Момчето што го чувале како капка роса на дланка: „Кралската болест“ на последниот руски принц

Од сло
Краткиот живот на принцот Алексеј бил исполнет со страдања и со болки: цел живот страдал од наследна болест, а кога имал 13 години го убиле болшевиците.

Кога Александра Фјодоровна, сопругата на Николај Втори и руска царица, родила син (на 20 јули 1904 година), овој настан свечено бил прославен и дочекан со многу радост. Конечно, по раѓањето на четири черки во периодот од 1895 до 1901 година, Николај и Александра го добиле синот Алексеј, која станал престолонаследник.

„Не постојат зборови кои би можеле да ја изразат мојата благодарност кон Бога за ваквото олеснување што ми го испрати во овие тешки времиња“, запишал Николај Втори во својот дневник. Тој не можел ни да претпостави колку тешка и трагична судбина го чека момчето.

Болест

Принцот Алексеј како новороденче (1904 година)

„Беше прерано за радост и благодарност кон Бога“, пишува историчарот и лекар Борис Нахапетов во својата книга „Лекарските тајни на домот на Романови“. „Лекарите набргу утврдија дека детето страда од страшна болест која се пренесувала во царското семејство, од хемофилија“.

Симптомите на Алексеј за првпат се појавиле кога имал само седум месеци и го следеле сиот негов живот. Ана Вирубова, дворска дама и пријателка на царското семејство, се сеќава на времињата кога болеста се влошувала: „Тоа беше бесконечно мачење за момчето и за сите нас... постојано врескаше од болки и мораше да ги затнуваме ушите кога го негувавме.

Понекогаш Алексеј не можел ни да оди. Ова е тој со својот „морнар-дадилка“ на велосипед во Фридбург, германски регион Хесе, 1910 година.

Најмачни моменти за момчето биле кога крвта се излевала во неговите зглобови. „Крвта ги уништуваше коските и тетивите. Не можеше да ги свие рацете и нозете“, пишува Нахапетов.

Единствено олеснување можело да се постигне со масажа и со вежби, но тоа носело опасност од дополнителни повреди и дополнително крвавење. Така, Алексеј повремено не можел воопшто да оди и послугата го носела на официјални настани.

Помош од „светецот“

Григориј Распутин

Еден од ретките луѓе во царството кој можел да ги олесни страдањата на Алексеј бил Григориј Распутин. Познат лекар? Не, сибирски мистил и самопрогласен светец кој стасал дури до дворот. Кога во 1905 година Распутин ги запознал Николај и Александра, ги убедил дека може да им помогне. Така и било.

„Многумина биле сведоци на тоа како Распутин повеќе пати направил престолонаследникот да се чувствува подобро“, признава Нахапетов. „Но, не постојат цврсти, документирани податоци за тоа“. Нахапетов претпоставува дека Распутин користел хипноза за да го смири Алексеј, што доведувало до подобрување на неговата состојба. Едно е сигурно: Александра и Николај Втори му верувале на Распутин, така што тој стекнал неверојатно политичко влијание.

„Принцот е жив дури сум жив јас“, се фалел Распутин. И не згрешил многу: на 30 септември 1916 година Распутин бил убиен од страна на група аристократи кои биле загрижени поради неговото огромно влијание врз царскиот двор. Потоа, 18 месеци подоцна, во јули 1918 година Алексеј и неговото семејство биле убиени.

Малиот принц на Русија

Николај II и Алексеј во козачка униформама на воена парада во 1916 година

Кога Алексеј не бил болен, водел обичен живот на престолонаследник: учел, учествувал на официјални настани и си играл. Ова момче знаело да биде и немирно. Георгиј Шавељски, свештеник близок на дворот, се сеќава: „За време на вечерите момчето ги гаѓаше генералите со топчиња од леб... само остриот поглед на царот можеше да го смири“.

Луѓето кои го запознале се сеќаваат дека принцот имал добар карактер. „Умееше брзо да воспостави врска со луѓето, ги сакаше и се обидуваше за нив да направи сѐ што може“, запишал Анатолиј Мордвинов, аѓутант на Николај Втори.

Алексеј и неговите три сестри во некогашната царска резиденција, мај 1917 година.

Од друга страна, тој забележува дека Алексеј знаел да биде и мошне тврдоглав. Николај Втори често им велел на своите слуги и на советниците со гордост: „Тој ќе ви прави многу повеќе проблеми од мене“.

Алексеј имал одличен однос со обата свои родители и со четирите сестри, а меѓу најдобрите пријатели бил Андреј Деревенко, негов личен слуга и поранешен морнар. Деревенко бил оној што го носел Алексеј кога неговата состојба се влошувала. Освен тоа, принцот ги сакал животните. Својата мачка Котик и кучето Џој ги носел со себе и на часови.

Трагичен крај

Принцот имал 13 години кога животот му се сменил од корен. Востанието од 1917 година ја уништило руската монархија. Татко му абдицирал, не само во свое име, ами и во името на својот син. Заедно со останатите членови на семејството Алексеј заминал во прогонство на Урал, каде се наоѓал во домашен притвор. Тука неговата состојба се влошила и тука го пречекала смртта.

Принцот Алексеј Николаевич и царот Николај Втори со пила во Тобољск во 1917 година (неколку месеци пред смртта). Клекција на Романови, Beinecke Rare Book and Manuscript Library, Jejl универзитет

„Ненадејно Алексеј повеќе не можел да оди“, запишала во своите мемоари Татјана Боткина, медицинска сестра која им помагала на Романови во Тобољск (2.300 километри од Москва). „Страшно страдаше од внатрешни крвавења...“ Откако повторно се здобил со модринка, Алексеј се борел со својата болест и повеќе немал време да закрепне. Ноќта на 17 јули, кога болшевиците им наредиле на Романови да се симнат во подрумот, Николај го носел својот син. Како што знаете, никогаш повеќе не ја видел светлината на денот.

Ако ве интересира историјата на семејството на последниот руски цар Николај Втори прочитајте и оваа статија „10 важни факти за убиството на руското царско семејство“. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња