Кој бил Јаков Јуровски, главниот џелат на семејството на Николај Втори?

Getty Images
Овој убеден болшевик ги предводел убијците кои го стрелаа последниот руски цар Николај Романов и неговото семејство. Јуровски никогаш се нема покаено за тоа.

Како што веројатно знаете, последниот руски цар Николај Втори е погубен на 17 јули 1918 година кога одред болшевици отворил оган на него и на неговото семејство – неговата жена, четирите ќерки и синот, а покрај нив и петмина слуги. Овој морничав историски настан се одиграл во подрумот на таканаречената „Куќа за специјални намени“ во Екатеринбург (голем град на Урал, 1.700 километри источно од Москва) каде царското семејство било држено под стража од април 1918 година.

Јаков Јуровски

Суровиот болшевик со црна брада Јаков Јуровски бил член на локалниот оддел на тајната полиција ЧЕКА. Убијците што тој ги предводел дејствувале ладнокрвно. Со ножеви и со бајонети ги убивале жртвите кои сè уште дишеле по стрелањето. Еве што има напишано самиот Јуровски во белешката каде зборува за себе во трето лице како за „командир“, што навистина било негова должност во „Куќата за специјална намена“.

„Командирот му рече на семејството Романови дека Обласниот извршен комитет, поради тоа што нивните роднини во Европа и понатаму ја напаѓаат советска Русија, донесена е одлука да бидат стрелани. Николај се сврте со грбот кон одредот, кон своето семејство, а потоа како да се препна се сврте кон командирот и праша: 'Што? Што?' Командирот брзо повтори... Потоа беше отворен оган кој траеше две-три минути. Командирот лично на место го уби Николај“.

Последното тврдење, меѓутоа, можеби и не е точно. Сè уште се водат дискусии кој всушност пукал во царот Николај и го убил. Во секој случај, сведочењето на Јуровски зборува за неговата бруталност и суровост. Како тој воопшто станал џелат?

Од часовничар до болшевик

Adrian J. McDowall/Netflix, 2019;

Во серијата „Последните цареви“ што „Нетфликс“ ја прикажува во 2019 година, Данкан По го глуми Јуровски. Тој во серијата е претставен како главен противник на Николај Втори. Императорот во серијата е прикажан како добар човек, кој е слаб и кој немал ревносен карактер. Наспрема него, Јуровски е прикажан како човек кој е подготвен на сè поради убедувањето во кое цврсто верувал, односно поради подобрувањето на животот на обичните луѓе.

Во една сцена Јуровски разговара со Николај Втори неколку дена пред погубувањето. Тие во разговорот наизменично пушат една цигара и Јуровски се сеќава како еднаш го има видено како дете. „Тоа беше во 1891 година. Тогаш имав 10 години. Вие бевте на крајот од патувањето по рускиот Далечен Исток. Наминавте во Томск... Јас имав мало знаменце и мавтав со него. Обична мала мравка на која вие ѝ кивавте со главата и ѝ мавтавте“.

Императорот Николај Втори по одрекувањето од престолот.

Всушност Јуровски воопшто не би ни разговарал со Николај Втори без некаква потреба, а за спомените од детството и да не зборуваме. Освен тоа, роден е во сиромашно еврејско семејство во 1878 година во близина на Томск (3.600 километри источно од Москва), така што во 1891 година секако немал 10 години. Бил осмо дете во семејство со десет деца. На почетокот повеќе пати го има менувано местото на живеење и занимањето. Често талкал низ Русија како часовничарски чирак.

Во 1905 година Јуровски се запознал со револуционерите и набрзо станал запален антимонархист. Неколку години минал во прогонство. Потоа, 12 години подоцна, со радост ја дочекал Октомвриската револуција во 1917 година во која неговите другари болшевици дошле на власт.

Нова должност

Додека Владимир Ленин, Лев Троцки и други познати комунистички лидери управувале со советска Русија од Москва, Јуровски бил меѓу болшевиците кои дејствувале во руската провинција. Конкретно, тој бил во Екатеринбург, важна тврдина и индустриски град на Урал со моќно работничко движење. Јуровски бил верен на Комунистичката партија и послушно ја извршувал секоја наредба на претпоставените.

Куќата на Ипатев

Кога бил поставен за командир на „Куќата за посебна намена“ тоа значело дека болшевиците ги заостриле условите во кои се држат царските заробеници. „На единствениот прозорец се поставени челични решетки“, пишува во дневникот царицата Александра набргу по поставувањето на Јуровски. „Тие очигледно се плашат дека ќе избегаме“. Од друга страна, Јуровски бил строг и кон своите. Не им дозволувал на стражарите на крадат храна од затворениците што било чест случај за време на неговиот претходник.

Кукавичка егзекуција

Реконструкција на убиството на царското семејство во подрумот на куќата на Ипатев, Насловна страница на француското списание Le Petit Journal Illustre, 25 јули 1926 година.

Јуровски немал никакви симпатии кон затворениците. Подоцна во своите мемоари има напишано: „Мојот општ впечаток беше следниот: обично, би рекол, спахиско семејство... Николај изгледаше како испиено офицерче... Никој не би рекол дека тој човек долги години бил цар на една таква огромна земја“.

До крајот на животот џелатот не покажал чувство на вина поради погубувањето на царското семејство, па дури ни на децата. Неговиот извештај е кус: „На 16 јули во 6 часот навечер Филип Голошчокин [претпоставен на Јуровски] нареди затворениците да се погубат“. Во еден часот по полноќ членовите на семејството Романови и нивните слуги биле мртви.

Подрумот во куќата на Ипатиев во Екатеринбург каде е стрелано царското семејство.

Од друга страна, Јуровски и неговите луѓе мошне успешно ја извршиле задачата на отстранување на телата. Нивниот првобитен план бил телата да се фрлат во едно длабоко рударско окно надвор од градот, но излегло дека тоа не е доволно длабоко, па затоа морале да ги преместат телата на друго место. Временските прилики биле многу лоши, возилата не можеле да стасаат на одредиштето, „ништо не беше подготвено, немаше лопати, ништо...“, пишува подоцна Јуровски. На крајот делумно ги запалиле телата и ги погребале во плиток гроб.

Понатамошниот живот

Јаков Јуровски

Причината поради која болшевиците го погубиле семејството Романови во јули 1918 година било поради тоа што во тоа време антиболшевичката Бела армија се приближувала на Екатеринбург, па се стравувало дека царското семејство ќе биде ослободено и дека ќе ја напушти земјата. Набргу по злогласната егзекуција Јаков Јуровски и многу други болшевици морале брзо да избегаат од градот. Се вратиле подоцна кога болшевиците конечно ја победиле Белата армија во 1922 година. Потоа Јуровски во Москва и во Екатеринбург бил на многу должности кои не биле поврзани со стрелање. Починал во 1938 година од чир на дванаесетпалачното црево.

Прочитајте уште: Како британскиот крал Џорџ Петти го предаде последниот руски цар?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња