Невообичаеното однесување на руската војска било првото непријатно изненадување за големиот Наполеон. Надевајќи се на брза победа, францускиот император собрал огромна повеќенационална војска и влегол во Русија, не наидувајќи на никаков отпор. Подоцна, додека бил во прогонство на островот Света Елена, Наполеон се сеќавал дека имал „најбројна војска која некогаш војувала на површината на Европа... Зајакнат со единици од Прусија, Австрија и Рајнската конфедерација, под своја команда имав 480.000 војници...“
Со оглед на тоа дека било многу тешко да се снабдува толку голема војска во текот на подолг временски период, Наполеон се надевал дека вообичаената решавачка битка ќе се одигра набргу по преминувањето на границата, некаде на територијата на денешна Литванија.
Но, се случило нешто сосема неочекувано. Иако руската војска (со околу 240.000 војници) дала силен отпор на француските освојувачи, избегнувала голем директен судир и секој пат се повлекувала по неколку прикриени ненадејни напади. Наполеон го опишал расположението кое владеело во француската војска кога по тешка битка кон средината на август во Смоленск (240 километри од Москва):
„Целата војска мислеше дека тоа ќе биде крај на нашиот поход... Моите полкови беа запрепастени кога сфатија дека по толку напорни и смртоносни маршови (два месеци по инвазијата) нивната цел е сè подалечна, и почнаа да се грижат поради големото растојание што ги дели од Франција“, напишал Наполеон во прогонство.
Војката на Наполеон на влезот во Москва.
Getty ImagesНа крајот францускиот владетел сепак ја дочекал својата голема битка: двете војски се судриле покрај селото Бородино, недалеку од Москва. И покрај тоа што руските единици во ноќта по битката се повлекле, Наполеон не ја постигнал својата стратешка цел. Руската војска и понатаму била недопрена. Додека неговата армија поднела тешки загуби и ѝ било потребно време да закрепне. Наполеон се надевал дека француските единици ќе можат да ја повратат силата во Москва, во која влегле два дена подоцна.
Но, повторно планот на Наполеон пропаднал, овој пат поради големиот пожар што ја зафатил древната руска престолнина и кој жителите на Москва самите го предизвикале. „Овој пожар уништи сè. Бев подготвен на сè, освен на вакво нешто. Кој би можел да претпостави дека луѓето ќе ја запалат својата престолнина? Да не беше тој кобен пожар, би имал сè што ми е потребно за мојата војска. Следната година (рускиот цар) Александар би склучил мировен договор или јас би стасал до Санкт Петербург“, му рекол Наполеон на еден британски лекар додека бил во прогонство. А, додека бил во Москва Наполеон постојано повторувал: „Каква ужасна глетка! Тие самите себеси се палат... Каква решителност! Какви луѓе! Тоа се Скити!“
Наполеон подоцна се жалел на предвремените и остри студови кои ги доживеал во Русија. „Утнав за само неколку недели. Самиот ги проучував руските зими во претходните 50 години... Студенилата секогаш започнувале 20 дена подоцна. Кога стасавме во Москва беше минус три степени Целзиусови и Французите тоа добро го поднесоа. Но, по пат (за време на повлекувањето) беше минус 18 и речиси сите наши коњи пцовисаа... Војниците изгубија надеж... Се растурија и настрадаа од раката на непријателот. А, други едноставно легнаа на земја, заспаа и умреа“, се жалел подоцна соборениот император. Се сметало дека временските услови се главната причина зошто неговата војска била поразена.
И покрај понижувачкиот пораз, Наполеон ја фалел убавината на руските градови. „Погледот на Смоленск кој во облик на амфитеатар се простира на бреговите на Днепар, прави прекрасна слика“, запишал францускиот император за градот во чија близина, според некои експерти, го скрил опљачканото богатство од Москва.
Неговите коментари за старата руска престолнина биле уште поласкави: „Подигната како Рим на седум брегови, Москва изгледа живописно. Човек треба со свои очи да го види овој град, полуисточен и полуевропски, со 200 цркви и илјадници куполи со различни бои кои се извишуваат во небото, за да го разбере она што го доживеавме кога го набљудувавме од ридот Поклонаја гора“.
Врз Наполеон длабок впечаток оставил масовниот отпор што рускиот народ го дал на неговата инвазија, како што веќе покажавме со примерот со московскиот пожар. „Ниту најмоќната армија не може да се избори против целата нација која решила да победи или да загине. Не се судривме со Литванците кои беа рамнодушни набљудувачи на она што се случуваше околу нив. Сите луѓе кои беа од руска националност ги напуштија своите домови кога ние минувавме. На својот пат наидувавме само на напуштени или на запалени населби чии жители се обединиле во групи, давајќи отпор на нашата претходница“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче