Изнесено од Москва и исчезнато без трага: Каде Наполеон го скрил опљачканото злато?

Global Look Press
Се зборува дека во својот неуспешен поход на Русија во 1812 година армијата на Наполеон ја опљачкал Москва и дека меѓу другото има однесено 80 тони злато, но дека тоа никогаш не било изнесено од Русија.

„Би можело да се помисли дека тоа е некаков вид карван... или дека древна армија се враќа од голем поход со заробеници и плен“, вака Филип Сегур, припадник на Наполеоновата армија, а подоцна историчар, ги опишува десетиците коњски запреги натоварени со она што Француската војска го опљачкала во Москва.

Судбината на овие трофеи е сè уште непозната, иако постои основа за претпоставка дека тие останале во Русија. Истражувачот и трагач по изгубеното богатство Владимир Приваев тврди дека постои список на скапоцености кои единиците на Наполеон ги изнеле од Москва. „Споменатите предмети не биле продавани на аукција, ниту се имаат појавено во приватни збирки“, вели тој (статија на руски јазик). „Од ризницата на московскиот Кремљ и од московските храмови однесени се скапоцености, украси и уметнички дела“.

Според историчарот Александар Серјогин, во тие 200 запрежни коли се наоѓале и предмети кои француските освојувачи ги украле од 15.000 куќи. „Сепак, најодвратно е она што го правеле во црквите и во манастирите“, вели тој. „Ги ваделе иконите, ги сечеле украсите. ... Тие скапоцените метали ги претопувале во лостови со втисната буква 'N'. Тоа траело еден месец. Ова го разлутило и Наполеон, па наредил да се престане со пљачкосувањето“.

Се вели дека меѓу украдените предмети бил и златниот крст од камбанаријата на Иван Велики во Кремљ. Тогаш оваа камбанарија била најголемото здание во Москва. Според определени извори, Наполеон сакал да го постави крстот на Париската национална резиденција на инвалиди, каде планирал да отвори музеј на покорените народи.

Под товар на украденото богатство

Популарна е верзијата дека Наполеон некаде го скрил украденото богатство додека се повлекувал од Москва есента 1812 година. На францускиот император му тргнало од рака да ја заземе некогашната престолнина, но не можел да ја победи руската војска и морал набрзина да се врати, бегајќи од руските единици кои постојано го напаѓале. Во тоа бегство голем товар бил пленот, меѓу кој и 80 тони злато. Затоа Наполеон наредил сето тоа да се скрие.

Според Сегуров, Французите го потопувале златото во Семљовското езеро во близина на Вјазма, 300 километри западно од Москва. Се смета дека Наполеон во бегството од руската војска преноќил во соседното село Семљов. Според Сегура, ова го тврди и шкотскиот писател Валтер Скот во биографијата „Животот на Наполеон Бонапарта, императорот на Франција“, напишана во 1827 година.

Тајна скриена во длабочината на езерото

Веднаш по француско-руската војна на подрачјето на Семљовското езеро пронајдени се оружје и муниција. Потрагата по златото започнала во триесеттите години од 19 век, неколку години по објавувањето на книгата на Валтер Скот. Смоленскиот губернатор Николај Хмељницки во 1836 година вложил средства во подводно истражување на езерото, но безуспешно. Обидот на археологот Екатерина Клетнова на почетокот на 20 век исто така бил неуспешен.

Во советскиот период постоеле неколку обиди да се пребараат длабочините на езерото и да се најде исчезнатото богатство. Најдобро организираната акција е изведена кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век. Неа во телевизиска програма (на руски јазик) ја опиша Андреј Хорошев, кој сега е глумец и телевизиски водител, а тогаш бил нуркач.

„Работевме темелно и систематски“, вели тој. Најпрво топографите нацртале мапа на езерото, а потоа се вклучиле геофизичари и геохемичари. Истражувањето покажало дека постојат „две сериозни аномалии“. Едната била во близина, но не во водата. „Со багер ископавме јама длабока 12 метри. Го пребаравме дното, но не најдовме ништо. На местото на втората аномалија поставивме сензор за вода. Нуркачите таму ископаа јама, но на нејзиното дно најдоа само огромен камен“.

Семљовското езеро не е единственото место каде истражувачите го имаат барано Наполеоновото богатство. Пориваев вели дека треба да се бара во близина на Берјозина, на територијата на денешна Белорусија каде француските војници се судриле со Русите и изгубиле многу луѓе и голем дел од опљачканото богатство. Тука престојувале неколку групи истражувачи, а меѓу нив и француско-белоруски тим кој во 2012 година трагаше по златото, но ништо не беше пронајдено. Очигледно дека оваа тајна е подлабока, одошто се мислело.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња