Како советски шпион случајно стана амбасадор на Костарика во Рим, Ватикан и во Југославија?

Јосип Броз Тито и Теодоро Кастро (Јосиф Григулевич)

Јосип Броз Тито и Теодоро Кастро (Јосиф Григулевич)

Музеј на Југославија (CC BY-SA 3.0)
Во текот на својот неверојатен живот Јосиф Григулевич беше амбасадор, писател и ликвидатор подготвен да стави крај на животот на Тито штом добие наредба од Москва.

На 25 април 1953 година Јосип Броз Титов си муабетеше со новоименуваниот амбасадор на Костарика во Белата куќа во Белград по официјалната церемонија на која му беа врачени акредитивните писма.

Тито, меѓутоа, немаше поим дека човекот што е пред него е всушност советски шпион и ликвидатор кој е подготвен да стави крај на неговиот живот штом за тоа ќе добие наредба од Москва.

Регрутација

Јосиф Григулевич често се опишува како еден од најскапоцените тајни агенти на советската разузнавачка служба и истовремено како мошне плоден писател и научник чии главни интереси беа на полето на историјата.

Се смета дека овој човек, надарен со необична комбинација на таленти, беше надарен дипломат, исклучителен научник и немилосрден убиец, особини кои се среќаваат кај различни личности, но ретко во една.

Григулевич (Кастро) со сопругата, Бразил 1946 година.

Григулевич е роден во 1913 година во Литванија, тогаш дел од Руската Империја. Идниот шпион израснал во заедница на караимски Евреи, мала етничка група Евреи кои се издвојуваат од пошироката еврејска заедница.

Како и многу образовани момчиња од тоа време Григулевич страсно ги прифатил радикалните идеи на меѓународниот комунизам и на светската револуција, која ветуваше утописко исчезнување на класите и на нациите. Тоа беше привлечно за некој што има можност да го доживее издигнувањето на национализмот и антисемитизмот во Европа.

На 18 години Григулевич станал активен член на полско-литванското илегално комунистичко движење. Уапсен е, затворен и подоцна протеран во Париз, каде се запишал на Сорбона на насоката за општествени науки, истовремено учествувајќи во активностите на Коминтерната.

По наредба на Коминтерната младиот активист во 1934 година се преселил во Аргентина за да работи на вклучување на локалните еврејски и полски имигранти во меѓународното комунистичко движење.

Во 1936 година се приклучил на републиканските сили во Шпанија, кои СССР ги поддржуваше во борбата против националистите. Набргу Григулевич беше воочен од страна на советската разузнавачка служба.

Една година по доаѓањето во Шпанија Григулевич бил регрутиран во редовите на НКВД од страна на Александар Орлов, човекот кој подоцна пребега во Америка, плашејќи се од репресиите кои во СССР беа сè помасовни. Сепак, Орлов не го разоткрил статусот на Григулевич, овозможувајќи му да продолжи да работи за шефовите во Москва.

Ноќен упад

Ноќта на 24 мај 1940 година 20 вооружени луѓе се собрале во куќата во Мексико Сити во која живеел Лев Троцки, главниот политички непријател на Сталин во егзил. Вооружените луѓе носеле униформи на мексиканска војска и полиција, но не им припаѓале на овие структури.

Лев Троцки

Напаѓачите влегле во куќата и ја изрешетале собата во која спиел Троцки. Јосиф Григулевич бил еден од луѓето кои биле вмешани во обидот за атентат на Троцки што го смислил шпионот на Сталин Павел Судоплатов.

Иако ѕидовите биле густо издупчени, Троцки преживеал, криејќи се под креветот. Групата, која била искусна во војување, но немала искуство во изведување атентати, не проверила дали жртвата е мртва, набрзина напуштајќи го местото на злосторството.

Овој неуспех го разбеснил Берија, но Сталин одлучил да им ги поштеди животите на агентите вклучени во операцијата. Григулевич, одликуван со Црвена ѕвезда по уште еден неуспешен обид за атентат врз Троцки, бил вратен назад во Аргентина, каде ги минал следните осум години, главно заробен, додека во Европа беснеела војната.

Амбасадор

Според Андреј Знаменски, професор по историја на Универзитетот во Мемфис, Григулевич мајсторски го искористил бранот на антикосмополитска кампања кој започнал во СССР по војната. Кампањата била насочена кон „откривање“ на „немилосрдните космополити“ кои често биле со еврејско потекло. И покрај своето потекло Григулевич успеал да го преживее овој период, пишувајќи рецензија за книгата која даде научна основа за прогонот на еден друг еврејски писател и научник Лев Зубков.

Кога подоцна го прашале што го мотивирало во оваа фаза од животот да ја поддржи партијата, Григулевич рекол: „Стравот! Стравот од можните последици што не направив ништо, што не ја извршив наредбата“.

Сепак, тој несреќната ситуација успеал да ја сврти во своја корист.

„Маневрирајќи низ минското поле на космополитските замки, ги увери своите надредени дека е сигурен и лојален. Конечно му е одобрено советско државјанство, како и учество во нова шпионска задача во Италија кон крајот на 1949 година“, пишува Знаменски.

Претставувајќи се како вонбрачно дете на покоен костарикански аристократ, Григулевич добил државјанство на Костарика и под името Теодор Кастро започнал да се движи во заедницата на емигранти од оваа земја во Италија. Сосема неочекувано, именуван е за амбасадор на Костарика во Рим, во Ватикан, а потоа и во Југославија.

Дипломатскиот пасош на првиот секретар на амбасадата на Костарика во Италија Теодор Кастро, 1951 година.

„Неговите советски шефови, провинцијални бирократи кои минале низ Големиот терор и стравувале од каква и да е иницијатива, најпрво биле згрозени, па дури и вознемирени поради ваквиот авантуризам и отвореното кршење на разузнавачките протоколи. Сепак, кога подобро размислиле, сесрдно го прифатиле неговиот нов статус, го отстраниле од обичните шпионски задачи и му довериле собирање разузнавачки податоци“, пишува Знаменски.

Во текот на следните години Григулевич на Кремљ му обезбедил непроценливи информации што ги добил благодарение на специфичната позиција како странски амбасадор.

Во извесен момент Григулевич бил можен кандидат за задачата за атентат врз југословенскиот претседател Јосип Броз Тито, но смртта на Сталин ги променила овие планови.

Веднаш по смртта на Сталин новото советско раководство го отповикало Григулевич во СССР, а кога стасал, го исклучиле од разузнавачката служба како еден од помагачите на Сталин.

Иако организацијата за која работел сиот свој живот го напуштила, Григулевич тоа го доживеал како можност да се посвети на својата друга страст: историски истражувања, академско и популарно пишување.

Во следните години Григулевич ја одбранил дисертацијата за политиката и финансиите на Ватикан и објавил голем број книги и истражувања за католичката црква, папството, инквизицијата, како и биографии на различни латиноамерикански револуционери..

Јосиф Григулевич

До 1960 година Григулевич стекнал углед како писател и научник и станал соработник на Институтот за антропологија (денес Институт за антропологија и етнологија).

Григулевич толку брзо и интензивно пишувал и објавувал нови книги, што се зборувало дека ангажирал други писатели како помагачи, но подоцна ова беше отфрлено.

Јосиф Григулевич почина во 1988 година во Москва.

„Знаете во што се состои неговото мајсторство? Секој, речиси секој, има некаков талент. Григулевич своите таленти ги искористи 1.000 отсто. Во животот немаше ништо: никакво хоби, никаква забава. Се сеќавам само на неговиот накривен грб и на неговото пишување [...] За него читањето беше рекреација“, изјави неговата ќерка Надежда Григулевич.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња