Зошто кралицата Елизабета II одликуваше советски шпион?

Russia Beyond (Peter Thompson/Heritage Images/Getty Images; NCJ - Topix/Mirrorpix/Mirrorpix via Getty Images; Syndication/ Mirrorpix / Getty Images)
Конон Молоди, кој беше испратен на задача во Велика Британија, беше обичен советски разузнавач. И неочекувано за КГБ и за него, тој стана еден од најбогатите луѓе во Обединетото Кралство.

Тој човек имаше сé: комфорна вила, колекција луксузни автомобили, имот од неколку милиони фунти, па дури и почесна повелба од кралицата Елизабета II. Импресивно, но она што изненадува е тоа што не се работи за британски аристократ, туку за вистински советски шпион.

На тајна задача против Нејзиното Величество

Конон Молоди пристигнал во Велика Британија во 1954 година под идентитетот на Канаѓанецот Гордон Лонсдејл. Триесет и двегодишниот офицер на советската разузнавачка служба со необично име дотогаш веќе ги помина Втората светска војна, чиј крај го дочека во Берлин со чин поручник, студирањето на Правниот факултет во неговата родна Москва и, се разбира, специјалната обука во разузнавачката школа.

Молоди успешно се вклопи меѓу студентите на Лондонскиот универзитет благодарение на тоа што помина шест години во САД. Имено, по раната смрт на неговиот татко, десетгодишниот Конон привремено го прифати неговата тетка од Сан Франциско. Младиот човек се врати во Советскиот Сојуз во 1938 година со одлично познавање на англискиот јазик, кој потоа го унапреди до совршенство. Покрај тоа, овој шпион одлично ги владееше германскиот, францускиот, па дури и кинескиот јазик, кој го научи на универзитетот.

Гордон Лонсдејл (Конон Молоди) со пријатели, 1961.

„Тој е човек кој со ништо не се издвојува. Кај него сè беше просечно: висината, градбата на телото, ухранетоста, носот, очите... Неговата надворешност не носи впечатливи национални црти. Лесно може да помине како Англичанец, Скандинавец, но и како Германец, Словен, па и Французин“, вака за Молоди-Лонсдејл зборуваше неговиот пријател, новинарот Леонид Колосов.  

Комуникативниот Лонсдејл, кој лесно можеше да ја стекне наклонетоста на луѓето, имаше задача да се инфилтрира во англиските воени кругови за да собере информации за проектите за бактериолошко оружје на кои работеше Велика Британија, како и за состојбата на нејзината воена морнарица. Врската со центарот Конон Трофимович, под оперативниот псевдоним „Бен“, ја одржуваше преку тајните агенти Морис и Леонтина Коен, кои се претставувале како семејство на антиквари под презимето Крогер.

Шпион-милионер  

За да го продолжи својот легален престој во кралството по завршувањето на универзитетот, „Канаѓанецот“ Лонсдејл реши да се занимава со бизнис и купи неколку автомати за самопослужување. „Моите апарати продаваа тетратки, вода, вино, фломастери, сендвичи, аспирин – што сè не можеше да се смести во нивната незаситна утроба!“, се сеќава подоцна советскиот шпион.

Отпрвин КГБ мораше непрекинато да ги покрива загубите на невештиот претприемач, но со текот на времето работата тргна. Конон Трофимович дури стана косопственик на компанијата од која ги откупи апаратите.

Кариерата на шпионот-бизнисмен во 1959 година одеднаш доживеа ненадеен процут. Еден од вработените во неговата фирма му понуди да го погледне пронајдокот на неговиот татко - аларм за автомобил со блокада, наречен „автомобилски чувар “. Пронајдокот му се допадна на Молоди кој веднаш најде инвеститори и започна со производство.

Парите течеа како порој, а во 1960 година на меѓународниот саем во Брисел „чуварот“ го освои дури и Големиот златен медал. Овој настан беше забележан и од властите во кралството. За неговиот придонес во технологијата во Велика Британија и за „прославувањето на земјата на голем меѓународен саем“, Елизабета II му додели на Гордон Лонсдејл почесна повелба.

Молоди стана вистински богаташ. Веќе имаше четири компании за своите апарати, осум автомобили од различни марки, вила во предградието на Лондон, а неколку соби во најдобрите хотели во градот изнајмуваше постојано. „Маската на милионер ми даваше право на раскошен живот, но тоа право го користев умерено и доволно за да не бидам црна овца меѓу милионерите... Трезвеност, истрајност, самоконтрола - тоа се трите столбови на кои почива нашиот бизнис“, тврдеше Конон Трофимович. 

Крах  

Неочекуваното богатство не го спречи шпионот да си ја врши работата. Преку врбуваните цивилни вработени во поморската база во Портланд, каде што се наоѓаше тајниот Кралски научноистражувачки центар на британската морнарица, тој за Москва набавуваше исклучително важни информации.

Хари Фредерик Хотон и неговата љубовница Етел Џи набавија за Лонсдејл тајни материјали од вкупно 17.000 страници. Тие даваа целосен увид во состојбата на британската морнарица и перспективите на нејзиниот развој. Добиените податоци беа проследувани до институти и проектантски бироа во СССР, каде интензивно се работеше на нивна реализација. Така, на пример, целата серија советски сонари за истражување на морското дно беше создадена на база на британските уреди.

Меѓутоа, токму поради Хотон и Џи Конон Молоди на крајот беше фатен. Британската контраразузнавачка служба МИ5 ги разоткри благодарение на предавството на еден полски агент во Европа. Така во видното поле на специјалните служби се најде и Лонсдејл. На 7 јануари 1961 година беше уапсен на состанок со доушниците. Набрзо беа уапсени и сопружниците Коен, кои му служеа како врска.

Молоди одби да соработува со британските власти и беше осуден на 25 години затвор. Три години подоцна беше разменет за заробениот англиски шпион Гревил Вин. Во април 1964 година Конон се врати во Москва, каде што веќе го чекаа неговата сопруга и децата. Семејството, кое разузнавачот го посетуваше само неколку пати годишно за време на тајните посети на СССР, било убедено дека тој работи во трговско претставништво во Кина. Ја дознаа вистината дури откако Лонсдејл беше разоткриен.

Гревил Вин

Дома Конон Трофимович се занимаваше со обука на нови кадри, а учествуваше и во создавањето на култниот советски филм „Мртва сезона“, делумно заснован на неговата биографија. Сепак, тој не престана да се надева дека ќе се врати на разузнавачката работа на терен, па дури и сакаше заради тоа да се подложи на пластична операција.

Сепак, овој план не се оствари. Молоди почина на 11 октомври 1970 година од инфаркт, кога имаше само 48 години.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња