Како Петар Велики ги учел Русите на етикеција

Валентин Серов, Петар I на брегот на Нева, 1907, гваш на картон, Државна Третјаковска галерија, Москва, Русија.

Валентин Серов, Петар I на брегот на Нева, 1907, гваш на картон, Државна Третјаковска галерија, Москва, Русија.

Global Look Press
За царот Петар Велики се вели дека го отворил „прозорецот кон Европа“. Тој, меѓу другото го вовел во Русија европските манири и правила на однесување. По негов указ е напишан труд под наслов „На младоста чесното огледало“. Тоа бил првиот руски учебник за бонтон, според кој се учело во следните двесте години. Многу работи се актуелни и во денешно време.

Петар Велики од „поповска Русија“ направил голема сила (ги проширил границите, победил во Северната војна, добил излез на Балтичкото Море и го основал Санкт Петербург), а може да се каже дека воедно и ги култивирал во неа европските манири. Тој најпрво ги усвоил самиот во Франција и во Холандија, а потоа ги принудил необразованите руски бојари да ги симнат средновековните одори и да користат нож и виљушка.

Затоа му бил потребен прирачни во кој се објаснува како треба да се однесуваат во јавност, па така настанал текстот „На младоста чесно огледало“ подготвен според царевиот указ. Книгата е напишана пред 300 години. Била составена од два дела. Во првиот дел имало упатства како треба  да се чита и да се смета, а вториот дел бил посветен на бонтонот. Какви правила вовел Петар во царскиот двор?

1. Уважување на родителите и на непријателите

Првите редови од книгата авторите ги посветиле на почитувањето на таткото и на мајката. „Кога родителот нешто ќе зповеда треба да се послуша со големо почитување, како што ги слуша паж или слуга“, напишано е во книгата. Благородникот често својот успех и статус во општеството го имал благодарение на родителите, така што нивниот авторитет за него морал да биде неоспорен. Петар им препорачува на младите во пристуство на постарите „да не зворуваат додека некој нешто не ги праша“ и да им укажуваат длабока почит.

Книгата пропишува дека благородникот мора да биде учтив дури и кон непријателите да не ги клевети и да ја отстрани својата недобронамерност. „Непријателите секогаш фали ги кога не се присутни, секогаш почитувај ги кога се близу тебе и помогни им во неволја. Ништо лошо не зборувај за покојниците“, строго препорачуваат авторите.

2. Скромност и трудољубие

Петар на сите им препорачува да се воздржуваат од крајности во мислењето за самиот себе, барем пред други луѓе: „Никогаш не фали се и не понижувај се“. На ова место тој им советува на младите да не се фалат ни со својата фамилија, дури и ако е многу угледна, зашто тоа не е заслуга на човекот што се фали. „Чекај другите да те пофалат“.

Во текстот подготвен според наредбата на Петар особено се споменува љубовта кон работата. Не случајно поетот Александар Пушкин во 1826 година го окарактеризирал Петар како „трудбеник на трон“. „Младиот благородник треба да биде бодар, трудољубив, прилежен и подвижен како клатно на ѕидниот часовник“, напишано е во учебникот. Составувачите се уверени дека слугите на трудољубивиот благородник ќе бидат и самите трудољубиви, благодарение на што Русија ќе расте и ќе цути.

3. Побожност и моралност

Петар ги повикува младите благородници и благороднички да бидат вистински христијани, да ги почитуваат свештениците и да одат во црква. А, од соблазноста да се воздржуваат: „Секој треба да избегнува блуд, коцкање и пијанење. Од тоа не бидува ништо друго ами несреќа“.

Во делот од книгата посветен на младите девојки, авторите неколку пати повторуваат дека мошне е важна моралноста и воздржувањето до бракот. Тие со одвратност го опишуваат однесувањето на „непристојните девојки“: „Таа на сите им се смее и разговара со сите, трча по улиците седи со различни мажи и пее развратни песни. Се весели и се опива, скока по маси и по клупи“. Сега тоа личи на опис на матурска вечер, но во 18 век ваквото однесување не било прифатливо.

4. Манири на маса

Судејќи според поуките од книгата, пристојното однесување на трпезата не било јака страна на определени руски благородници од почетокот на 18 век. „Не земај прв јадење, не ждери како свиња“, советува царот. „Земај ја храната последен. Кога ќе ти понудат, семи мало парче, а остатокот дај го на друг“. Списокот на забрани е голем. Благородникот не смее да ги лиже прстите, да гризе коски, да ја брише устата со рака, да се чеша, да мљацка и да гровта.

Петар не забранува алкохол (тој и самиот во младоста организирал бурни гозби), ами препорачува од учтивост „најнапред да се одбие пијалак, а потоа со наклон да се прифати“. Но, сепак не смее да се пие без мера.

5. Хигиена

Претставата за пристојност во 18 век сепак била малку поинаква од современата. „Доколку луѓето стојат или седат во круг, никој не треба да плука внатре, ами само надвор“, поучува Петар. А, ако некој веќе мора да плукне, книгата советува да ја избрише трагата, односно да ја размачка со нога или да плукне во шамиче и незабележливо да го фрли низ прозорецот.

На истото место Петар пропишува дека не треба да се шмрка и „да се вовлекуваат мрсули во носот, а потоа гнасно да се голтаат“. Наместо тоа благородникот треба да го издува носот, но многу тивко. Книгата ги осудува оние кои „го дуваат носот како да трубат труби и така ги плашат малите деца“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња