Кубањски Козаци. Фотографија од крајот на 19 век. Извор: РИА Новости.
Не може да се каже кратко и јасно: „козаштвото се појавило таа и таа година“, иако е вообичаено историјата на Козаците да се смета од 15 век, кога тој назив почнува сè почесто да се споменува во историските документи.
Зборот „козак“ во турските јазици значи „слободен човек, авантурист, талкач“. Од истиот корен потекнува и називот на денешните Казахаси, народ кој живее во Казахстан (каз. Қазақстан)
Бегството од феудалното угнетување, гладот, сушата, болестите, прогоните на старообредниците и други неволи ги приморувале активните и енергичните луѓе од цела Русија, во потрага за подобар живот, да заминуваат на територии кои фактички не биле ничии, односно на немирните степски граници на Источна Европа, во долните текови на Днепар, Дон, Терек, Волга и Урал. Таму, на бреговите на големите реки, се формирале заедници од по неколку илјади Козаци кои имале самоуправа и постојано војувале со соседните држави и племиња. Козаците војувале против своите соседи (против Московското царство, Кримскиот канат, Турција и против полско-литванската Посполита), а во случај на потреба привремено склопувале сојузи со довчерашните непријатели. Контролирале многу трговски патишта и земале данок од караваните за поминување преку нивната територија, а понекогаш едноставно ги пљачкосувале.
Денес ликот на Козакот е непрекинливо поврзан со коњот, но сите Козаци на почетокот не биле коњаници. Одредите на козачката пешадија се сочувани речиси до денешно време.
Што може да се каже за потеклото на Козаците? Современите истражувачи сметаат дека во нивната етногенеза покрај очигледно руските и источнословенските компоненти можеле да учествуваат и монголско-тусрските и кавкаските народи. И навистина, и во наше време често се среќаваат црномурести потомци на Козаците. Секогаш зборувале на дијалекти на рускиот јазик, кои биле разбирливи за сите жители на Русија, доколку не се земат предвид определени зборови. Козаците никогаш немале некој посебен национален идентитет, но затоа сталешкиот и верскиот (православен) идентитет кај нив отсекогаш бил мошне изразен.
Денес Козаците се изјаснуваат како Руси, но посебни Руси. Во вакви случаи стручњаците зборуваат за „субетнос“
Православниот идентитет на крајот на краиштата и ги довело Козаците под закрилата сè помоќната Московска, а потоа и Руска империја, каде на почетокот имале статус на вазали. Козаците на своите територии имале и сопствени закони, односно своевидна козачка демократија. Самите себеси си избирале командири, и тоа само за време на воените походи, додека во останатото време биле еднакви.
Илја Репин: Запарошки Козаци му пишуваат писмо на константинополскиот султан (1880-1891). Руски државен музеј, Санкт Петербург
На Днепар во 16-17 век постоела козачка „држава“ и се нарекувала Запарошка Сеча, а европските патеписци од тоа време ја нарекувале „христијанска република“ и во неа наоѓаат многу сличности со витешките ордени
Царската власт во 17 и 18 век непрекинато вршела притисок врз Козаците, обидувајќи се на сите начини да ја ограничат нивната слобода, и сосема е разбирливо тоа што таа наидувала на жесток отпор. Козачките атамани во повеќе наврати кревале востанија против Москва, поттикнувајќи на буна и илјадници селски жители. Најпрво во 1670-1671 година Степан Разин застанал на чело на големото востание против царот Алексеј Михајлович, потоа Кондратиј Булавин против Петар Велики, а по него Емелјан Пугачов против Екатерина Велика. Запарошката Сеча во 18 век била распуштена токму зашто била инаетлива. Козаците кои ѝ биле лојални на царицата тогаш се преселиле во Кубањ (Северен Кавказ), а дел од Запарошците заминал на територијата на Османската империја и таму ја формирал Задунавската Сеча, лојална на турскиот султан. Определени Козаци дошле дури и до Војводина, каде им служеле на Хабсбурзите на австриско-турската граница.
Ветар од Исток
Козаците заедно со руските трговци, индустријалците и војниците дале голем придонес во култивирањето на подрачјето на денешен Казахстан – го основале големиот град Уралск во западниот дел на Казахстан, како и историската престолнина на републиката Алма-Ата, која до Октомвриската револуција се нарекувала Верни
Но, сепак, за време на мирот со Козаците царската власт и покрај сложените односи ги користела за ширење на територијата на земјата. Непроценлива била улогата на Козаците во покорувањето и во култивирањето на Урал, Сибир и Далечниот Исток, а со тоа и на Руската Империја. Козаците основале многу денешни градови во овие подрачја, а меѓу нив се и престолнините на руските области и автономии: Иркутск, Хабаровск, Омск, Томск, Јакутск, Благовешченск, Петропавловски-Камчатски, Оренбург, Краснојарск, Краснодар, па дури и Грозни. И ова не е целиот список. Козаците дошле до Тихиот океан, но тој не ги запрел. Козакот Дежњов во 1648 година ја открил Америка од азиската страна и овозможил ширење на Русија на Алјаска.
Константин Маковски. Запарошки Козак (1884).
Заземањето огромни територии од Евроазија кои денес се неразделен дел од Русија и потпора на нејзината економија (тука се концентрирани главните наоѓалишта на нафта, гас, злато и на други руди) од една страна се одвивало со поддршка и со стратешко осмислување и според директен указ на рускиот монархиски двор, а од друга била во согласност со тежнеењето за независен и за слободен живот подалеку од царот и од власта, а токму таков пристап бил култивиран меѓу Козаците. Не треба да се заобиколи фактот дека Козаците поради својата приодна суровост (од мали нозе се воспитувани како војници) биле груби, па дури и брутални кон локалното население.
Ниту еден автохтон народ на Урал, Сибир или на Далечниот Исток не е истребен за време на руската (првобитно токму козачката) колонизација.
Од друга страна, Козаците ги поставиле и темелите на мирната коегзистенција на рускиот народ и на автохтоните жители на колонизираните подрачја. Тие никогаш не ги истребувале автохтоните племиња, како што тоа масовно го правеле западноевропските освојувачи за време на освојувањето на други делови од светот (двете Америки, Австралија).
Елитен сталеж
На секој млад донски Козак неговите роднини биле должни да му купат коњ, копје, сабја, пушка, јатаган, два пиштола и по два комплета летна и зимска униформа
Кога започнало востанието на Емелјан Пугачов, Империјата решила повеќе да не влегува во конфликт со Козаците, така што тие конечно стануваат моќен воен сталеж и оттогаш Козак се станува само со раѓање. Нивна главна обврска била да ја чуваат границата на Империјата и да учествуваат во воените походи. За својата служба од царот добивале привилегии: огромни парцели, даночни ослободувања, како и внатрешна самоуправа, а донските Козаци покрај другото и територијална автономија, Областа на Донската војска. Властите решиле да не стапуваат во конфликт со Козаците, а за возврат од нив добиле безрезервна поддршка. Оттогаш Козаците му се лојални на царот и во тој поглед биле еден од најлојалните сталежи во Руската Империја, а згора на тоа биле одлично (само)организирани. Сите биле вооружени, добро обучени во ракувањето со оружје и секога ш подготвени да ја пролеат својата, но и туѓа крв „за варот и за православната вера“.
Своето врв козаштвото го достигнало во 19 век. Донските Козаци на атаманот Матвеј Платов заедно со победоносната руска армија го докрајчиле Наполеон и го зазеле Париз, подарувајќи ѝ на Европа и на светот нов лик на бестрашен, непобедлив и беспоштеден коњаник и рускиот збор „бистро“ (на руски „быстро“ значи „брзо“). Козаците биле оние кои за време на Николај Први го задушиле востанијата на територијата на Русија (во Полска) и во 1848 година го спасувале соседното Хабсбуршко царство од Унгарците. Тука се нашле на иста страна со Србите – австриските поданици лојални на Виена. Козаците во 1878 година заедно со руската армија ги разбиле Турските Османлии и им ја донеле конечната победа на народите од Балканот: на Бугарите, Србите и на Романците.
Козаците учествувале и во задушување на народните востанија, но и храбро војувале на фронтовите на Руско-јапонската и на Првата светска војна, а од 1918 година на нивната територија избувнува страшна, драматична и крвава граѓанска воја. Но, козаштвото во 20 век е посебна приказна.
Интересни факти
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче