Најмасовната Парада на Победата во историјата на човештвото (ФОТО)

Парадата на Победата, Црвен плоштад, Москва, 24 јуни 1945.

Парадата на Победата, Црвен плоштад, Москва, 24 јуни 1945.

Евгениј Халдеј/МАММ/МДФ
На 24 јуни 1945 година е одржана Парадата на Победата во Москва. Сите учесници и гледачи накиснаа до гола кожа, војниците фрлаа пред мавзолејот на Ленин нацистички знамиња, а по Црвениот плоштад помина американска техника.

1. Поради пандемијата на коронавирусот Русија мораше битно да ги коригира свеченостите по повод 75-годишнината од Победата над нацистичка Германија. Најважниот дел на тие свечености – традиционалната воена парада на Црвениот плоштад – беше поместена од 9 мај за 24 јуни. Новиот датум не е одбран случајно. Токму на тој ден 1945 година е одржана првата Парада на Победата во Москва.

Парадата на Победата на Црвениот плоштад на 24 јуни 1945 година.

2. На празничниот ручек во Кремљ на 15 мај 1945 година Јосиф Сталин ја изнесе идејата да се организира во Москва „посебна парада“, Парада на победниците, во која би учествувале претставници на сите фронтови и родови на војската кои особено се истакнале во борбите. Недела дена подоцна Генералштабот го претстави планот за изведување на Парадата на победниците и побара два месеци за подготовка, но доби само еден месец.

„Во Кремљовскиот дворец на 24 мај 1945“, Д. Налбандјан.

3. Советскиот лидер не прифати лично нему да му се поднесе рапорт на Парадата на Победата, повикувајќи се на своите години. Рапортот му е поднесен на маршалот Георгиј Жуков, а со парадата раководеше маршалот Константин Рокосовски. Жуков потоа напиша во мемоарите дека вистинската причина се криела во тоа што Сталин не стигнал добро да го совлада јавањето и дека еднаш за малку сериозно ќе настрадал кога на тренинг паднал од расен пастув.

Маршалот Жуков на смотрата на Парадата на Победата во Москва.

4. За учество во парадата се формирани здружени полкови од десет фронтови, како и еден здружен полк на Воената морнарица. Тоа беше најмасовната Парада на Победата во историјата на човештвото. Во неа учествуваа 2809 офицери, меѓу кои и 249 генерали, 31115 пониски офицери и обични војници, како и 1400 музичари на здружениот воен оркестар. Гардискиот водник Александар Попов подоцна пишува: „Секој од нас во душата чувствуваше и радост и тага. Од една страна, пред очи ни беа огромните загуби што ги поднесовме во таа војна, како и неволјата на народот во позадината, затоа што тие луѓе одвојуваа од уста за да можат да испратат нешто на фронтот. Од друга страна, стоејќи на парадата размислував како татко ми, да беше жив, ќе беше барем горд на својот син, ако ништо друго“.

Свечениот марш на мешовитите фронтовски полкови на Црвениот плоштад на 24 јуни 1945.

5. Кандидатите за учество во парадата мораа да ги исполнат соодветните критериуми: да бидат со висок раст (според стандардите од тоа време), да не бидат постари од 30 години и да искажале во борбите одважност и јунаштво. „Беше издаден указ: растот не смее да биде понизок од 174 см“, се сеќава морнаричкиот подофицер од прва класа на Дњепарската воена флотила Алексеј Кудрјавцев: „Јас бев висок 173 см, но сепак бев избран, затоа што изборот зависеше од многу нешта. Јас, на пример, имав орден и учествував во многу борби, а за време на службата се однесував нормално. Имав добри карактеристики“.

Алексеј Михајлович Кудрјавцев

6. Во Парадата на Победата учествуваа и странци. Во посебна колона на Црвениот плоштад поминаа војници на Полската армија, кои заедно со Црвената армија се бореа на боиштата од источна Белорусија до Берлин. Единствениот странски генерал кој беше удостоен со правото заедно со советските команданти да предводи еден здружен полк на Црвената армија беше бугарскиот генерал-потполковник Владимир Стојчев.

Полски војници со знамиња маршираат на Парадата на Победата на Црвениот плоштад во Москва.

7. Војниците на парадата имаа задача да го пренесат Знамето на Победата кое се виореше над Рајхстагот. Него во текот на битката за Берлин го подигнаа војниците Степан Неустроев, Мелитон Кантарија, Михаил Егоров и Алексеј Берест. Сите тие беа повикани да учествуваат на парадата, но се покажа дека поради многубројните ранувања не чекорат баш најдобро, а би било апсурдно да се даде некому друг да го носи Знамето на Победата. Затоа таа идеја се откажа. Знамето му беше предадено на музеј, а хероите седеа на трибините меѓу угледните гости. „Не ми беше криво што нема да учествувам во Парадата на Победата, но сепак си помислив: „Кога треба да се оди во напад, тогаш Неустроев е прв, а за Парадата не сум соодветен“, ќе напише подоцна Степан.

Парадата на Победата, 24 јуни 1945.

8. На Парадата на Победата имаше стотици други советски знамиња, па дури и двесте германски. „Кога последните врсти здружени полкови поминаа покрај мавзолејот, свечената музика стивна и место неа на Црвениот плоштад одекна придушеното татнење на воените барабани, под кое на плоштадот стапи необична колона. Во неа советските војници носеа знамиња на победените фашистички единици наведнати кон земјата. Стигнувајќи до мавзолејот тие остро се свртеа кон него и ги фрлија непријателските барјаци во неговото подножје“, се сеќава гардискиот потпоручник Аркадиј Захаров. По завршувањето на парадата трофејните знамиња се пренесени во музеј, а ракавиците во кои борците ги носеа се запалени.

Наведнати непријателски знамиња. Парадата на Победата на Црвениот плоштад во Москва.

9. Во Парадата на победниците учествуваа вкупно 1850 парчиња воена техника, вклучувајќи ги и легендарните тенкови Т-34, повеќецевните ракетни лансери „Катјуша“ и тешките тенкови ИС-2. Не е заборавена ни сојузничката техника испорачана на СССР според законот за заем и наем. По Црвениот плоштад поминаа американски воени камиони „Доџ“ и „Студебекер“, како и џипови „Вилис“ во кои на фронтот се возеа командантите. Тие автомобили и во наше време се чести гости на Парадите на Победата.

Техника на Црвениот плоштад за време на парадата.

10. Свеченоста малку ја расипа силен врнеж, поради кој се откажаа воздушниот дел на парадата и планираниот митинг. „Многу ни беше криво кога на радио објавија дека поради дождот нема да има митинг. Во тешките натопени капути, со накиснати нозе, некои веќе и настинати, луѓето разочарано се разотидоа по дома или на гости“, пишува во својот дневник вработената во детски интернат Нина Покровска. Мундирот на маршалот Рокосовски беше толку натопен од дождот што беше невозможно да се соблече кога се исуши. Мораа најпрвин да го распараат, па да го соблечат од маршалот, и тогаш повторно да го зашијат.

Трибината со гостите. Парадата на Победата, Москва.

11. По 1945 година Парадите на Победите во СССР беа одржувани ретко, само на големите јубилеи – 1965, 1985 и 1990 година. Дури од 1995 година во Русија редовно се одржуваат секоја година.

Парадата на Победата

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња