Како војниците на Наполеон станувале руски Козаци

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Од „страшните и сурови“ руски Козаци во Европа на почетокот на XIX век се плашеле повеќе од оган. Сепак, тоа не ги спречило некои „цивилизирани“ француски офицери со задоволство да стапат во козачките редови.

„Огромни по раст, со шубари набиени на челата, ги ширеа очите преполни со суровост, тресеа со копјата, облеани со крв, додека на вратот им висеа ѓердани од човечки уши и синџирчиња за часовници...“ – вака Французите ги замислувале Козаците кои во состав на руската војска 1814 година навлегоа на територијата на нивната земја.

Нерегуларните козачки полкови, толку успешни против Наполеоновата „Голема армија“ при нејзината инвазија на Русија и во борбите во Европа што следеа, биле вистинска егзотика за жителите на Франција. Во свирепите брадести „северни мечки“ кои влевале страв во коските тие виделе израз на „руското варварство“.

Затоа е особено изненадувачки што цела низа офицери и војници на Наполеон доброволно, па дури и со голема желба стапиле во редовите на руските Козаци. Како се случило тоа?

Долг пат

Над 400 илјади војници на „Големата армија“ стапнале на територијата на Руската империја летото 1812 година. А подоцна од Европа им се придружиле резерви од уште 200 илјади луѓе.

До крајот на годината од целата таа огромна маса луѓе заедно со императорот, само 80.000 ја напуштиле оваа негостољубива земја, додека од 300 до 400 илјади загинале во битките, умреле од глад, болест или дезертирале. Околу 200 илјади, вклучувајќи „48 генерали и 4.000 офицери“, биле заробени.

Држењето на толку голем број затвореници во опустошениот западен дел на империјата било практично невозможно и „за да не го оптоваруваме населението и да спречиме нивно бегство“, Французите почнале да ги праќаат во конвои на исток, во длабочината на пространата земја.

Властите се труделе да им обезбедат на Французите доволно храна и соодветна облека, но сепак до местото на заточеништво главно пристигнувале во зима облечени во лесни летни униформи. Заробениците умирале од смрзнување и епидемии на „малигни и заразни болести“ поради кои жителите на градовите и селата на кои наидувале решително одбивале да ги пуштат во близина на нивните домови.

Меѓутоа, многумина го совладале тој тежок пат. Така, до Оренбуршката губернија (на границата со денешен Казахстан), каде што на крајот и се појавиле француските Козаци, стигнале речиси 170 офицери и над 1.700 пониски чинови на некогаш големата Наполеонова армија.

Нов дом

Во толку оддалечена област немало никаква смисла да се држат заробениците под постојан надзор. Тие и онака немале каде да одат: растојанието од Оренбург до западната граница на Руската империја била повеќе од 2.000 километри.

Офицерите добивале парично следување државата, па дури и изнајмувале станови. Освен тоа, со задоволство им нуделе сместување во своите домови локалните благородници кои биле маѓепсани од далечната Франција. Додека обичните војници, кои добивале значително помалку пари, биле сместувани во селски семејства, каде гостопримството го плаќале со тешка физичка работа.

Населението кое не ги доживеало непосредно последиците од француската инвазија, кон своите привремени гости се однесувало воздржано. Главен услов за соживот било почитувањето на локалните обичаи и начинот на живот.

Најпрвин враќањето во татковината им било дозволено, веќе во 1813 година, на Германците кои служеле во „Големата армија“ им беше дозволено да се вратат во својата татковина, а на 14 декември 1814 година бил објавен манифест според кој „сите заробени Французи се ослободени“.

Се покажало дека многу од нив решиле да не ја напуштат „дивата Русија“. Додека во Европа уништена од војната нивната иднина била многу магловита, овде ги гледале како претставници на висока култура и со задоволство им нуделе место на воспитувач на благороднички деца, добра плата и покрив над главата. Вкупно околу 60.000 француски затвореници изразиле желба да станат руски поданици.

Французи-Козаци

Во Оренбуршката губернија имало педесетина Французи кои посакале да останат во својата нова татковина. Тие интензивно го учеле рускиот јазик, го примиле православието, а оние кои не се решиле да ја сменат верата, сепак почнале да се крстат пред иконите и пред јадење.

Во градот Бирск, еден претприемнички Французин отворил „Париско кафé“. Други организирале успешен бизнис со производство и продажба на сламени шешири за локалните љубителки на модата или декоративни зарови кои биле многу популарни.

А некои од нив решиле да направат неверојатен чекор за Французи, односно да станат оние од кои се плашел секој „цивилизиран“ човек - „диви“ Козаци. На крајот на 1815 година, првите пет доброволци им се приклучиле на Оренбуршките козачки сили.

Авторот на монументалниот „Речник на великорускиот јазик“ Владимир Даљ се присетува како при неговата посета на Урал во 1833 година лично се сретнал со таков Французин-Козак: „Него го заробиле нашите Козаци 1812 година, го донеле овде, на Урал; се одомаќил, се оженил и стапил во редовите на Козаците - така го добивме францускиот Козак Шарл Бертуа!“

Не е познат точниот број на Французи кои изразиле желба да им се придружат на Козаците. Утврдено е дека на крајот на XIX век во редовите на Оренбуршките сили имало 48 потомци на заробеници од „Големата армија“.

Некои деца на Французите кои им се придружиле на Козаците успеале да направат брилијантни кариери. Така, на пример, синот на Дезире Д'Андевил Виктор стигнал до чин генерал и успеал да се истакне во Руско-турската војна 1877-1878 година, како и во воените походи за припојување на Централна Азија кон Руската империја.

Со текот на времето Французите-Козаци сè повеќе го губат својот француски идентитет. Не сакајќи да се издвојуваат меѓу соборците, тие масовно ги менувале презимињата, приспособувајќи ги да звучат руски. Така, на пример, внуците на офицерот Жан Жандре веќе го смениле своето презиме во Жандров. До почетокот на XX век Наполеоновите „Козаци“ биле дефинитивно асимилирани.