Како биле погребувани московските цареви

Портрет на Петар I, Јохан Готфрид Танауер

Портрет на Петар I, Јохан Готфрид Танауер

Ермитаж
По секој царски погреб во земјата цутел криминалот затоа што постоел чуден обичај по повод смртта на царот да се објави амнестија за злосторниците.

Во Московското царство погребите на царевите биле во суштина само раскошна варијанта на обичен погреб. Таа традиција ја укинал Петар I, кој бил и последниот руски цар (во потесна смисла на тој збор, затоа што сите подоцнежни цареви всушност биле императори).

Царските погреби пред Петар I

Веднаш по упокојувањето на великиот кнез или царот морало да се реши прашањето на негов наследник.

До крајот на XVII век постоело правило царевите (како и сите покојници) да се погребуваат утредента по умирањето и затоа сé морало да се направи брзо.

Храмот „Свети Архангели“ во Московскиот кремљ.

Покојниот цар не бил облечен во одело или униформа, туку во празнични одори во бела, црвена и зелена боја. Покрај тоа, бил користен и многу скапоцен материјал, како и „владетелски бои“, т.е. порфир, злато и сребро. Во црнина биле облечени само покојните цареви кои пред смртта се замонашиле, а тоа се Василиј III и неговиот син Иван Грозни.

Придружбата задолжително носела црно или модро одело, и тоа морало да биде старо и искинато. „Дотераноста е доживувана како непочитување спрема покојникот, затоа што човек кој го оплакува блискиот свој не требало да покажува грижа за сопственото одело“, пишува историчарката Марина Логунова.

Надгробни плочи покрај западниот ѕид на храмот „Св. Архангели“.

Во Русија царот бил сметан за застапник пред Бога кој се зазема за руската земја, така што по неговата смрт обичајот бил да се прават милосрдни дела. Богаташите делеле милостина и давале прилози на црквата. Жените од царското семејство давале пари за исхрана на сиромасите. Според оцената на Марија Лонгунова, кога сé ќе се земе предвид, на царски погреб можело да биде потрошен еден годишен државен буџет.

Покрај тоа, секој царски погреб резултирал со голем пораст на криминалот. Имено, постоел обичај по повод смртта на царот да се помилуваат затворениците, така што неколку недели по помпезниот погреб никој не се чувствувал безбедно.

Сите тие обичаи ги погазил и променил Петар I, како што направил и со многу други обичаи во Русија.

Петар I – креатор на церемонијата на царските погреби

За време на Петар I погребот на високите великодостојници и членовите  на царското семејство повеќе ни најмалку не наликувале на традиционалниот руски погреб од претходниот период. Забрането било плачењето, забрането било кукањето и збогувањето со покојникот. Лично Петар бил еден од креаторите на новата погребна церемонија, според која и самиот тој е погребан. Тој на 4 април 1723 година им наложил на руските дипломати да испратат од странство описи на погребни ритуали. Новата церемонија ја „вежбал“ на погребите на своите велможи и роднини. Инаку ги сакал погребите и често присуствувал на нив.

Смртта на Фјодор Алексеевич

Според новото правило, збогувањето со покојникот било гломазна процедура, што значи да се повеќе не можело да се брза како порано. А тоа повторно значи дека се појавила потреба од балсамирање. Петар бил првиот руски цар чие тело по смртта е балсамирано.

Згора на тоа, тој е погребан месец и половина по смртта. На тоа поради некоја причина инсистирала неговата сопруга Катерина иако веќе по десет дена телото на покојниот император поцрнело и почнало да се распаѓа затоа што балсамирањето не вродило со плод.

Како бил погребан Петар I

Погребната сала на Петар Велики, Ростовцев А. И., гравура.

Од погребот на Петар бил направен настан од незабележани размери. Царот умрел на 28 јануари, а од 13 февруари неговото тело било изложено во Тажната сала на Зимскиот дворец со површина од 200 квадратни метри. Салата била уредена за погреби и преслечена однатре со црно сукно. Покојниот император лежел во мртовечки сандак на издигнат пиедестал, бил облечен во изразито пурпурно одело со сребрен вез. Околу сандакот биле распоредени државните симболи, царските инсигнии и ордени. Во салата стоеле и алегориски скулптури и пирамиди кои ги симболизираат подвизите и достигнувањата на царот, а над шесте врати кои водат во салата биле поставени грбовите на руските градови. Во Тажната сала биле поставени украси и скулптури од дрво, но немало руски икона, што во тоа време било потполно невообичаено.  

Церемонијата на погребот на императорот Петар Велики.

Покрај телото дежурале 12 генерали и сенатори. Маса народ непрекинато го гледала мртвиот император со плач и лелеци. Најмногу тажела императорката Катерина, која секој ден доаѓала да го види покојниот маж. Вицеадмиралот Никита Вилбоа подоцна напишал: „Таа ронеше толку многу солзи што сите бевме зачудени и не можевме да сфатиме како во главата на една жена може да се смести толкав резервоар со вода. [...] Многумина намерно доаѓаа во императорскиот дворец во времето кога таа беше покрај телото на својот мажа да видат како плаче и тажи“. Катерина била многу пати замолена да нареди да се затвори ковчегот, но таа поради нешто се двоумела.

Репродукција на гравура од XIX век „Петропавловскиот храм во Петербург“. Историски музеј во Москва.

Погребот на Петар почнал дури на 10 март. Неговото тело било носено од Зимскиот дворец преку замрзнатата Нева во Петропавловскиот храм. Церемонијата била комплицирана и траела долго. Цел Петербург тогаш бил украсен со црни летни. Во текот на целата церемонија се пукало од топови секоја минута.

Но, ковчегот со телото на царот ни тогаш не бил закопан. Само симболично бил фрлен во гробот грст земја, затоа што гробницата за императорот сé уште не била завршена, ниту пак целиот храм. Покрај ковчегот со посмртните останки на Петар 1727 година бил поставен ковчегот со телото на Катерина. Обајцата биле погребани дури на 29 мај 1731 година. Двата ковчега со 51 топовски плотун биле сместени во  двојна гробница во јужната лаѓа на црквата. Невозможно е да се извлечат оттаму, затоа што претходно би морало да се сруши целиот храм.

Надгробната плоча на гробот на императорот Петар I Велики во Петропавловскиот храм.

Петар бил првиот цар кому му е земена посмртна маска (оригиналната восочна маска не е зачувана, но со помош на неа е направена гипсена копија на лицето на царот која постои и денес).

„Глувците го погребуваат мачорот“, руски шеговит цртеж од XVIII век. Музеј на светската погребна култура.

Рускиот народ реагирал на таа церемонија многу оригинално. Истата 1725 година првпат се појавил познатиот цртеж „Глувците го погребуваат мачорот“, што е недвосмислена пародија на непознати сликари на приказите на царската погребна церемонија. На село, каде што повеќето луѓе живееле, погребот бил сосем вообичаена појава, така што на обичните Руси им било чудно однесувањето на „плачливите дворјани“ кои лицемерно го оплакуваат бруталниот и суров император, небаре глувците жалат по мачорот кој до неодамна ги гонел и јадел.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња