Зошто Русија им ги поштедува животите на сериските убијци?

Наталија Носова
Веќе две децении во Русија ниту еднаш не е изречена смртна казна. Во нејзината историја ваквите периоди се вистинска реткост.

Еден од последните злосторници кој е погубен е Андреј Чикатило, најозлогласениот сериски убиец во историјата на Русија. Има заклано над 50 луѓе – жени и деца. Чикатило го молеше судот да му го поштеди животот, а претседателот Елцин го замоли „како Наполеон да го испрати на пуст остров или во тајга кадешто живеат тигри“.

Меѓутоа, руските власти беа непоколебливи. Овој психопат беше стрелан во 1994 година. Но, да можеше да живее само уште две години, Чикатило ќе го искористеше мораториумот на смртна казна што Русија го стави во 1996 година по влезот во Советот на Европа. Оттогаш никој во Русија не е осуден на смрт.

„Во спротивност со принципите на хуманост“

Споменаиот мораториум истече во 2009 година, но Русија реши да ја продолжи забраната за погубување, а Уставниот суд официјално им забрани на судските органи за изрекуваат смртна казна.

„Враќањето на смртната казна би било во спротивност со принципите на хуманост“ изјави за RT Вадим Виноградов, експерт за прво на Серускиот државен правен универзитет.

Многумина граѓани на Русија не го поддржуваат овој став. Според анкетата од 2017 година што ја направи невладината организација „Левада центар“, 44% од испитаниците сметаат дека повторно треба да се воведе смртната казна. Дури и Владимир Жириновски, претседателски кандидат на изборите во 2018 година (инаку познат по инсистирање на популистички теми), го стави враќањето на смртната казна во својата политичка програма.

Сепак, социолозите велат дека бројот на приврзаници на смртната казна и понатаму се намалува, така што наскоро не треба да се очекува промена на официјалниот став.

„Мислам дека би било голема грешка доколку Русија во сегашните околности започне да практикува погубувања“, вели адвокатот Андреј Билецки за порталот Газета.Ru. „Доколку судската власт е корумпирана, тогаш изрекувањето на пресудата може да биде начин за пресметка со жртвата, што значи дека може да има грешки“.

А, грешките се неизбежни. На пример, познатиот злосторник Александар Кравченко во 1983 година беше погубен за злосторство што го има извршено Чикатило.

Времињата се менуваат

И Русија, како и други земји, мина низ историски периоди на сурови казни. Тие се менуваа со поблаги периоди, но суровоста, како и на други места, имаа подлабоки корени. Законите на Иван Грозни (кој владеел од 1547 до 1584), предвидувале смртна казна за кражба, за убиство и за пљачка. Во тој период постоеле наденувањето на колец и фрлање на осуденикот во зовриена вода, масло или вино.

Сепак, Иван Грозни не бил најсуровиот владетел во Европа. Дури и тој напишал писмо во кој ја осудува Франција за масакрот на Денот на свети Вартоломеј во 1572 година, кога само во Париз биле погубени 2.000 протестанти.

Царска милост

Во 18 век руските владетели биле похумани. Императорката Елисавета во 1744 година ја забранила смртната казна. Современиот писател и историчар Борис Акунин вели: „Во Русија 20 години никој не бил погубен. Тоа е уникатна појава. Во ниту една друга европска држава немало таков период. Секако, за пофалба е тоа што ние сме биле први“.

Наследниците на Елисавета се обиделе да го избегнат изрекувањето смртна казна, но наместо тоа практикувале казни кои секако ги уништувале човековите животи. „Тие не убивале злосторници, ами ги праќале на тешка работа во Сибир, со конфискација на сиот нивен имот“, вели за RT историчарот Александар Музафаров.

Во 19 век смртната казна е почесто применувана, што не е чудо со оглед на убиствата што ги организирале револуционерите. Од 1805 до 1905 година погубени се околу 300 лица. Но, уште повеќе крв се пролеала откако бил симнат царот од власта.

Најкрвавиот век

Уште пред револуцијата во 1917 година во Русија имало многу погубувања. Во рамките на борбата против обидите за симнување на монархијата 1905-1913 изречени се 3.000 смртни пресуди.

„За време на владеењето на царот Николај Втори и општествените активисти и научниците биле против смртната казна, но таа и понатаму останала на сила во Русија“, пишува историчарот Олег Шишов во својот труд посветен на смртната казна.

Револуцијата не донела никакво подобрување во овој поглед. И Привремената влада и болшевичката власт прогласиле укинување на смртната казна, а подоцна повторно ја вовеле. Во Граѓанската војна 1918-1922 „револуционерниот суд“ имал право да погуби обвинет без одлука на цивилниот суд. Така само во 1920 година се погубени 6.500 лица.

Подоцна СССР зазел похуман став кон смртната казна, но главно на хартија. „Формално гледано, државата секогаш ја третирала смртната казна како вонредна и привремена мерка. Оваа казна, сепак, не е укината ни во текот на дваесеттите, ниту во текот на триесеттите години од минатиот век“, пишува Шишов.

Во времето на Сталин џелатите имале полни раце работа. Според началникот на КГБ Владимир Крујков, од 1930 до 1953 година по одлука на судот погубени се 768.000 лица.

По смртта на Сталин судската власт продолжила да изрекува смртни пресуди, за волја на вистината со помал интензитет. Така од 1961 до 1984 година погубени се 13.000 лица. Со оглед на ваквата статистика, мораториумот на Елцин е навистина чекор напред, а оваа негова одлука во блиска иднина најверојатно нема да се доведува во прашање.

Прочитајте исто така Русија прва ја укинала смртната казна во Европа.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња