Valeriy1960 (CC BY-SA 4.0), Archive photo
Мавзолејот на Ленин претставува „креација“ на Сталин. Кога починал Ленин илјадници членови на Комунистичката партија дошле во Москва од целата земја да му оддадат последна чест на лидерот чие тело привремено беше изложено во Палатата на Советите во Москва.
Делегациите непрекинато доаѓале, а телото на Ленин во меѓувреме почнало да скапува. Токму тогаш по наредба на Сталин тоа било балсамирано и сместено во Мавзолејот. Ова било спротивно на волјата на Ленин и на силното противење на неговата вдовица Надежда Крупскаја, Мавзолејот првобитно бил направен од дрво, а потоа од гранит. И едниот и другиот ги има проектирано архитектот Алексеј Шчусев.
Кога во март 1953 година починал Сталин, неговиот погреб е организиран како помпезна и мрачна церемонија. Купиштата народ го парализирале сообраќајот во Москва и предизвикале стампедо кое однело десетина човечки животи. И телото на Сталин е балсамирано и по церемонијата е исто така сместено во Мавзолејот.
На врвот од Мавзолејот, на монолит од црн лабрадорит тежок 48 тони пишувало „Л-Е-Н-И-Н“. Власта во брзање наредила овој натпис да се пребои и преку него да се напише „С-Т-А-Л-И-Н“, но поради големото студенило, под дејство на мразот оригиналниот натпис „Л-Е-Н-И-Н“ ја пробил црната боја, како водачот на болшевиците да сакал да покаже кој е тука стопанот. На крајот во 1961 година монолитот со пребоениот „Ленин“ е заменет со нов монолит од лабрадорите каде биле напишани двете презимиња. Било наредено оригиналот да се уништи, но началникот на Мавзолејот Константин Мошков го зачувал, ризикувајќи поради тоа да биде стрелан (а, на крајот станал национален херој).
Подетално: Како Сталин со својата смрт отера во гроб десетина советски граѓани
На местото се беа појавиле два саркофага, па и вработени во Мавзолејот имало два пати повеќе зашто требало да се опслужат двете мумии. Телото на Сталин изгледало многу „полуксузно“ од она на Ленин. Бил во униформа на генералисимус украсена со златни копчиња и со еполети, со ордени на градите. Ленин бил (и остана) во цивилен црн костим без никакви награди и ордени. Се чинело дека Сталин како ученик направил во животот многу повеќе од својот учител Ленин.
По смртта на Сталин на власт дошол Никита Хрушчов и Советите решиле да раскрстат со темното тоталитарно минато. На 20 конгрес на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз во 1956 година Хрушчов го одржа својот прочуен говор во кој го осуди Сталин, култот на неговата личност и неговата диктатура. Во целиот СССР започнало отстранување на спомениците на Сталин. Беше јасно дека треба да се изнесе и од Мавзолејот, со оглед на тоа дека Сталин, според толкувањето на новата власт, ги предал идеите на Ленин.
Конечната одлука е донесена на 22 конгрес во Комунистичката партија. Формулирана е како молба на ленинградските работници која ја изнел партискиот функционер Иван Спиридонов на 30 октомври 1961 година. Така ситуацијата поврзана со овие два трупа стана уште поапсурдна. Познатата ученичка на Ленин и следбеничка на болшевикот, 80-годишната Дора Лазуркина, тогаш изјави дека претходниот ден се „посоветувала“ со Ленин. „Стоеше пред мене како да е жив и ми рече: 'Непријатно ми е да бидам покрај Сталин кој ѝ направи толкави грижи за Партијата'“.
Дора Лазуркина
Целик/SputnikОдлуката морала да биде извршена веднаш. Властите стравувале дека некој од советските граѓани кои сè уште го поддржувале Сталин можеби би можел да реагира или дури и да се побуни. Така на 31 октомври под закрилата на ноќта телото на Сталин е пренесено во лабораторијата под Мавзолејот, а потоа е изнесено и погребано пред ѕидините на Кремљ.
Зошто токму на Ноќта на вештерките? Многумина сметаат дека тоа е обична коинциденција. Но, на 30 октомври на архипелагот Нова Земја во Северниот леден океан тестирана е Цар-бомбата, најмоќното нуклеарно оружје што некогаш е направено, така што следниот ден насловните страници на сите весници пишувале за бомбата, а преместувањето и погребувањето на телото на Сталин минало речиси незабележано. Немало никакви протести или нешто слично, но операцијата сепак била држена во тајност.
Црвениот плоштад на 31 октомври бил затворен поради подготовката за парадата која била планирана за 7 ноември, кога се одбележува годишнината од Октомвриската револуција во 1917 година. Мавзолејот бил покриен со картон од сите страни, така што ни војниците кои парадирале на плоштадот не виделе ништо.
Од униформата на Сталин биле симнати сите украси и ордени, дури и златните копчиња и еполетите. Во изнесувањето и погребувањето учествувале триесетина најприврзани (и најмолчаливи) агенти на КГБ и воени лица. Не бил присутен никој од членовите на семејството на Сталин, ниту, пак, роднина. Неговото тело е ставено во дрвен ковчег, поклопецот е затворен со клинци, а гробот покриен со бетонска плоча. Сталин е единствениот човек кој е погребан пред ѕидините на Кремљ без опело, оркестар и почесна стрелба.
Плочата на гробот на Сталин
Људмила Пахомова/TASSСледното утро Мавзолејот повторно бил отворен, но во него бил само Ленин. Освен тоа, во текот на ноќта бил вратен оригиналниот монолит со единствен натпис: „Л-Е-Н-И-Н“. Излегува дека началникот Мошков направил добро што го зачувал.
Една година подоцна советскиот поет Евгениј Евтушенко кој отсекогаш му бил лојален на режимот објавил стихови во весникот „Правда“ под назив „Сталиновите наследници“ во кои го повикал советскиот народ засекогаш да се прости од тиран:
„И јас, обраќајќи им се на нашите власти, ги молам да има двапати и трипати поголема стража пред овие ѕидини, за Сталин повеќе никогаш да не стане, а ниту минатото заедно со него“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче