Битката на Халкин Гол: Судбоносната победа на Советите над јапонската армија

Заробени јапонски војници, Халкин Гол, август 1939 година

Заробени јапонски војници, Халкин Гол, август 1939 година

Виктор Тјомин
На седумдесетгодишнината од битката на Халкин Гол тогашниот претседател на Руската Федерација Дмитриј Медведев за време на посетата на Монголија го истакна спасоносниот карактер на битката за државноста на СССР и на Монголија. Причини за тоа секако постојат. По овој тежок пораз, Јапонија се сврте во поход на Пацификот за кој нејзината војска беше многу поподготвена.

Граничните судири на СССР и на Јапонија не беа нешто ново, Една година претходно битката на езерото Хасан беше првиот поголем тест на советската одбрана, кој заврши со пораз на Јапонија. Сепак, битката кај Хасан не беше од поголеми размери. Овој пат Јапонија ги тестираше Советите преку нејзиниот сојузник (сателит) Монголија.

Пограничните судири во Монголија започнаа во мај 1939 година со нападот на јапонските сили на караулата на Монголската народна армија. Поради засилувањето на интензитетот на провокациските напади се активираа и советските сили, така што пограничниот конфликт полека прерасна во советско-јапонски конфликт. Николај Фкленко, командант на 57 пешадиски корпус испрати на границата неколку моторизирани пешадиски чети, кои ги отфрлија Јапонците преку границата. Од една и од другата старана започна воведување на крупни воени единици. Интензитетот на судирот влегуваше во нова фаза. Обете страни привлекуваа свежи сили.

Во последната недела на мај се одигра првата воздушна битка во која Јапонците излегоа како победници, соборувајќи 15 советски авион и губејќи само еден свој. Незадоволството од раководството на Феклен и локалниот пораз на советските пилоти беше сигнал за Москва дека е потребна промена на теренот. Јаков Смушкеевич и уште 47 инструктори од кои 17 херои на Советскиот Сојуз на 29 мај стасаа во Монголија поради реорганизација и дополнителна обука на советските пилоти. Покрај пилотите испратени се и последните модернизации на авионот И-16. На почетокот на јуни на местото на командата на групата војски во Монголија на Фекленк стаса командантот на дивизијата Георгиј Жуков кој веднаш започна да води активна одбрана и предлагаше контранапад на положбите на Јапонците. За помош на координацијата помеѓу Црвената армија и монголската армија стаса и Григориј Штерн од Чита. Помеѓу Жуков и Штерн завладеа големо ривалство поради несложувањето во плановите за изведување на операцијата.

Командантот од 2 ранга Г. М. Штерн, маршалот на Монголската Народна Република Х. Чојибалсан и командантот на корпусот Г. К. Жуков на командното место Хамар-Даба. Халкин Гол, 1939 година.

Откако ја увиде состојбата на теренот, Жуков од Москва побара дополнителни сили за одбрана и за планираниот контранапад. Со оглед на оддалеченоста на теренот брзо на сцената на борбените дејствија можеа да стасаат единиците од далекуисточниот округ кои беа полошо обучени, но материјалните средства што Москва ги испрати ги надмина средствата на Јапонија, особено во оклопно-механизираните единици кои ќе се покажат како клуч за успехот на битката. Јапонија исто така се подготвуваше за напад.

Цел јуни 1939 година мина во помали борби во должината на реката Халкин Гол, каде покрај позициските борби беше создаден и рововски тип војна, но на небото воздушните борби не престануваа. Реорганизираното Црвено воздухопловство започна да ја покажува својата сила. Во борбите помеѓу 22 и 28 јуни Јапонија изгуби 90 авиони, додека советската страна 38. За првпат во воздушната борба беа употребени ненаведувачки ракети на авионите И-16. Со оглед на тоа дека битката влегуваше во интензивната фаза и дека започна да добива меѓународно значење, првите статии за борбите во Монголија се печатат и во советскиот печат.

Авионот И-16, Халкин Гол, 1939

Јапонците го преминуваат Халкин Гол – колеж на ридот Баин Цаган

Офанзивната група на генерал-мајорот Кобајас на 2 и на 3 јули ја форсираше реката и го зазеде стратешки важниот рид Баин Цаган, кој стана мостобран на јапонската војска на источниот брег од реката. Оттука според планот на јапонската команда требаше да биде развиена офанзива и опкружување на советската војска во Монголија. Поради ширината на фронтот и предноста што напаѓачот ја имаше на офанзивниот правец, советската команда претходно создаде мобилни резерви кои во текот на битката имаа клучна улога. Георгиј Жуков веднаш нареди противнападот да биде извршен од страна на 11 тенковска бригада на Јаковлев и 8 оклопен дивизион на монголската армија. Битката за ридот Баин Цаган стана вистински колеж. Црвената Армија јуришаше на доброутврдените положби на Јапонците на ридот. Од двете страни учествуваа повеќе од 400 тенкови и оклопни возила, на небото имаше повеќе од 300 авиони. До вечерта следниот ден на 4 јули Јапонците го држеа само врвот на Баин Цаган, а јапонската команда нареди да се уништи понтонскиот мост за да им се даде до знаење на војниците дека нема повлекување. 11 тенковска бригада изгуби 70% од тенковите со офанзивата на брдото, неколку дена подоцна ќе загине и самиот командант на бригадата Јаковлев.

Совјетско оклопно возило БА-10М уништено за време на битката за Халкин Гол, 1939 година

Јапонците изгубија над 8.000 војници, сите тенкови и речиси целата артилерија. До 12 јули беа поништени успесите на Јапонија за време на преминувањето на реката. Советската команда започна со планирање на преминувањето на реката и опкружување на групата јапонски единици. Сталин бараше куса и решителна победа која ќе овозможи потпишување мир, со што ќе се избегне подолг конфликт со Јапонија.

Пред почетокот на решавачката фаза од битката Црвената армија достигна 58.000 луѓе, околу 500 тенкови, 385 оклопни возила, над 500 авиони и над 500 артилериски оружја и минофрлачи. Јапонците од другата страна имаа на располагање 75.000 луѓе, над 300 артилериски цевки, 120 тенкови и оклопни возила, над 450 авиони. Јапонците имаа предност во поглед на бројот на војниците, додека Советите остварија повеќекратна надмоќ во техниката. Советската команда организираше непрекината линија на снабдување со 4.000 камиони и 375 цистерни на должина од патот од 1.300 до 1.400 километри, со што беше создадена супериорна материјална база во однос на Јапонците.

Црвената армија пред нападот. Халкин Гол, 1939

Нападот кој започна на 20 август рано изутрината за Јапонците беше сосема неочекуван, со над 250 авиони советската авијација изврши силен напад, по што започна преминувањето на реката. Со оглед на тоа дека располагаа со значителен број оклопно-механизирана сила, Советите можеа полесно да ја определат гравитациската точка на нападот, додека Јапонците главно со пешадиските единици не можеа да му парираат на овој напад со преместување во резерва. Веќе првиот ден, мостобран беше формиран на повеќе места, по што воведувањето на силите одеше по планот. До 26 август целата јапонска 6 армија се најде во опкружување. Сите обиди за нејзина деблокада пропаднаа и битката беше завршена.

Сталин ја разигра својата дипломатска игра со потпишување на пактот Рибентроп-Молотов за време на завршната фаза на битката на Халкин Гол, обезбедувајќи ги привремено западните граници. Целосниот прекин на дејствијата е потпишан на 15 септември, со што беше отстранета опасноста и од исток. Поразот на Јапонија на Халкин Гол имаше големи геополитички последици. Потресена од поразите на Хасан и Халкин Гол, Јапонија не се осудуваше да стапи во војна против СССР, освен доколку не постоеја сигурни гаранции дека СССР ќе биде поразен. На германското барање Јапонија да стапи во војна против Советите и така да им зададе удар во грб, еден член на јапонскиот генералштаб одговори: „Основното воено образование го добивме на Хасан, средното на Халкин Гол, високо воено образование не сакаме“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња