Зошто Сталин ја рехабилитираше Руската православна црква?

Global Look Press, Legion Media, Public domain
Откако ја презедоа власта во Русија болшевиците спроведуваа репресии против Руската православна црква. Сталин, иако е познат по својата суровост, работите во оваа сфера ги промени на подобро.

Постои една легенда за тоа дека зимата 1941 година, кога Германците се приближуваа на Москва, само чудо го има спасено градот. Наводно Јосиф Сталин наредил да се употреби моќта на православието за да се заштити престолнината. „Чудотворната икона на Богородица Тихвинска со авион е пренесувана над Москва. Така е спасена престолнината“, пишува православниот новинар Сергеј Фомин во својата книга „Русија пред второто Христово доаѓање“.

Но, не постои доказ дека Сталин, болшевик и атеист, одлучил да прибегне на олку необични мери во борбата против непријателот. Според својата можност, храброста и вештината Црвената армија е заслужна за одбраната на Москва во декември 1941 година, а не виши сили. Но, ваквите легенди остануваат мошне популарни. Една од нив вели дека Сталин ја посетил света Матрона Московска која му ветила победа, а друга, пак, вели дека тој му се молел на Бога за победа над Германија.

Овие легенди, иако не се вистинити, прават промена во односот на Сталин кон религијата која се случила за време на војната, што ги изненадило граѓаните на СССР и ги започнало гласините за тоа дека Водачот тајно исповеда православие. Две години по битката за Москва Сталин се сретнал со тројца највисоко великодостојници на Руската православна црква, му дозволил на свештенството да врши обреди, да ги слави Велигден и Божиќ, па дури ветил и дека ќе врати некои од манастирите (конфискувани по 1917 година) и дека ќе ги ослободи свештениците. Всушност, тој во атеистичката земја повторно го легализираше христијанството.

Пресврт?

Тројца митрополити, на чело со Сергиј Старогородски, местобустител и фактички поглавар на црквата, му се заблагодарија на Сталин по состанокот на мошне понизен начин: „Во секој ваш збор... почувствувавме срце кое пламти со татковинска љубов за своите деца... Руската православна црква гo почитува она што вие го чувствувате со своето срце кое живее заедно со рускиот народ, волјата за победа и светата должност да се жртвува сè за доброто на Татковината. Нека ве чува Бог во годините што доаѓаат, драг Јосиф Висарионович“.

Пофалбите упатени до водачот беа разбирливи: пред 1943 година православните христијани живееле во постојан страв. Антирелигиската пропаганда цутела. Во текот на репресиите во триесеттите години од минатиот век погубени се најмалку 100.000 лица, осудени во случаи поврзани со Црквата. Во земјата која го обожавала само комунизмот било опасно да се биде православен христијанин (или верник на некоја друга конфесија).

Важно е да не се заборави дека „драгиот Јосиф Висарионович“ беше еден од оние кои ги спроведуваа антицрковните репресии. Свештеникот Јов (Гумеров), коментирајќи ја легендата за тоа дека Сталин наредил над Москва во авион да се пренесува иконата, изјави дека „каков било обид свирепиот џелат да се претстави како верен христијанин е опасен и дека може да биде само штетен“. Навистина, Сталин не бил христијанин, но зошто тогаш го сменил односот кон православието?

Експлозија од храмот на Христос Спасителот

Практичен пристап

Сталин, циничниот и мудар водач, нема доживеано никакво откровение, ами едноставно знаел дека благиот однос кон православната црква е важен за победа во војната. Како прво, многумина советски граѓани и понатаму тајно имале религиозни чувства (што не било директно забрането), па „легализацијата“ на православието придонела да се одржи единството во војната, што било клучно. Како второ, сојузниците вршеле притисок врз Сталин да попушти во врска со прашањето за религијата. Прогонот на верниците бил лоша реклама кога зборуваме за меѓународниот углед на земјата. Како трето, во 1943 година Црвената армија ги ослободувала териториите кои претходно ги имаа окупирано Германците. Окупаторите, обидувајќи да добијат поддршка од народот, повторно ги отворале црквите кои болшевиците ги затвориле, а навистина би било бесмислено ослободителите повторно да ги затворат.

Сталин сето тоа го имал на ум и дејствувал во согласност со тоа. Неговиот биограф, историчарот Олег Хлевљук, запишал: „Откажувањето од прогоните од дваесеттите и од триесеттите години, од масовните репресии против свештениците и верниците и свртувањето кон помирувањето беше практичен потег. Ваквата промена на советската политика кон религијата мораше да се сфати во контекст на поттикнување на рускиот патриотизам“.

Сталин го одржа ветувањето што им го беше дал на митрополитите: во 1943 година одржан е првиот избор на патријарх по 20 години, на кој Сергиј е избран. Добивајќи верност и поддршка на власта за возврат Сталин дозволил Православната црква да опстане. Секако, државата и понатаму била атеистичка, но свештениците повеќе не беа затворани, ниту убивани. Следниот бран антицрковни репресии следуваше за време на владеењето на Никита Хрушчов, во шеесеттите години од минатиот век, но тој беше во голема мера поумерен.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња