Анкета покажува колку граѓани на Русија бараат воведување на смртна казна

Global Look Press
69% од руските граѓани сметаат дека за одредени злосторства треба да се изрече смртна казна. Повеќе од половината (52%) сметаат дека оваа казнена мерка треба да се врати во рускиот правосуден систем, додека повеќе од една третина (37%) сметаат дека одлуката од 1996 година за мораториум на извршувањето смртна казна била исправна.

Од граѓаните на Русија беше побарано да одговорат на прашањето  дали Русија денес треба да го врати извршувањето на смртната казна или целосно да ја укине оваа казнена мерка, или пак треба и понатаму да биде на сила мораториумот што претходно беше воведен. Според анкетата, 52% од испитаниците рекле дека „треба да се врати извршувањето на смртната казна“, 30% рекле дека треба да се придржува до мораториумот, т.е. да не се укинува смртната казна, но и да не се спроведува во пракса, а само 8% од испитаниците се за целосно укинување на најстрогата казна. Такви се резултатите од анкетата на Фондот „Јавно мислење“ („Общественное мнение“), соопштува агенцијата РИА „Новости“.

Според резултатите од анкетата, мнозинството граѓани на Русија (69%) сметаат дека за одредени злосторства треба да се изрекува смртна казна. Испитаниците главно ги наведоа сексуалната злоупотреба на малолетници (68%), убиство (57%) и тероризам (53%). Спротивно мислење имаат 21% од испитаните граѓани.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека скоро половина од граѓаните на Русија (45%) сметаат дека Русија не постапила правилно кога го вовела мораториумот во 1996 година според кој судот може да изрече најстрога казна но таа пресуда не се спроведува на дело, 37% од испитаниците имаат спротивно мислење, додека 18% не можеше да одговори на ова прашање.

Темата за можноста за воведување на смртна казна беше покрената по убиството на едно деветгодишно дете во Саратов, кога девојче исчезна на патот од дома до училиште и подоцна беше пронајдено мртво. Државната Дума по тој повод на својата страница на социјалните мрежи го постави прашањето дали во Русија треба да се врати смртната казна.

Мораториумот на смртната казна е на сила откако Русија стана членка на Советот на Европа, т.е. од 1997 година, кога беше потпишан Протоколот бр. 6 со Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, поврзан со укинувањето на смртната казна. Последната смртна казна во Русија беше изречена во 1996 година. Прашањето за евентуално анулирање на мораториумот беше поставувано во повеќе наврати, но без понатамошни консеквенци. На пример, Државната Дума во мај 2015 година одби да воведе смртна казна за тероризам.

Анкетата на „ФОМнибус“ беше спроведена на 26-27 октомври во 104 населени места во 53 региони на Руската Федерација. Учествуваа 1500 испитаници. Статистичката грешка не надминува 3,6%.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња