Рудолф Абел: Советскиот таен агент со многу имиња

AP
Ова е сторија за советскиот агент кој дејствуваше во Велика Британија и во САД, кој беше привремено отпуштен од советска служба, а подоцна беше заменет за еден американски пилот.

Во 1962 година Америка од СССР си го доби назад својот пилот Гери Пауерс соборен во авионот Локид U-2. Размената беше изведена на мостот на Глиника помеѓу Западен Берлин и Источна Германија. За него Советскиот Сојуз го доби човекот познат под името Рудолф Абел. Американците за него не знаеја ништо, освен дека е советски агент.

Агент за врска

Вистинското име на Рудолф Абел беше Вилијам Фишер. Од 1927 година беше вработен во ОГПУ (Обединета државна политичка управа) на советската државна безбедност. Тие обрнале внимание на Вилијам благодарение на неговата исклучителна вештина како радиооператер (која ја стекнал во текот на воената служба во радиографскиот полк), како и поради тоа што совршено го владеел англискиот јазик. Фишер, имено, е роден во 1903 година во Њукасл на Тајна во Англија, во семејство на марксистички револуционери кои избегале од Руската Империја, но потоа, во 1920 година се вратиле во СССР. Кога станал дел од Главната разузнавачка управа, Фишер ветил: „Попрво би умрел, одошто да ги предадам интересите на мојата Татковина“, мислејќи на СССР.

Вилијам Фишер (втор одлево) со војниците од неговиот полк

Фактот што неговите родители го задржале британското државјанство по враќањето во СССР многу му помогнал на Вилијам. Набргу добил пасош на Велика Британија со измислено образложение дека не се сложува со комунистичките идеи на својот татко и дека сака да се врати во земјата во којашто е роден. Во 1931 година Фишер заминал во Норвешка на првата мисија под лажен идентитет на продавач на радиотехничка стока. Четири години подоцна е испратен во Британија, каде живеел под кодното име „Френк“ како сопственик на станица за радиоврски, а всушност бил агент за врска. Тој е човекот кој во Москва ги испраќал информациите од познатата група агенти „Кембричка петорка“. Исто така воспоставил радиомрежа за поврзување на локалните тајни агенти со советската централа.

Вилијам Фишер со радиостаница

Се сметало дека работата на Френк е мошне успешна, но сепак на 31 декември 1938 година Фишер бил отпуштен од разузнавачката служба. Најверојатно причината за недовербата кон него била соработката со тајниот агент на НКВД (Народен комесаријат за внатрешни работи што го замени ОГПУ) Александар Орлов (познат и како Лев Николски) кој во 1938 година пребега и беше прогласен за „народен непријател“.

Игри со нацистите

Фишер бил мошне упорен и во 1941 година бил вратен на служба во НКВД и испратен во Самара (850 километри југоисточно од Москва) со Рудолф Абел, Латвиец и уште еден радиооператер, длабоко скриен агент кој во 1938 година бил отпуштен од НКВД. Абел и Фишер долго време биле најдобри другари. Биле толку неразделни што некои луѓе ги мешале. Кога доаѓале заедно во мензата на НКВД луѓето се шегувале: „Види, доаѓаат Абелови!“. Во Самара и двајцата минале разузнавачка обука.

Вистинскиот Рудолф Абел

Истата година Фишер бил вклучен во операцијата за дезинформирање под назив „Манастир“, каде бил задолжен за техничкиот аспект и го обучил агентот Александар Демјанов да работи со радиостаница. Демјанов ја играл улогата на пребеган агент и им испраќал на Германците различни погрешни информации за советските единици. Во 1944 година учествувал во операцијата „Березино“. Советските агенти се преправале дека се измислена единица на германските трупи која тајно работи во заднината на Црвената армија. Нацистите им испраќале шпиони на помош. Радиската „игра“ ја реализирал Фишер, чија прецизна работа го спречила непријателот да ја открие вистината. Последната порака од берлинската база гласела: „Не можеме да ви помогнеме, се надеваме на Божјата волја“.

Вилијам Фишер за време на Втората светска војна

Нуклеарен шпион

По Втората светска војна Фишер бил испратен во САД како длабоко скриен агент под кодното име „Марк“. Бил целосно подготвен за секое барање на мисијата: поседувал подробни знаења од хемија, физика, сликарство, фотографија, а можел да работи и како електричар. Стасал во САД под лажен идентитет на литвански бегалец Андреа Кајотис, а потоа живеел во Бруклин како сликар под името Емил Голдфус кој водел фотографско ателје. Тука извесно време соработувал со агентите Лен и Морис Коен, кои го опишуваат како „висококултурна и духовно богата личност“. Фишер организирал две мрежи агенти во Калифорнија и на источниот брег од Америка. Исто така испраќал и различни важни информации во Москва, на пример за основањето на ЦИА, за испраќањето американски единици во Европа и за нуклеарно бомбардирање на советски градови во случај на војна со СССР.

Лицето за врска на Фишер со Москва бил Јуриј Соколов („Клод“). Се сеќаваше дека информациите на Фишер му заштедиле на Советскиот Сојуз „2-3 години работа во тајните лаборатории и 18-20 милиони рубли (околу 252-280 илјади американски долари)“. Соколов исто така има раскажано дека бил многу внимателен кога се подготвувал за првиот состанок со Фишер зашто знаел дека Марк е одличен агент, па направил сè за да не го искомпромитира. Клод ги проверил сите можни агли за набљудување, му пришол на Фишер и нешто „случајно“ му паднало на земја со цел да запре покрај Марк и речиси нечујно да разговара со него. Кога нашле безбедно место за првиот разговор, Фишер го прегрнал Соколов. Претходно тој немал видено колеги-агенти цела година.

Вилијам Фишер со своите слики

Во 1955 година Фишер се вратил во СССР извесно време за да се прости од Рудолф Абел, кој починал ненадејно како последица на срцев удар. Кога ја продолжил мисијата, Москва го сменила неговото лице за врска. Меѓутоа, агентот што требало да дојде кај Фишер загинал во бродолом. Соколов се сеќава дека Фишер го „познавал и длабоко жалел за него“. Тогаш Москва испратила друго лице за врска. Неговото име било Рејно Хејханен под коден назив „Вик“, кој имал лоша репутација и сериозни проблеми со алкохолот.

Рејно Хејханен

Фишер сфатил дека Хејханен не е сигурен човек. Во мај 1957 година Москва го отповикала Вик во СССР за да прими награди, но тоа всушност бил начин за да се врати со цел да биде отпуштен од служба. Хејханен го сфатил тоа, заминал во Париз, се вратил во американската амбасада и открил сè што знаел за Фишер. Внимателниот агент решил да не избега, ами да ги уништи важните документи. Уапсен е во хотелската соба што ја користел за радиокомуникација. Не успеал да ги запали личните писма од жена си и од ќерка си напишани на руски јазик. Подоцна овие писма беа прочитани на суд, и луѓето поради тоа имаше поголеми симпатии кон Фишер, одошто кон Хејханен.

Рудолф Абел во американски суд

Фишер ја отфрлил понудата да работи за американската влада и на Американците не им кажал ниту една информација за себе и за својата работа. Се претставил како Рудолф Абел. За среќа, не беше осуден на смрт. Во своето прво писмо до сопругата од затвор во 1958 година пишува дека е осуден на 30 години, но дека се чувствува добро додека се занимава со математика и со сликање. По некакво чудо одлежа само пет години пред да биде предаден на СССР во замена за Пауерс.

Меморијална поштенска марка со Рудолф Абел.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња