат 800 грама месо, 1.5 килограми нудли, 400 грама маст и околу 1.2. килограми шеќер.

Боновите за храна имале огромна вредност. Доколку изгубите бон, тоа можело да ви донесе гладување, па дури и смрт.

Ретрорефлектори

За време на опсадата во Ленинград задолжително било целосното затемнување: ноќе се гаселе сите светла, за да се избегнат непријателски воздушни напади. Затоа луѓето на својата облека закачувале ретрорефлектори или, едноставно кажано „светулки“, како што го нарекувале за време на опсадата, за лесно да можат да се видат на мрачните улици.

„Светулките биле направени од отпад од метал и пластика и биле покриени со комбинација од радиум-226 и фосфор, така што светеле во темнина.

Санки

Детската играчка станала основно транспортно средство во опсадата и нејзин мрачен симбол. Поголемиот дел од опсадата бил зиме. Сообраќајот во градот не функционирал поради економските рестрикции, па луѓето користеле санки за превоз на своите работи, како и за... префрлање трупови до гробиштата.

Софија Саговска, учителка, се сеќава: „Како маѓепсани чудовишта во сон, стојат замрзнати трамваи. Наоколу висат прекинатите кабли. Секои утро по улиците се лизгаат редови санки со мртовци покриени со бели чаршави...“ Многумина од оние што ја преживеале опсадата велат дека подоцна санките непријатно ги потсетувале на стравовите од војната.

Лепило за дрво

Лепило, целулоза четини зимзелено дрво, ѓонови, кожни ремени и многу друго, всушност сè што било од органско потекло, било користено во исхраната за време на опсадата.

Едно време во некои градски фабрики на граѓаните им ги делеле овие производи: свинска маст и вазелин кои се користеле за подмачкување на скелињата за време на потопувањето на бродовите, лепило од животински коски и брашно од костени, дури и органски ималин. Луѓето наоѓале начини сето тоа да го искористат во исхраната.

Лепилото со варело со часови на тивок оган (миризбата била неподнослива), па му додавале сол, бибер. Се додавале различни зачини, оцет и сенф за оваа замена за храна да може полесно да се згусне.

Кофа

Додека се обидувале да го освојат Ленинград, Германците најпрво го бомбардирале градскиот водовод. До 1942 година немало вода во чешмите, па луѓето земале од каналите и од реките.

„Клечевме околу отворите во мразот и вадевме вода со кофи.. А, додека ја носевме кофата до дома, водата замрзнуваше. Ја носевме дома и ја одмрзнувавме. Секако, тоа беше валкана вода. Моравме да ја вриеме“; се сеќава еден од преживеаните. „Малку користевме за готвиме, а ни требаше и за миење и перење. Моравме често да одиме по вода. Беше многу лизгаво, па беше тешко да се симнеме до дупката во мразот. Со оглед на тоа што луѓето беа многу слаби, често се случуваше некој да ја наполни кофата со вода, но да не може да стане. Еден на друг си помагавме, се извлекувавме едни со други додека водата се истураше.

Улични звучници

За време на пеколните денови на опсадата на улиците на Ленинград биле поставени над 1.500 звучници. Тие емитирале радиопрограма и ги предупредувале луѓето за воздушните напади и за бомбардирањата. Во текот на опсадата емитирани се 3.740 предупредувања. Исто така бил емитуван звук на метроном. Кога звукот бил бавен, тоа значело дека е „мирно“, а кога бил забрзан тоа значело дека се приближува бомбардирање и дека сите треба да заминат во скривниците.

Но, била емитувана и симфониска музика, а поетите како што биле Ољга Бергољц и Ана Ахматова, ги читале своите стихови и се обидувале да го одржат духот на народот. Денес постои споменик на уличните звучници на ѕидот на зградата на адресата Невски проспект 54.

Цигари

Кога започнал недостигот од храна, цигарите станале особено скапоцени зашто пушењето ја намалувало потребата за храна, а се верувало и дека тутунот им помага на луѓето во борбата против скорбут (болест која се јавува поради недостиг на витамин Ц). Со оглед на тоа дека во градот немало големи резерви на тутун, локалната фабрика за цигари почнала на тутунот да му додава суви лисје и хмељ. До 1942 година една кутија цигари вредела колку два до три дена следување леб. Неверојатно е тоа што фабриката за цигари не престанала да работи до крајот на опсадата.

Со помош на цигарите можело да се купи облека, чевли, зеленчук. За време на опсадата цигарите биле повредни од пари. Речиси сите деца научиле да пушат за да го совладаат гладот и слабоста, а поголем дел од преживеаните продолжиле да пушат и подоцна во животот.

Прочитајте исто така: Уметност и опстанок: Десет цртежи од Опсадата на Ленинград

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња