Наполеон не е единствениот: Кој уште ја опљачкал, ја запалил и ја зазел Москва?

Жан Батист Едуард Детај;/Sputnik
Со најмалку жртви Москва ја имаат окупирано полско-литванските трупи во 17 век. Додека Монголците своевремено го запалиле градот и го разурнале до темели.

Монголската наезда на Русија

Москва за првпат била опљачкана и запалена за време на монголската наезда во Древна Русија. Тоа било многу пред овој град да стане престолнина. Монголците стасале до Москва во 1238 година. Тогаш тоа бил среден град на Владимирското кнежевство.

Опсадата траела три дена. За тоа време московјаните успеале да извршат успешен напад, но тоа само ги разгневило Монголците по што тие го зазеле и го запалиле градот, а командантот на гарнизонот буквално го распарчиле.

Воената кампања на ханот Токтамиш

Победата што московскиот кнез Дмитриј Донски ја однел над Монголците во Куликовската битка во 1380 година била значаен чекор кон ослободувањето на Русија од монголскиот јарем, но конечната победа била далеку. Монголците сè уште биле моќна сила која не можела да се пренебрегне, и тоа го докажале две години подоцна.

Монголскиот хан Токтамиш во 1382 година извршил продор во руските кнежевства и набргу и неочекувано стасал до ѕидините на Москва. Главнината на руските сили на чело со кнезот Дмитриј биле во поход. Во градот завладеала паника. Монголците ги надитриле московјаните така што им испратиле емисари и им понудиле преговори.

Кога емисарите влегле низ градските порти зад нив брзo тргнале и монголските трупи, продреле во градот и направиле колеж.

Градот во целост бил опустошен. Монголците зеле сè што било вредно и ја запалиле Москва. Кога Дмитриј Донски се вратил бил вчудовиден од изгледот на руските улици кои биле полни со трупови.

Налетот на ханот Девлет Гирај

Одбрана на Москва од ханот Токтамиш, XIV век.

Во 16 век можната монголска држава Златната орда се распаднала, а руската држава брзо се ширела и воедно го „чистела теренот“ од преостанатите многубројни ханства и од помалите орди. Но, овие државички и понатаму можеле да извршат упад во длабочината на руската територија.

Во 1571 година Русија била вовлечена во Ливонската војна (1558-1583) така што поголем дел од руските сили биле ангажирани во борбата против шведските и полско-литванските трупи на Балтикот. Кримскиот хан Девлет I Гирај тука видел шанса да ги опљачка руските земји.

Тој без тешкотии стасал до Москва и ги запалил околните села и предградијата. Пожарот се раширил и кон самиот град. Девлет се откажал од офанзива врз Кремљ. Наместо тоа како робови зел десетина илјади луѓе и се вратил на Крим.

Инспириран од овој успех ханот дури и му предложил на османлискиот султан Селим Втори да ја освои руската држава. Но, овој план пропаднал кога заедничката кримско-османлиска армија во 1752 година доживеала целосен крах во битката кај местото Молоди во близина на Москва.

Полско-литванската интервенција

Протерување на Полјаците од Кремљ

На почетокот на 17 век во целата руска држава владеел глад. Настапила политичка криза, а потоа и таканаречената „смутна доба“. Земјата била поделена на разни политички групи и движења, и била изложена на странска интервенција.

Најуспешна странска сила во Русија била Полско-литванската државна заедница. Полските трупи активно учествувале во сите граѓански конфликти, поддржувајќи и користејќи различни претенденти за престолот.

Полјаците во 1610 година ја поразиле војската на рускиот цар Василиј Четврти кој набргу потоа бил симнат од престолот. Руското благородништво му го понудило престолот на полскиот кнез Владислав. Полско-литванските трупи не наишле на отпор кога на чело со Станислав Жолкевски влегле во градот и го зазеле Кремљ.

Полјаците ветиле дека нема да ја вклучуваат Русија во Полско-литванската државна заедница и дека нема да нанесат штета на православната вера, но сепак дејствувале како завојувачи и набргу предизвикале големо народно незадоволство.

Во целата земја започнало да се шири движење против полската окупација. Полскиот гарнизон во Кремљ бил држен под опсада за по неуспешните обиди за продор да се предаде во 1612 година.

Москва била ослободена, но војната била завршена дури шест години подоцна. Владислав дури во 1634 година се откажал од своето претендирање за рускиот престол.

Големата армија во Москва

Пожарот во Москва во 1812. година

200 години по опишаниот настан Полјаците им се одмаздиле на московјаните. Тие во 1812 година меѓу првите влегле во Москва. Тоа биле војниците од Петтиот корпус на Големата армија на Наполеон.

Руската команда решила да ги повлече трупите од Москва по големите загуби во битката кај Бородино. На 14 септември кога Наполеон влегол во Москва нашол речиси пуст град.

Францускиот император очекувал каква било иницијатива за преговори со руската страна, но Русите наместо тоа го запалиле и го уништиле поголемиот дел од Москва. Французите одговориле со масовни погубувања и пљачкосувања.

Наполеон останал во Москва само еден месец. Се наближувала зимата и тој решил да го напушти градот и да ги повлече своите единици. Големата армија по неуспешниот поход тргнала назад, но во тоа долго и тешко патување била целосно десеткувана.

Прочитајте исто така: „Каква решителност! Какви луѓе!“: Пет нешта кои го изненадиле Наполеон во Русија

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња