Пет судбоносни победи на руската армија

„Кутузов на Бородинското поле“ , Сергеј Герасимов

„Кутузов на Бородинското поле“ , Сергеј Герасимов

Во својата долга историја Русија многу пати војувала и често победувала. Некои од тие победи до денешен ден го немаат изгубено своето значење.

Битката на Куликовското поле (1374-1380)

Од средината на 13 век руските кнежевства во помала или во поголема мера политички и економски зависеле од Златната Орда. Кон крајот на 14 век зајакнало Московското кнежевство и се обидело да се ослободи од оваа зависност.

„Куликовската битка“, Михаил Авилов,1943.

Кога во 1359 година бил убиен ханот Берди Бег во Златната Орда завладеал хаос во борбата за престолот.

Руските кнежевства биле испратени против Мамај, еден од главните монголски војсководци. Тој не бил потомок на Џингис-хан и немал право да владее со Златната Орда. Сепак, Мамај фактички ја узурпирал власта, поставувајќи го ханот Булак на престолот како своја марионета.

Московскиот кнез Дмитриј Иванович (подоцна познат како Донски) во 1374 година одбил да им плаќа данок на Монголците, по што следела цела серија судири. По поразот во битката кај реката Пјани во 1377 година, Русите следната година ги победиле Монголците во битката кај реката Вожи. Тоа била првата поголема победа на руската војска во борбата против Златната Орда.

Кулминација на таа војна била Куликовската битка од 1380 година. Единиците на Мамај биле целосно победени, така што тој повеќе не можел да ја задржи власта во Златната Орда. Нов монголски владар станал Токтамиш, потомок на Џингис-хан.

Со победата во Куликовската битка руските кнежевства не се ослободиле од монголската власт. Токтамиш повторно ја воспоставил власта, палејќи ја Москва во 1382 година. Русија конечно се ослободила од Монголците дури 100 години подоцна, по битката на реката Угра во 1480 година.

Сепак, значењето на победата во Куликовската битка е големо. Власта и воениот престиж на Монголците биле доведени во прашање. Тие повеќе не биле во состојба да го вратат она влијание врз Русите што го имале пред битката.

Битката воено ја дефинирала и иднината на руската држава, зашто со неа Московското кнежевство се наметнало како политички центар околу кој се обединиле руските кнежевства.

Големата Северна војна (1700-1721)

„Битката кај Гангут“, Маурис Бакоа (1724—1727).

Ова била една од најважните војни во руската историја зашто со неа е означена преродбата на Русија како империја.

Руската држава со години се обидувала да ги заземе Ливонија и Естонија и така да си обезбеди излез на Балтичко море. Последниот поголем обид бил направен за време на Иван Четврти, но без успех – тогаш Московското царство било победено од Шведска и од Полско-литванската државна заедница.

По ваквото горчливо искуство Петар Велики потемелно се подготвил за следната војна. Северната алијанса на Русија и Полско-литванската државна заедница, Данска и Саксонија, планирале да го урнат Шведското кралство како хегемон на Источна и Северна Европа.

Шведскиот крал Карл Дванаесетти, сепак, ги победил сите членки на Северната алијанса, така што на крајот Русија останала очи в очи со моќната шведска армија. Битката кај Нарва во 1701 година била катастрофална за руската армија и го принудила Петар Први да спроведе коренити воени реформи.

Рускиот цар со голема упорност ја постигнал својата главна цел – отворил „прозорец во Европа“. Тој во 1703 година го основал градот Санкт Петербург, идната престолнина на Русија, на земјата која им била одземена на Швеѓаните, а потоа со својата модернизирана армија конечно ја победил Шведска во Полтавската битка (1709), за во 1714 година во битката кај Гангут да ја однесе првата важна победа за руската флота.

Со мировниот договор склучен во Ништад во 1721 година Русија стекнала огромна територија од Ливонија, Естонија и Ингрија, како и дел од Карелија. Така е создадена Руската империја која потоа почнала да игра активна улога во европската политика.

Руско турската војна (1768-1774)

Иван Ајвазовски, „Чесменската битка“, ноќта 25-26 јуни 1770 година.

Војната што Екатерина Втора ја водела против Османлиското царство е една од најважните во низата многубројни руско-турски конфликти. Во неа се имаат прославено неколку исклучителни руски војсководци.

Во битката на Кагула во 1770 година, една од најголемите во 18 век, руската војска со 40.000 војници на чело со Пјотр Румјанцев ја „скршила“ турската војска која броела 150.000 луѓе.

Легендарниот војсководец Александар Суворов со 5.000 војници ја победил петпати побројната турска војска во битката кај Козлуџа во 1774 година. Тоа била една од решавачките борби во оваа војна.

Славни победи се однесени и на море. Во поморската битка кај Чесма во 1770 уништен е поголемиот дел од турската флота.

Кучук-Кајнарџијскиот мировен договор (1774) ѝ овозможил на Руската империја да се зацврсти на црноморскиот брег, да ги обезбеди кримските градови Керч и Јеникале, да има воено-поморска база во Црно море, како и да се грижи за христијаните во Молдавија и Влашка, кои како вазалски кнежевства се потчинувале на Османлиското царство.

Според овој договор Кримскиот канат станал независен од Османлиското царство, а всушност преминал под силно влијание на Русија, за конечно да биде припоен во 1783 година. Треба да се истакне дека на Канатот му припаднал островот Крим, но и голема територија на брегот од Азовско и Црно море.

Сè на сè, оваа војна ѝ овозможила на Русија во голема мера да се прошири кон југ зашто Османлиското царство почнало да се намалува.

Француската инвазија на Русија и Војната на шестата коалиција (1812-1814)

„Влезот на руската војска во Париз, 31 март 1814“, непознат уметник.

По поразот од Наполеон во Војната на четвртата коалиција во 1807 година Руската империја била принудена да се приклучи на Континенталната блокада на Велика Британија, што на Русија ѝ нанело голема економска штета.

Правилата што им биле наметнати на руските власти биле понижувачки, така што Русија наскоро престанала да се придржува кон нив. Војната била неизбежна. Започнала во 1812 година со влегувањето на Големата армија на руска територија.

Руските команданти биле свесни за талентот на Наполеон и затоа избегнувале голема битка што тој ја посакувал.

До оваа битка дошло дури на приодите на Москва, кај селото Бородино. Ниту една страна немала предност.

Францускиот император немал никаква корист од окупација на руската престолнина. Бил принуден да ја напушти Москва без да склучи мир, ниту примирје со рускиот император Александар Први.

Повлекувањето на Големата армија било вистинска катастрофа. Таа целосно се распаднала поради големиот студ, герилските напади и непрекинатото продирање на руската армија. Речиси 90% од војниците во армијата која броела 680.000 луѓе биле погубени, заробени, исчезнати или дезертирале.

Во 1814 година руската армија стасала до Париз, а Наполеон се откажал од престолот.

По победата над Наполеон пораснал угледот на Русија во светот. Руската империја го постигнала она што другите не успеале да ги постигнат во текот на цела деценија.

Втора светска војна

Поставување на знамето на Рајхстаг. Берлин, 1945.

Победата над нацистичка Германија и нејзините сојузници е најважниот настан во руската историја. Оваа војна во голема мера се разликувала од сите претходни кога станува збор за опстанокот на нацијата.

Советската армија пред војната почнала да добива современа воена техника, но кон крајот на триесеттите години од минатиот век по големите чистки останале малкумина способни команданти, зашто многу високи офицери биле погубени.

Катастрофалната ситуација во првите години од војната го довело под знак прашање и постоењето на самиот Советски Сојуз.

Консолидацијата на целиот народ, сеопфатната партизанска војна и новата генерација талентирани команданти се факторот кој овозможил Русија да избегне пораз и да однесе победа. Советскиот народ за таа победа плати со животите на 27 милиони луѓе.

Втората светска војна придонела за зајакнување на геополитичкиот статус на СССР. Во ослободената Источна Европа се воспоставени режими наклонети кон Советскиот Сојуз.

СССР стана една од двете светски суперсили – воено-индустриски гигант кој само 12 години по завршувањето на разорната војна успеа да го испрати во вселената првиот сателит.

Прочитајте за 5 најлоши воени порази во руската историја.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња