Сечи ја брадата, да не ти ја сечам главата: Иновациите на Петар Велики

Портрет на Петар Велики (1672-1725).

Портрет на Петар Велики (1672-1725).

Марија Џована Клементи
Пред точно 320 години, во август 1697, младиот цар Петар Велики тргнал на двогодишно патување низ Европа. Како противник на рускиот традиционализам тој по враќањето во татковината започнал со сила да ги воведува европските манири. Не го интересирале никакви протести, ниту жалби.

По својата смрт во 1725 година Петар го добил епитетот „Велики“. Бил еден од најенергичните и најактивните руски владетели. Целиот живот се пробал себеси во различни занаети и вештини – ја проучувал техниката, архитектурата и бродоградбата. Бил владетел со челична рака.

Од 1697 до 1698 година Петар инкогнито патувал низ Европа. Имал во план да ги зајакни врските со определени земји, но и да го проучи европскиот начин на живеење. Штом се вратил почнал нагло да ја менува руската култура, да го модернизира и да го реформира постоечкиот режим. Да видиме што донел Петар во Русија од Амстердам, од Виена и од други европски градови.

1. Европски раскош

Петар Први во европска облека. Ставропослкиот музеј на ликовна уметност / Global Look PressПетар Први во европска облека. Ставропослкиот музеј на ликовна уметност / Global Look Press

„Не постои втора шанса за прв впечаток“ – веројатно за тоа размислувал Петар, набљудувајќи ги руските благородници (бојарите) со долги бради, облечени во широки кафтани. Тие немале ништо заедничко со префинетите, мазно избричени европски благородници кои носеле напудрени перики.

Така Петар еднаш засекогаш решил дека секој благородник мора да биде мазно избричен и дека мора да носи европска облека. Но, без оглед на тоа што се восхитувал на западните манири, Петар бил и останал самодржец. Благодарение на тоа лесно ги спроведувал реформите. На состаноците и на дворските балови лично ги сечел брадите и ја кинел традиционалната кабеста облека. Бојарите уште од неуспешната побуна во 1698 година добро запаметиле дека нивниот владетел знае да сече и глави, па затоа брзо се „збогувале“ со брадите и го смениле изгледот.

2. Современ календар

Сè до 1700 година Русите го сметале времето според стариот хебрејски календар од Библијата кој во Москва стасал преку Византија. Овој календар започнува од создавањето на светот, односно од 5508 година пред новата ера. Кога се вратил во татковината Петар сфатил дека нема смисла Русите да живеат во 7208 година, додека цела Европа е 1700 година.

По враќањето во Русија, Петар 19 декември 7208 година го прогласил за 1 јануари 1700 година и вовел Новата година да се слави на 1 јануари, а не на 1 септември. Староверците и останатите почитувачи на традиционалните обичаи уште претходно Петар го прогласиле за антихрист, по оваа реформа биле страшно лути. Но, не било лесно да се спротивстават на царевата одлука.

3. Печатени весници

Весникот „Ведомости“. Фотографија од архиваВесникот „Ведомости“. Фотографија од архива

За време на владеењето на Петар на 13 јануари 1703 година објавен е првиот весник во Русија. Царот бил под силно влијание на холандската медиумска индустрија која допрва се развивала. Сметал дека и неговиот народ заслужува да дознае нешто повеќе за светот што го опкружува. Првиот весник се викал „Ведомости“ и имал две до седум страници. Тоа всушност била збирка на факти од различни области, без наслов и без некаква смислена структура. Во ист пасус може до пишува за жетвата во некој зафрлен град и за војната во Европа.

Но, читателите немале премногу големи барања кога излегло првото издание на „Ведомости“. Всушност, немале никакви барања, зашто на почетокот на 18 век поголемиот дел од рускиот народ бил неписмен. Сепак, не може да се одрече дека Петар Велики бил првиот руски медиумски магнат.

4. Попис

Петар мошне активно ги водел внатрешните и надворешните работи. Ги завршил долготрајните војни со Шведска и со Турција и изградил нова престолнина – величествениот Санкт Петербург. Поради сето тоа на државата постојано ѝ биле потребни пари. За да го реши проблемот, царот решил да спроведе реформа на фискалниот систем. Пред неговото владеење секое селско домаќинство плаќало определена сума пари и често се случувало неколку домаќинства да се здружат во едно и така да ја прелажат власта. Според новата фискална реформа секој маж морал да плати 70 копејки и не постоела можност тоа да се избегне. За да го дознае приближниот број жители на Русија Петар го спровел првиот попис на населението. Историчарите сметаат дека во 1715 година во Русија живееле 12 милиони луѓе.

5. Корисни производи

Денес ширум Русија луѓето пржат компири во сончогледово масло. Но, определени Руси веројатно не знаат дека за тоа е заслужен Петар Велики кој и компирот и сончогледот ги донел од Холандија. Овие производи уште во 16 век стасале во Европа од Америка. Царот предвидел дека тие можат добро да се искористат во Русија, но на почетокот народот се противел.

Селаните брзо сфатиле како се користи сончогледот, но со компирот не се снашле. Им било строго наредено да го користат плодот, но никој не им дал упатство како да го подготват и да го јадат. Така Русите наместо плодот  се обидувале да ги јадат листовите од компирот и често доаѓало до труење. На почетокот селаните компирот го нарекувале „ѓаволско јаболко“. Подоцна научиле да го користат плодот и кон крајот на 19 век компирот во Русија станал „втор леб“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња