Најпознатите прекари на Таткото на сите народи: Зошто Коба и зошто Сталин?

Историја
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Јосиф Џугашвили имал над 30 псевдоними, но додека бил жив никој не можел да дознае како настанал неговиот најпознат прекар – Сталин.

Јосиф Џугашвили бил обично момче од сиромашно грузиско семејство, кој во 1894 година се запишал на богословија и се подготвувал да стане свештеник. Меѓутоа, на 15 години се сретнал со марксизмот, влегол во илегалните револуционерни групи и започнал сосема поинаков живот. Отприлика во тоа време започнал да си измислува себеси „имиња“. Години потоа запрел на најуспешното – Сталин. Овој прекар е познат како негово вистинско презиме – токму така останува запаметен во историјата. Како се случило Џугашвили да стане Сталин и што значи ова измислено презиме?

Коба

Псевдонимите во Русија биле мошне чести, особено меѓу револуционерите. Сите членови на партијата и револуционерите од илегала имале по неколку псевдоними, што им овозможувало на најразлични начини да ја збунат полицијата.

До 1917 година Џугашвили најчесто го носел псевдонимот Коба. Тоа е неговиот втор по ред најпознат псевдоним, по презимето Сталин.

Името Коба е мошне симболично за Грузија. Многу странски автори на биографијата на Сталин сметаат дека го позајмил од романот на грузискиот класик Александар Казбеги „Таткоубиец“. Во ова дело храбриот планинец Коба се бори за независноста на својата татковина. На младиот Сталин овој лик веројатно му бил близок, но треба да се има предвид дека јунакот на Казбеги не бил главниот прототип на неговиот псевдоним.

Коба е всушност грузиски еквивалент на името на персискиот цар Кавада Први, кој кон крајот на петтиот век ја освои Источна Грузија, по што Тбилиси 1.500 години бил престолнина. На Сталин повеќе му импонирала токму оваа историска личност, како политичка фигура и владетел. Дури и нивните животописи се неверојатно слични.

Меѓутоа, поради историските околности, веќе во 1911 година се појавила потребата за промена на псевдонимот. Дејноста на Џугашвили се проширила надвор од закавкаскиот регион, неговите амбиции и врските со руските партиски организации растеле, а псевдонимот Коба бил прикладен само на Кавказ. Поинаквата јазична и културна средини барала и поинакво презиме. Во јануари 1913 година Џугашвили за првпат се потпишал како Сталин, и тоа во трудот „Марксизмот и националното прашање“.

Како настанал псевдонимот Сталин?

Одговорот на ова прашање долго време бил нецелосен. Додека Сталин бил жив, нити еден аспект од неговиот живот не можел да биде предмет на дискусии, истражувања, ниту хипотеза на некој историчар. Со работите кои се однесуваат на „Таткото на сите народи“ се занимавал Институтот за марксизам и ленинизам, во кој постоел фонд на Јосиф Сталин со строго доверливи материјали. Во периодот додека Сталин бил жив не биле спроведувани никакви истражувања на овој материјал. Дури и по неговата смрт ништо не се истражувало зашто култот на неговата личност бил осуден.

Но, веќе по револуцијата, на почетокот на дваесеттите години од минатиот век, во партиските кругови владеело мислењето дека зборот „Сталин“ претставува превод на руски јазик на грузискиот корен од презимето Џугашвили – „Џуга“ кој значи „челик“ (на руски „сталь“). Ова изгледало прилично едноставно. Токму оваа верзија повеќе пати се појавува во литературата за Сталин, па се сметало дека мистеријата е откриена.

Меѓутоа, излегло дека тоа е погрешно мислење што го прифатиле дури и Грузијците. Грузискиот драмски писател и поранешен затвореник во Сталиновите логори Кита Буачиѕе во 1990 година пишува: „'Џуга“ воопшто не значи 'челик“. 'Џуга' е мошне стар пагански грузиски збор со персиски призвук. Веројатно се проширил за време на владеењето на Иран во Грузија и претставува обично име. Како и кај многу имиња, неговото значење не може да се преведе. Име како име, како руското Иван. Значи, Џугашвили значи 'син на Џуга' и ништо друго“.

Излегува дека вистинското презиме на Сталин немало никаква врска со потеклото на псевдонимот. Кога тоа станало очигледно, се појавиле нови различни верзии. Меѓу нив е и приказната за тоа дека псевдонимот Сталин настанал од презимето на неговата истомисленичка и љубовница Људмила Стаљ. Уште една верзија гласи дека Џугашвили е единствениот во партијата кој избрал име што ќе звучи слично на Ленин.

Но, најинтересна хипотеза има изнесено историчарот Вилијам Похлебкин во својот научен труд. Според него, прототип за псевдонимот било презимето на либералниот новинар Евгениј Стефанович Сталински, познат руски издавач на периодика, која на руски јазик ја превел поемата на Руставели „Витез во тигрова кожа“. Сталин многу ја сакал оваа поема и се восхитувал на творештвото на Шота Руставели, па дури по повод 750-годишнината од раѓањето на писателот во 1937 година била организирана голема прослава во Бољшој театар. Меѓутоа, Сталин од некаква причина наредил едно од најдобрите изданија на ова дело да се отстрани. Така изданието од 1889 година со превод на повеќе јазици, вклучувајќи го и преводот на Сталински, било отстрането од изложбата и од библиографските описи и не се спомнувало во статиите за литература. Историчарот заклучува: „Сталин наредил отстранување на изданието од 1889 година, за 'тајната' на неговиот псевдоним да не биде откриена“. Така излегува дека дури и „рускиот“ псевдоним на Џугашвили бил тесно поврзан со Грузија и со спомените од младоста.