Како малолетник во СССР беше осуден на смрт и стрелан за страшно злосторство

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Злосторството на Аркадиј Нејланд го шокираше целиот Советски Сојуз. Луѓето излегуваа на митинзи и демонстрации барајќи момчето да биде погубено.

Во утринските часови на 27 јануари 1964 година, во еден стан во зградата бр. 3 на улицата „Сестрорецкаја“ во Ленинград (денес Санкт Петербург) некој заѕвонил на вратата. Отворила 37-годишната сопственичка на станот Лариса Купреева. Пред вратата стоело момче кое се претставило како поштар и побарало дозвола да влезе.

Кога сфатил дека во станот нема никој освен жената и нејзиниот тригодишен син Јура, „поштарот“ одеднаш извадил скриена секира и со неа ја удрил Лариса 17 пати. Откако ја убил мајката, веднаш го убил детето. За да криците на жртвите не ги привлечат соседите, криминалецот до даска пуштил музика на магнетофонот.

Аркадиј Нејланд извршил двојно убиство ден пред неговиот петнаесетти роденден. По убиството, тој ги пребарак сите плакари во станот, ги зел парите што ги нашол и дел од оделото на сопругот на Лариса, кој во тој момент бил отсутен, куфер и фотоапарат. Со тој фотоапарат направил неколку фотографии од мртвата жена во непристојни пози, надевајќи се дека подоцна ќе ги продаде.

Нејланд потоа мирно појадувал во кујната, а на крајот ги пуштил сите пламеници на шпоретот на плин и го запалил станот со намера во пожарот да ги скрие трагите од своето страшно злосторство...

Сакал да стане волк

За одлуката на Аркадиј да тргне по патот на криминалот во голема мера придонело неговото семејство. Очувот често пиел и пијан го тепал детето, а и мајката сакала да пие и не го спречувала сопругот. Момчето веќе на седум години почнало да бега од дома и во милицијата било евидентирано како проблематично дете.

На училиште во повеќе наврати го фатиле како краде пари и работи од другите ученици. Аркадиј бил интелигентно дете, но не сакал да учи, па на дванаесет години бил исфрлен од училиште поради лошиот успех. Се вработил во фабрика, но и таму продолжил да краде.

На четиринаесет години физички веќе бил доста развиен и почнал да се занимава со ограбување на осамени минувачи и станови. Меѓутоа,  некако секогаш останувал неказнет. Бил приведен на 24 јануари 1964 година, но успеал да побегне.

Токму тогаш Нејланд решил да изврши некое поголемо злосторство, некое „страшно убиство“, со заработените пари да отпатува во Сухуми (денес во Абхазија) и да се насели таму. Го избрал станот на несреќната Лариса Купреева (нејзината врата била обшиена со кожа, што во тоа време се сметало за луксуз). „Млад волк кој се подготвувал да стане волчиште“ - вака Аркадиј бил окарактеризан од мајорот на милицијата Виталиј Лесов.

На трагата на убиецот

Малолетниот злосторник не успеал да го запали станот што го опљачкал. Соседите почувствувале мирис на гареж и ги повикале пожарникарите кои ги пронашле телата.

На местото на убиството биле пронајдени крвави отпечатоци и нагорена секира. Жителите на зградата посведочиле дека виделе како во близина се „мотка“ некое непознато „момче од околу петнаесет години со дебели усни“.

Сите траги воделе до Аркадиј Нејланд, стариот познаник на ленинградската милиција. Веќе на 30 јануари бил уапсен на станицата во Сухуми и вратен во родниот град.

Посебен случај

Нејланд за време на сослушувањето без двоумење одговарал на прашањата и ги опишал сите околности на двојното убиство. На прашањето зошто му требало да убие немоќно дете, тој одговорил дека му пречел детскиот плач.

Аркадиј бил убеден дека како малолетник нема да добие најстрога казна. Според Кривичниот законик на РСФСР, таа мерка не можела да им биде изречена на лица кои не наполниле 18 години.

Меѓутоа, се случило нешто што малолетниот убиец не можел да го предвиди. Случајот предизвикал голем одзив во јавноста. „Бев фасциниран од кампањата што беше покрената кога јавноста дозна дека е уапсен убиецот на Купрееви“, напишал подоцна Лесов. „Почнаа митинзи и собири, во весниците се појавија барања не само да одговара пред законот, туку и да биде осуден на смрт со стрелање. Се бараше да се испрати барање до Претседателството за одобрување за можноста за изрекување најстрога казна да се прошири и на Нејланд“.

Околностите на овој случај дошле до државниот врв и на 17 февруари 1964 година Претседателството на Врховниот совет на СССР донело одлука дека најстрогата казна може да се изрече на малолетници. Злосторството извршено од Аркадиј не било опфатено со таа одлука, но во неговиот случај бил направен исклучок „поради посебната бруталност, ладнокрвноста и цинизмот“ на извршеното двојно убиство.

Нејланд бил осуден на смрт со стрелање на 23 март 1964 година. Шокираниот злосторник, чија молба за помилување била одбиена, долго време не можел да поверува дека го чека толку страшен крај.

Во дневникот на затворскиот лекар е зачувана оваа белешка: „Ноќеска беше побарана итна интервенција за Аркадиј Нејланд. Доби напад на хистерија. Удираше во железната врата и викаше: „Не сакам да умрам! Не сакам!“ Пресудата била извршена на 11 август истата година.