Што му замеруваат историчарите на рускиот цар Николај Втори?

Getty Images
Некои руски историчари сметаат дека последниот руски цар како човек бил специфичен и мистериозен. Наведуваме неколку ставови кои често се истакнуваат во литературата.

1. Бил „пасивно образован“

13-годишниот Николај Втори во руска воена униформа. Фотографијата е направена некаде во 1890 година.

Рускиот принц Николај се школувал 13 години. Првите осум години учел хуманистички науки и странски јазици, а потоа пет години добивал образование од областа на воените науки, на правото и на политиката. Николај знаел француски, германски и англиски (и ги зборувал овие јазици течно како мајчин).

Школувањето на Николај било специфично по тоа што тој само слушал предавања, но не полагал испити, зашто според обичаите на рускиот двор никој не можел да бара од великиот кнез точен одговор и да му стави забелешка доколку одговорот не е точен. Поради ваквите околности и денес се дискутира за тоа дали царот Николај Втори Романов навистина бил врвно образован човек.

2. Имал претерано строги родители

Императорот Александар Трети (десно) со императорката Марија Фјодоровна. Николај стои од левата страна.

Александар Трети бил прилично строг во воспитувањето на своите деца, па дури и на принцот Николај. Ги воспитувал во аскетски дух со цел децата да не се расипат. Во тоа можеби и малку претерувал. Сестрата на Николај Ољга Александровна подоцна пишувала дека како деца често гладувале. На масата децата последни добивале храна и тоа пред крајот на ручекот. Кога императорот ќе завршел со ручекот и ќе станел од масата сите останати морале да завршат, така што децата немале доволно време за нормален обед. Земањето храна помеѓу оброците било забрането. Не можеле ни да им се обратат на слугите во врска со ова прашање.

Николај како момче еднаш ја изел содржината на крстот што го добил за крштевањето. Сите деца во царското семејство добивале таков крст и велат дека тој содржел честица од Крстот Господов во смола и восок. Николај во еден момент бил толку гладен што го отворил крстот и изел сè што имало внатре, вклучувајќи ги и честиците од Крстот Господов,

3. Сакал мистика

Принцот Николај (идниот Николај Втори) во Нагасаки.

Николај бил православен христијанин, но поединци велат дека верувал во мистика, претскажувања и во судбина. За време на престојот во Јапонија во 1891 година го посетил и познатиот јапонски мистик Теракута кој тврдел дека ја гледа иднината. Велат дека јапонскиот монах му предвидел на принцот мрачна иднина. Потоа во текот на посетата на Англија во 1896 година Николај се сретнал со Кајро (Луис Хамон), познат по гатањето и по гледањето во дланка. И тој, велат, му претскажал на принцот и на неговото семејство насилна смрт.

Најпознатата приказна од оваа рубрика гласи дека Николај еднаш отворил писмо на својот прапрадедо, рускиот цар Павел. Павел додека бил жив лично го запечатил тоа писмо, а во него се наведувало претскажување на познатиот монах Авељ. Кога го прочитал, Николај долго време бил нерасположен. Се слушале гласови дека во писмото била претскажана неговата смрт и падот на империјата,

4. Бил изморен од царската работа

Одрекувањето на Николај Втори од престолот, 2 март 1917 година

Николај имал феноменална меморија. „Познаваше многу луѓе кои служеа во гардата, ги помнеше воените подвизи на поединци и на полкови, го знаеше бројот и називот на секој полк во својата армија...“; пишува генералот Александар Родигер, воен министер (1905-1909).

Овој факт определени психолози го имаат искористено за тврдењето дека добрата меморија понекогаш ги компензира недоволните интелектуални способности. На многумина како доказ за ваквите способности им служи дневникот на царот кој е сочуван во целост. Во него речиси и да нема никакви податоци поврзани за политиката, за меѓународните односи или за дворските интриги, односно за она што, според мислењето на многумина, царот треба да го бележи во својот дневник во еден од на најтешките периоди на руската историја. Наместо тоа, околу 90% од дневникот е посветен на приватниот живот.

На пример, 9 јануари 1905 година е познат како „Крвава недела“ и ден кога започнала револуцијата во 1905 година. Тој ден царот Николај во својот дневник го запишал следново: „Во Санкт Петербург избија сериозни нереди. Многу луѓе се ранети и убиени. О, Боже мој, колку е тоа болно! Мама денес дојде од градот. Сите заедно појадувавме, а потоа шетавме со Миша. Мама остана до вечер“. На прв поглед се чини дека царот Николај не се возбудува поради настаните. Кога министерот Плеве е убиен, царот Николај пишува: „Изгубив пријател“. И на истата страна пишува за приватниот живот на своето семејство: „Тетка Марусја појадуваше со нас... Шеташе со мама... Се возеше со Миша...“

Многумина современици на Николај истакнувале дека тој бил неверојатно рамнодушен во врска со прашањата поврзани со управувањето со Русија и нејзината судбина. Генерал Дмитриј Дубенски, кој присуствувал на одрекувањето на царот од престолот, подоцна рекол: „Тој е толкав фаталист што не можам ни да замислам... Тој се одрече од престолот небаре се одрече од ескадрон“.

„Дали е овој човек нормален“, пишува Александар Гучков, политичар кој учествува во одрекувањето од престолот. „Отсекогаш сум се сомневал во тоа, а оваа сцена ме увери дека тој човек, Николај Втори, до крај не сфаќа што прави...“

5. Сакал разонода

Николај Втори на лов во текот на првата деценија од минатиот век

Царот Николај своето слободно време го поминувал на различни начини. Најчесто одел на лов. Како и Алексеј, вториот цар во династијата Романови, Николај Втори имал посебен државен орган – одделение на Министерството на императорскиот двор кое се нарекувало „Императорски лов“ и било посветен на организирање на оваа разонода.

Помеѓу 1884 и 1909 година царот и великите кнезови имаат убиено 638,830 животни и птици. Во еден повеќедневен лов царот Николај лично застрелал над 1.400 фазани. Злите јазици го вртат вниманието на бесмислената безмилосност кон животните и велат дека имало поважни работи на кои требало да се посвети рускиот цар.

Николај Втори со ќерка си Татјана по партија тенис.

Николај бил и првиот цар кој возел велосипед. Имал и најголем возен парк во Европа (од 1906 одел на лов во автомобил). Со задоволство играл и тенис со своето семејство. Бил и аматерски фотограф. На неговиот секојдневен живот не се одразил фактот што империјата ги одбројувала своите последни денови. Последната сметка за поправката на велосипедот ја добил на 10 мај 1917 година, а истиот месец го одиграл и последниот тениски меч.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња