Зошто Наполеон не успеа да го крене во воздух московскиот Кремљ

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Не само московјаните и руската армија, туку и самата природа станала против варварскиот план на Наполеон да го срамни со земја Кремљ во нему омразениот град.

Не претерано срдечен пречек

Москва неспоредливо многу се разликувала од другите европски градови потчинети на воениот гениј на Наполеон. Толпи жители не побрзале тука да ја видат колоната на Големата армија во марш, ниту пак претставниците на локалните власти брзале да му ги предадат на Наполеон клучевите на градот.

Францускиот император го дочекал непријателски, празен град, згора на тоа, сѐ уште целиот во пламен. Гледајќи ги одблесоците на пожарот во којшто горела Москва, Наполеон прозборел: „Каков страшен призор! Тие самите го палат....Каква одлучност! Какви луѓе! Тоа се Скити“. 

Француската окупација на Москва траела малку помалку од два месеци. Нештата се одвивале на начин што не можеле да бидат полоши за Наполеон. „Големата армија“ се претворала во деморализирана група на пљачкаши и разбојници, доаѓал страшен студ, Русите не праќале преговарачи, а нивната засилена војска уште и ги победила трупите на Жоаким Мира на југозападот на Москва.

Не обраќајќи внимание на сугестиите на некои од неговите маршали да презими во градот, Наполеон донесува одлука да ја напушти Москва и да се повлече на запад.

Освета

Францускиот император, сепак, не можел туку-така да го напушти омразениот град. Тој едноставно се чувствувал обврзан да му се освети за „гостопримството“. Покрај тоа, требало да се остави и порака до Александар Први, кој одбил да преговара со Наполеон.

На крај, била донесена одлука да се удри во срцето на Русија - Кремљ. „Ја напуштив Москва, наредувајќи Кремљ да се крене во воздух“, ѝ пишувал Наполеон на својата сопруга.  

„Големата армија“ ја напуштила Москва. Во градот останале само ранетите и одред од осум илјади луѓе под команда на маршалот Едуард Мортје кому императорот му наредил да го крене во воздух Кремљ и да ги запали дворецот и сите јавни згради. 

Французите ги спотерале московјаните во Кремљ и ги натерале три дена да копаат ровови и поставуваат мини. Еден од тие работници се сеќава: „Едноставно не можевме да ги кренеме рацете. Сѐ нека пропадне, само барем нашите раце да не бидат вмешани во тоа. Работевме неволно, и ни беше многу тешко, но моравме да копаме. Проклетниците стоеја тука и штом ќе видеа дека еден од нас не копа добро, го удираа со кундаците. Мене целиот грб ми беше претепан“.

Московјаните кои не сакале да учествуваат во уништувањето на градот бегале од Москва, пренесувајќи му притоа на одредот на руската војска на генералот Фердинанд Винцингерод кој бил стациониран во едно од подмосковските села какво варварство се подготвувало. Останало забележани дека револтираниот Винцингерод рекол: „Не, Бонапарта нема да ја крене Москва во воздух. Јасно ќе му станам до знаење дека ако се случи тоа само со една црква, сите заробени Французи ќе бидат обесени“.

Меѓутоа, генералот, кој во својство на преговарач тргнал кај Мортје, бил заробен и за некое чудо избегнал да биде стрелан. 

Спасување

Веднаш штом последните француски војници го напуштиле градот, поставените мини почнале да експлодираат. Од сите страни се слушале страшни плачења, врисоци и крици на луѓето кои останувале под урнатините. Се слушале повици за помош, но немало никој да помогне. Кремљ бил осветлен од злокобниот пламен на пожарот. Експлозиите следеле една по друга, земјата се тресела. Сè наликувало на последниот ден од светот, кажувале очевидците.

Во експлозијата била уништена Водната кула, а оштетени биле Никољската, Првата Безимена и Петровата, како и дел од ѕидините на Кремљ и Арсенал. За чудо неоштетена останала највисоката зграда во Москва, камбанаријата на Иван Велики, додека градбите кои подоцна ѝ биле доградени не го издржале потресот.

Последиците можеле да бидат далеку полоши, доколку очигледно и самата природа не се побунила против варварската наредба на Наполеон, која и француските офицери зад грбот на војсководецот ја нарекувале погрешна. Обилните есенски дождови кои со денови не престанувале едноставно изгаснале голем дел од фитилите не дозволувајќи им на мините да експлодираат.

И локалните жители, исто така, здушно ги гаселе фитинзите, како и коњичката претходница на руската војска под команда на А. H. Бенкендорф која влегла во градот.

Планот на Наполеон целосно пропаднал. Некогаш „големата“ француска армија, која видливо се топела и згаснувала, не стигнала ни да ја напушти руската империја, а московјаните почнале да го обновуваат Кремљ, отстранувајќи ги трагите од непријателското дејствување.

Прочитајте повеќе: Наполеон во смртоносна клопка: Како Кутузов ја жртвувал Москва за да ја добие војната