Зошто Сталин се одрекол од шпионот кој ја спаси Москва од фашистите

Sputnik, Public domain
Советскиот разузнавач Рихард Зорге вредел колку цела една армија. Неговите извештаи не само што ја спасиле Москва од германската армија во Втората светска војна, ами мошне придонеле во победата над нацизмот. Но, по сето тоа Сталин на Зорге му се „заблагодарил“ на свој необичен начин, дозволувајќи им на Јапонците да го обесат.

Есента 1941 година се решавала судбината на војната помеѓу СССР и Германија. Хитлеровите единици дошле до Москва, но по неколку крвави судири советската армија успеала да премине во контраофанзива и да го натера непријателот да се повлече.

Оваа победа во голема мера ја овозможиле одморените дивизии на Црвената армија кои на Далечниот исток го чекале нападот на јапонската војска. Но, Сталин никогаш не би наредил повлекување на 26 дивизија од истокот доколку не бил Рихард Зорге кој уверувал дека Јапонците нема да нападнат во 1941 година.

Во Јапонија

Рихард Зорге бил роден да стане еден од најпознатите шпиони во историјата. Паметен, одлично образован, привлечен, елегантен, лесно ги наоѓал луѓето од кои ги црпел сите потребни информации. Од 29 години младиот германски комунист и Русин по мајка Рихард Зорге се преселил во Советскиот Сојуз и бил врбуван во советската разузнавачка служба.

Во 1933 година Зорге во Јапонија работел како германски новинар. Оттогаш неговиот живот бил поврзан со оваа земја, а таму и ја дочекал својата смрт.

Еден од најдобрите извори на информации на Зорге бил и самиот германски амбасадор во Јапонија, генерал0мајорот Еуген От, човек упатен во сите тајни на нацистичка Германија. От имал целосна доверба во Зорге, па дури и сметал дека тој работи за германската разузнавачка служба.

Но, советскиот агент во Токио успеал да создаде јака шпионска мрежа. Еден од неговите агенти бил и југословенскиот новинар Бранко Вукелиќ, дописник на францускиот весник Хавас и на белградска Полирика (починал во јапонски затвор во 1945 година), а човекот кој на Зорге му носел најмногу вредни информации бил јапонскиот новинар Хотсуми Озаки, советник на самиот премиер на Јапонија Фумимаро Коное.

Сомнежите на Сталин

Без оглед на тоа што информациите што Зорге ги испраќал во Москва биле важни и корисни, советското раководство било мошне сомничаво кон својот шпион во Јапонија. Германец и женкар кој често бил гледан ви поднапиена состојба, пријател на самиот нацистички министер за надворешни работи Рибентроп, за Зорге лесно можело да се посомнева дека е двоен шпион.

Сепак, создавањето разгранета мрежа на шпиони во толку затворена земја како што е Јапонија не било лесна задача, па Москва ја продолжила соработката со Зорге.

За време на Сталиновите чистки во втората половина на триесеттите години од минатиот век, врвот на советската КОмунистичка партија бил буквално десеткуван, а настрадале и луѓе кои му биле блиски на Рихард Зорге. Тој исто така добил повика да се јави во Москва „на разговор“. Исплашен за својот живот, Рихард Зорге одбил да замине, оправдувајќи се дека има премногу работа во Јапонија, што исто така го налутило Сталин и го натерало уште повеќе да се сомнева во „тој Германец“.

Сталин не можел до крај да се потпре на својот шпион „Рамзај“ дури ни кога неговите извештаи им помогнале на советските единици добро да се подготват и да ги победат Јапонците во битките за езерото Хасан (Приморски крај) 1938 и за реката Халкин Гол (Монголија) 1939.

Иако бил илјадници километри далеку од Европа, Зорге имал одлични врски со германската и со јапонската воена команда и понекогаш бил подобро информиран од сите советски разузнавачи во Европа.

Повеќе пати ја предупредувал Москва за тоа дека Германците планираат да го нападнат СССР во јуни 1941 година. Но, овие извештаи, за жал, биле игнорирани. Кога веќе се нашол во јапонски затвор признал: „Имаше денови кога испраќав по 3-4 шифрирани пораки во Москва, но се чинеше дека никој не ми верува“.

Битката за Москва

Сталин го сменил мислењето за Зорге по почетокот на германската операција Барбароса. На 14 септември 1941 година најдобриот советски шпион ја испратил можеби најважната порака во својот живот: „Според моите извори јапонското воено раководство донело одлука оваа година да не ја започнува војната против Советскиот Сојуз“.

Зборовите на Зорге овој пат биле сериозно сфатени и се верува дека оваа порака конечно го убедила Сталин да нареди враќање на неколку одморени, доброобучени дивизии од Далечниот Исток за одбрана на Москва.

На петти декември зајакнатите советски единици тргнале во контраофанзива, а Вемахтот го доживеал свој прв сериозен пораз на Источниот фронт.

Апсење и заборав

Во октомври 1941 година Зорге и целата негова мрежа агенти биле уапсени. Германците во прво време не ни верувале дека човекот кој таа година бил прогласен за најдобар германски новинар можел да биде советски шпион. Сите германски барања да го пуштат од притвор биле одбиени.

Откако било докажано оти работи а советската разузнавачка служба, Јапонците двапати стапиле во контакт со Москва и понудиле размена на шпиони. А, Советите одговарале исто: „Ништо не ни е познато за личност со име Рихард Зорге“.

Ниту денес не може со сигурност да се каже зошто Москва одбивала размена на шпиони. Се верува дека Сталин едноставно не можел да му го прости на Зорге признанието дека е шпион зашто се сметало дека вистински советски разузнавач тоа никогаш не смеел да го признае.

Кога и Сталин го оставил својот најдобар шпион на милост и немилост. Судбината на Зорге била решена: бил обесен на 7 ноември 1944 година на 27-годишнината од Болшевичката револиција.

„Кој сте вие, мистер Зорге?“, кадар од филмот

Во СССР за животот и делото на Рихард Зорге не се зборувало околу 20 години, но во останатиот дел од светот неговите подвизи биле добро познати. Дури во 1964 година Никита Хрушлов го гледал францускиот филм „Кој сте вие, мистер Зорге“ и бил мошне изненаден откако0 дознал дека навистина постоел таков човек. Рихард Зорге постхумно е награден со звањето Херој на Советскиот Сојуз.

Прочитајте повеќе за Рихард Зорге: Шпионот кој на Хитлер му ја запржи чорбата

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња