Николај Кузнецов знаел 6 дијалекти на германскиот јазик, но откако ќе го чуел говорот на соговорникот, со кој се покажувало неговото потекло, тој секогаш преминувал на друг. Се плашел дека може да го сметаат за земјак. За тоа има едноставно објаснување: претставувајќи се како етнички Германец разузнавачот ниту еднаш не бил во Германија и лесно можел да се „издаде“ со некоја ситница, позната на секој жител на одредена месност.
За разлика од многу други разузнавачи, чии подвизи и досега се тајни, Николај Кузнецов е еден од најпознатите. Точно, првите истражувачи на активностите на Кузнецов Александар Лукин и Теодор Гладков (подоцна станал познат историчар на тајните служби), во официјалната биографија на разузнавачот темелно ги прикриваат прашањата за неговото потекло и за неговото апсење во крајот на дваесеттите години од минатиот век. Херој не се добива целосно идеален - потекнува од премногу богато семејство, неговиот татко е за белите и не сака да влезе во колхозот.
Николај Кузнецов / Фотографија од архива
Во исто време токму статусот на семејството му помага на упорниот Николај да добие образование во пустелијата на сибирскиот крај (неговото родно село Зирјанка се наоѓа на 2.200 километри источно од Москва). Неговите родителите го праќаат да учи на 100 километри од неговиот дом, во мало гратче, каде има средно училиште со добри професори. Таму за прв пат тој ги покажа своите уникатни лингвистички дарби, практикува германскиот јазик во разговори со двајцата единствени Германци во населбата - аптекарот и шумарот.
Но во дваесеттите години од минатиот век во Сибир на никој не му треба добар лингвист. Кузнецов се запишува во техникум, не успева да го заврши поради „потеклото“ и заминува за Коми да работи во шумско стопанство. Но, на почетокот младиот специјалист нема успех. Тој е уапсен и осуден на една година принудна работа за „правење друштво“ на раководството на стопанството кое крадело.
Веќе по распадот на СССР во биографија на Кузнецов Теодор Гладков раскажува дека токму за време на работата во Коми Кузнецов влегува во видното поле на тајните служби. Локалниот оддел на НКВД обрнува внимание на момчето, кој за една година го научува коми-пермјацкиот јазик, владее совршено германски, а еднаш со леснотија ги одбива напаѓачите.
Почнува да соработува со чекистите, Николај работи за НКВД прикриено во Коми и Урал, води борба со бандитизмот, ги проучува странците кои пристигнуваат во регионот. Треба да се спомене дека во постсоветскиот период голем број организации за човекови права, кои ги истражуваат репресиите во Коми, се обидуваат да му наметнат на Кузнецов одговорност за апсењата на коми-пермјацките националисти. Сепак не успеваат да дадат убедливи докази за тоа.
Во 1938 година, кога поради репресиите централниот апарат на НКВД се соочува со сериозни кадровски дефицити, Кузнецов е испратен да служи во Москва. Тој добива практично единствена позицијата - специјално таен агент, документи на име на советскиот Германец Рудолф Вилхемович Шмит, живеалиште во центарот на советската престолнина и одредена дискреција. Предвоената Москва е посетена од голем број делегации од хитлеровската Германија и Рудолф-Николај вешто гради контакти со инженерите, војската, дипломатите кои го доживуваат како сонародник.
Пасош на име Рудолф Вилхемович Шмит / Фотографија од архива
Во предвечерието на војната диверзиската дејност во СССР не била на високо рамниште. Советската држава се подготвува за офанзивна, а не за одбранбена војна. Познатиот историчар на тајните служби Александар Колпакиди во книгата „Диверзиската дејност зад линијата на фронтот“ ја цитира Директивата на НКВД, која одлично ја карактеризира ситуацијата во јули 1941 година: „Одредите и групите се формираат набрзина, буквално за неколку часа, од лица кои не се познаваат еден со друг, не умеат да ракуваат со оружје“. Итно се создадени нови поделби, кон активност зад линијата на фронтот почнуваат да се привлекуваат професионалци, од кои еден е и Николај. Некое време тој „е на практика“ во камп за воени заробеници, а во текот на летото на 1942 година завршува во реонот на Ровно во Западна Украина со документи на името на оберлејтенантот Пол Зиберт.
За човек кој ниту еднаш не бил во Германија, е тешко да се преправа дека е Германец. На Кузнецов постојано му се наметнува да го контролира секое свое движење. Едноставен пример: кога порачува три чаши пиво, Русите му ги покажуваат на шанкерот палецот, показалецот и средниот прст, а Германците - показалецот, среден и домалиот. Ако се заприкажеш и направиш нешто погрешно, веднаш паѓаш под сомнеж. Но, Кузнецов одлично ја усвојува германската култура за консумација на алкохол, и токму откако опијанува еден германски мајор, дознава за планираниот атентат врз лидерите на земјите од антихитлеровската коалиција во Техеран. Се разбира, како што пишува Александар Колпакиди „офицер кој собира информации во баровите и рестораните во Ровно, може многу да дознае, но не и нешто строго тајно“. Но, од купиштата дреболии добиени од Николај, во Москва аналитичарите цртаат јасна слика на идните германски планови.
Паралелно со ова Кузнецов-Зиберт во Ровно „оди на лов“ на високи германски чиновници и офицери одговорни за злосторства против мирното население. Но, во почетокот на 1944 година, по бранот ликвидации спроведени од Николај, обрачот околу него почнува да се затегнува. Тој „се повишува“ себеси во капетанот и се сели во Лавов, каде реализира неколку познати диверзии. Потоа решава да си пробива пат кон советските сили.
Нниколај Кузнецов во нацистична униформа / Пјотр Здоровило/ ТАСС
Првично среќата продолжува да штити Николај. Кузнецов и неговите луѓе преминуваат преку пунктовите и го напуштаат градот. Но, во малото село Боратин кое се наоѓало во близина на линијата на фронтот, Кузнецов наидува на украински националисти, над кои во оваа фаза од војната хитлеровците речиси целосно изгубиле контрола. За време на борбата Кузнецов и неговите пријатели гинат.
По многу години поранешниот шеф на Кузнецов и Медведев, генерал Судоплатов, ќе напише во своите спомени „Кремљ и разузнавањето“ дека Кузнецов е жртва на „прекумерна верба во среќата“. Впрочем, среќата е само последица на неговата ладнокрвност, подготовката и подготвеност да се бори за својата земја. И како што вели неговиот херој во филмот „Подвигот на разузнавачот“ – „вистинскиот разузнавач треба многу силно да ја сака својата татковина“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче