Четири битки во кои руската армија била столчена

Битката кај Аустерлиц

Битката кај Аустерлиц

Bogdan Willewalde/Военоисторискиот музеј на артилерија, инженерија и врска.
Овие важни битки биле катастрофални за руската армија. За волја на вистината, порано или подоцна била извојувана победа: по Калка следувало Куликово, по Нарва – Полтава, по Аустерлиц – Париз, по Киев – Сталинград.

Калка (1223)

Само 14 години пред катастрофалната монголска наезда (1237-1240) на Русите им се пружила можност да се запознаат со моќните степски воини кога во 1223 година 30.000 монголски војници продреле на територијата на Куманите, племе кое живеело номадски живот јужно од руските кнежевства.

Битката на реката Калка

Куманите побарале помош, а некои руски кнезови се одѕвале. Заедничката руско-куманска војска со 40.000 војници ги дочекала Монголците на брегот на реката Калка во денешна Донецка област.

Битката завршила со катастрофален пораз на руско-куманската војска. Одредите од руските кнежевства не можеле добро да ги координираат дејствијата ниту меѓу себе, ниту со Куманите, кои најчесто им биле непријатели. Монголците дејствувале прецизно и координирано, и ја сотреле руско-куманската армија, убивајќи 90% од нејзините војници.

Руските кнезови кои не успеале да се спасат, биле фатени и фрлени во плиток ров преку кој потoа биле фрлени дрвени штици и на нив победниците организирале пир. Жртвите се задушиле, а сите коски им биле скршени.

Во битката на реката Калка Монголците ја провериле борбената подготвеност на руската војска. Русите паднале на овој „испит“, по што руската земја ја зафатиле паника и страв. Народот почнал да очекува уште полоши времиња, и тие настапиле во 1237 година, односно 14 години подоцна.

Нарва (1700)

Големата Северна војна беше судбоносна и за Русија и за Шведска. Русија излезе од војната како голема регионална сила, а од некогашната шведска слава остана само сенка. Но, пред руската армија да го прослави својот голем триумф кај Полтава (1709), целата нација била принудена да го истрпи понижувачкиот пораз кај Нарва во 1700 година.

Битката кај Нарва 1700 година

Руската армија беше значително побројна – имаше 40.000 војници, додека Швеѓаните имаа само 9.000 луѓе. Но, Русија во воен поглед мошне заостанувала зад другите земји од тоа време. Само Семјоновскиот и Преображенскиот полк биле формирани според западните принципи и можеле да се споредат со најдобрите војници на кралот Карл Дванаесетти.

Русите не биле во состојба да ги одбијат доброорганизираните напади на Швеѓаните. Хаотично се повлекувале, многумина офицери биле заробени и изгубена била речиси сета артилерија.

Само два руски полка формирани по западниот модел се повлекувале, продолжувајќи ја борбата. Царот Петар не заборавил на нивната храброст, така што Семјоновскиот и Преображенскиот полк подоцна станале темел на руската гарда.

Од рускиот пораз кај Нарва шведските и руските владари извлекле различни заклучоци. Петар почнал да ја модернизира армијата, а Карл Дванаесетти заклучил дека Русите повеќе не претставуваат сериозна опасност, па оваа погрешна процена го чинела скапо девет години подоцна во битката кај Полтава.

Аустерлиц (1805)

Уште од Северната војна (1700-1721) Русија нема претрпено ниту еден пораз. Овој триумфален период го прекинал Наполеон со битката кај Аустерлиц 1805 година, кога Французите се бореле против заедничките руско-австриски единици.

Битката кај Аустерлиц, 2 декември 1805 година

Овој настан е познат и како Битката на тројцата императори – Наполеон, Александар Први и Франц Втори. Ова бил еден од најголемите судири во војните на Наполеон.

Францускиот император со 65.000 војници ја победил руско-австриската армија која броела 84.000 војници. Наполеон паметно ги искористил податоците на своите разузнавачи и успеал да го одбие нападот на сојузничките групи, па дури и со својот главен контранапад да го разбие непријателот.

Сојузниците изгубиле над 27.000 луѓе, додека во француските редови загинале 9.000 војници. Рускиот и австрискиот император на време го напуштиле бојното поле за да не бидат заробени.

Руското општество било убедено дека армијата на Русија е непобедлива, па затоа било шокирано од поразот кај Аустерлиц.

Првата битка кај Киев (1941)

Советската армија тешко ја поднела 1941 година. Претрпувала пораз по пораз и огромни загуби. Една од таквите катастрофи била првата битка за Киев – најголемата опсада на еден град во историјата.

Заробени руски војници по битката кај Киев

Првите напади на главниот град на Советска Украина во јули биле успешно одбиени благодарение на доброорганизираната советска одбрана. Но, кон крајот на август ситуацијата нагло се сменила.

Наместо да ја нападне Москва, Хитлер наеднаш наредил да се изврши силен напад на Киев. Било планирано да се заземе градот за да се отвори пат до рудниците за јаглен на плодната украинска земја. Дел од германските единици биле префрлени од Московскиот фронт.

Советската команда ги искористила сите ресурси за обраната на Москва и не очекувала ваква промена на планот. Било организирано забрзано обновување на резервите, како и изградба на дополнителни одбранбени објекти околу Киев, но веќе било доцна.

Кон крајот на август и почетокот на септември моќните германски единици извршиле силен напад врз Киев, разбивајќи ја советската одбрана и покрај жестокиот отпор. На советската војска ѝ било наредено да се бори до крај, што резултирало со најголемата катастрофа од овој вид во историјата. Над 700.000 војници биле убиени, исчезнати, ранети или заробени. Германците имале над 120.000 убиени и ранети.

Поразот кај Киев бил првата катастрофа за Советскиот Сојуз. Југозападниот фронт речиси во целина исчезнал. Изгубен бил Киев, а со него и цела Украина. Така на Германците им бил отворен патот кон Сталинград и Крим.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња