5 советски суперхерои од Втората светска војна кои беа страв и трепет за нацистите

В.Шчеглов
Многумина велат дека за советската победа над нацистите се помалку заслужни генералите, а повеќе храброста на обичните војници. Ви претставуваме пет исклучителни херои чии подвизи ја надминуваат обичната човечка сила. Тие можеле да запрат тенк со секира, во снајперските судири користеле шамански методи, а германските тенковски баталјони за нив биле само лесна мета. Запознајте ги советските суперхерои!

Зиновиј Колобанов: подвиг во кој многумина не можеа да поверуваат 

Кога започна Втората светска војна, Зиновиј Колобанов веќе имал сериозно воено искуство. Се борел, на пример, во Финската војна 1939-1940 и за тоа време трипати се спасувал од тенк во пламен. 

Во 1941 година Колобанов командувал со тенковска единица за време на германската офанзива на Ленинград (денес Санкт Петербург). Во близина на селото Војсковици единицата на Колобанов добила наредба да го брани патот до Красногвардејск (денес град Гатчина), 26 километри од Ленинград. Со само 5 тешки тенкови КВ-1 на располагање Колобанов својата единица ја префрлил на крстосницата каде издал наредба два тенка да го блокираат патот до Красногвардејск. За тоа време тој својот тенк стратешки го поставил 300 метри подалеку и го замаскирал така што едвај се гледале само цевката и куполата, додека долниот дел од тенкот бил сосема скриен.

Германските тенкови се приближувале, а војниците во нив биле премногу самоуверени, некои дури и седеле на тенковите со отворени куполи. Било јасно дека не го забележале скриениот тенк на Колобанов. Андреј Усов, најдобриот нишанџија на Колобанов, ги уништил првиот и последниот во непријателската колона од 22 тенка и на тој начин ефикасно ја запрел целата единица на тесниот пат опкружен со бари. Останатите тенкови биле построени пред нишанот на Колобанов како на дланка.

Во настанатата ситуација експлодирала муницијата на некои непријателски тенкови, додека други тргнале низ барата, која брзо го запрела нивното напредување, но тие продолжиле да возвраќаат со жесток оган. За среќа, излегло дека тенковите КВ-1 се речиси несовладливи за германското вооружување. По борбата на тенкот на Колобанов имал над 100 оштетувања, а оклопот не бил пробиен. Колобанов уништил 22 непријателски тенка, а целата негова единица од вкупно 48 тенкови, на тој начин ги запрела германските трупи.

Набргу по оваа прочуена битка, Зиновиј Колобанов е сериозно ранет и закрепнал дури во 1945 година. Живеел во Минск сè до својата смрт во 1994 година. Подвигот на Колобанов бил толку неверојатен и смел што во него не можеле да поверуваат. Кога во седумдесеттите години од минатиот век белоруската телевизија сакала да направи емисија за јунаштвото на Колобанов, раководството ја отфрлило приказната како апсурдна. 

Семјон Номоконов: шаман-снајперист

Семјон Номоконов бил Еванак, припадник на староседелскиот народ во Сибир. Од детството се занимавал со лов и со оглед на исклучителниот вид имал прекар „јастребово око“. Во војската започнал да служи како член на санитарната единица. Еднаш, кога носел ранет војник од боиштето, забележал германски снајперист кој нишанел кон него. Ја зграпчил пушката која се нашла во близина и го убил речиси без нишанење. Така започнала неговата кариера како снајперист. 

Номоконов е ранет осум пати. Има ликвидирано 368 непријателски војници, вклучувајќи и еден генерал-мајор. Неговите подвизи влегле во легенда, а Германците наводно го нарекле „шаманот од тајгата“. Често на задачите носел огледала со чија помош од светлосниот блесок го оттргнувал вниманието на непријателот, а со помош на празни шлемови и стапови симулирал присуство на војници околу себе. Никој не можел да се камуфлира подобро од Номоконов.

Ги броел сите свои успеси со запирки на своето луле и често користел обична пушка без оптички нишан. „Човек би може да помисли дека овој ловец користи некој вид нечиста сила“, напиша еден новинар за Номоконов.

Иван Середа: со готвачот нема шега 

Иван Середа во јуни 1941 година имал само 22 години. Како и многумина Украинци, бил љубител на добрата храна и знаел да готви, со оглед на тоа дека пред војната завршил школа за готвачи. Середа одвај чекал да влезе во борба, но војската имала мал број готвачи кои можеле да подготват здрави и хранливи оброци, така што останал во заднината, готвејќи во полската кујна. 

Еден ден, додека неговиот полк бил на линијата на фронтот во близина на Даугавпилс во Латвија, во заднината на советската војска, во близина на кујната на Середа се појавиле два непријателски тенка. Тој брзо реагирал и со коњите со повлекол во шумата. Со себе од оружје имал само секира и стара пушка. Еден тенк тргнал напред, додека другиот запрел покрај кујната. 

Германците почнале да излегуваат од тенкот за да ја видат кујната што ја зазеле, надевајќи се на зготвено јадење. Но, одненадеж од своето скривалиште истрчал Иван, мавтајќи со секирата. Ги принудил Германците да се повлечат во своето возило. Тенкот отворил оган, но Иван веќе бил на него, свивајќи ја цевката со својата секира. Тогаш почнал да командува со својата единица (која не била тука, но Германците тоа не го знаеле) да ги гаѓаат тенковите со гранати. А, тој цело време удирал со секирата со цела сила по оклопниот тенк. 

Кога исплашените Германци се обиделе да избегаат од тенкот, Иван ги фатил и ги држел на нишан сè дури неговите соборци не се вратиле. Середа подоцна за покажаното јунаштво е одликуван со највисокото признание: Орден херој на Советскиот Сојуз и со Ленинов орден. Ова, секако, немало врска со неговото готвење. 

Дмитриј Овчаренко: како нацист може да ја изгуби главата

Селанецот од Луганската област Дмитриј Овчаренко не бил многу школуван, завршил само пет одделенија основно училиште. Но, физички бил исклучително силен и бил мобилизиран во првите денови од војната. Кога бил ранет, добил задолжение во полкот за снабдување на војската со храна и муниција.

На 13 јули 1941 година додека ги превезувал стоките, Овчаренко бил пресретнат одред од 50 војници и тројца офицери. Му ја одзеле пушката и го испитувале пред неговата кола со сено, храна и со муниција. Но, за момент Овчаренко ја зграбил секирата скриена под сеното и му ја отсекол главата на офицерот што го сослушувал. Во следните неколку секунди додека Германците биле во шок, тој фрлил три бомби и погубил над 20 лица, додека останатите избегале. Овчаренко успеал да убие уште еден офицер, отсекувајќи му ја главата со истата секира. За да биде избегнат сомнежот во неговиот јуначки подвиг, обезбедил доказ, земајќи ги документите на германската единица.

Набргу потоа на Дмитриј му бил доделен Орден херој на Советскиот Сојуз и бил испратен да се бори во единицата за митралесци. За жал, не го дочекал крајот на војната. Загинал во Унгарија на почетокот на 1945 година. 

Људмила Павличенко: снајперистката која го инспирираше американскиот музичар

Људмила Павличенко спаѓа меѓу најуспешните снајперисти во историјата, а меѓу жените ѝ нема рамна. Еден американски новинар ја нарече „леди Смрт“, но во Советскиот Сојуз нејзиното име не е поврзувано со смрт, ами со правична одмазда.

Во младоста Павличенко се школувала за историчар. Кога започнала војната веќе ја имала завршено дипломската работа, но се пријавила како доброволец во војска. Додека студирала се занимавала со стрелаштво. Првите години од војната го запознала снајперистот Леонид и тие решиле да се венчаат. Но, наскоро Леонид бил смртно ранет. Павличенко од бојното поле морала да го носи мртвото тело на својот свршеник. 

Во јуни 1942 година Павличенко веќе имала ликвидирани 309 непријателски војници. Еден од нејзините најдолги снајперски двобои бил со германски снајперист кој претходно имал убиено двајца нејзини соборци. Двобојот во смртна тишина траел цел ден, додека Павличенко и нејзиниот германски ривал се притаиле, чекајќи оној другиот да се открие. 

По 24 часа обајцата биле исцрпени и конечно се лоцирале. Павличенко била побрза. Во бележниците на германскиот снајперист го нашла неговиот резултат од над 400 советски и сојузнички војници.

Павличенко е ранета во јуни 1942 година. Кога закрепнала, била испратена во САД во пропагандни цели, каде го запознала претседателот Рузвелт и пропатувала низ Америка и низ Канада. 

„Господа, имам само 25 години, а веќе имам ликвидирано 309 фашисти. Зарем не мислите, господа, дека доволно долго се криевте зад мојот грб?“, рече таа во својот прочуен говор во Чикаго. Павличенко толку многу ги импресионирала Американците што легендарниот кантри-музичар Вуди Гатри ја напишал песната за прочуената „Мис Павличенко“ со незаборавниот рефрен: „Триста нацисти паднале од нејзината пушка“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња