Рихард Зорге: Шпионот кој на Хитлер му ја запржи чорбата

Wikipedia
Советскиот шпион со германско потекло успеа во текот на триесеттите и на четириесеттите години од минатиот век да организира мошне успешна агентура во Јапонија. Советските власти ги игнорирале предупредувањата на Рихард Зорге за тоа дека Нападот на Германија од 1941 година е неизбежен, но затоа по нападот се потпреле на неговите известувања и врз основа на нив ја планирале одбранбената стратегија.

По завршувањето на Втората светска војна овој голем херој не бил промовиран во советската јавност речиси две децении, сè до 1963 година кога Никита Хрушчов го погледнал филмот со наслов „Кој сте вие, мистер Зорге?“, кој е заснован на мошне впечатливиот живот на маестралниот советски шпион Рихард Зорге. Според еминентниот историчар Стјуард Д. Голдман, советскиот лидер ги прашал раководителите на КГБ дали е ова вистинска приказна. Одговорот бил потврден и Зорге постхумно бил награден со звањето Херој на Советскиот Сојуз.

Зорге, може да се каже, бил најуспешниот интернационален шпион на 20 век. Роден е во 1895 година во градот Баку (кој тогаш припаѓал на Руската империја). Татко му бил Германец, а мајка му Русинка. Неколку години по раѓањето се сели со семејството во Германија каде расте во аристократските кругови на германското општество. Но, историчарите се сложуваат дека руските корени уште во младоста оставиле силен впечаток на Зорге.

Извор: kinopoisk.ruИзвор: kinopoisk.ru

Се приклучил на германската армија пред почетокот на Првата светска војна, па дури и бил награден со Железен крст. По демобилизацијата поради повреда, се запознава со делата на Карл Маркс и станува социјалист. Го завршува докторатот во 1919 година и се приклучува на Комунистичката партија на Германија. Во следните неколку години Зорге често зема учество во агитацијата на Левицата.

Поради проблемите со германската власт пребегнува во Советскиот Сојуз во 1924 година и се приклучува на Коминтерната – советска структура која служи како инструмент за работа со странските комунистички партии. Зорге првпат истапува во улога на агент на воената разузнавачка служба на почетокот на триесеттите години од минатиот век во Кина.

Во тоа време веќе имал стекнато репутација на „женкар“. „Зорге бил згоден и харизматичен. Жените не можеле да му одолеат, а мажите му завидувале“ пишува Стјуард Голдман во статија на сајтот History Net. Бил оженет со Русинка (театарска глумица), но имал многу љубовници.

Јапонија во 1932 година ја анектирала Манџурија, по што Москва започнале да ја загрижуваат јапонските планови поврзани со советскиот Далечен Исток. Зорге добил задача да создава мрежа агенти во Јапонија, со цел повеќе да се дознае за намерите на Токио во поглед на Советскиот Сојуз.

Еден уредник на весник во Германија се согласил да го испрати Зорге како дописник во Јапонија. Дури и напишал пропратно писмо на полковникот Еуген От, германски воен аташе во Токио. Излегува дека тоа било совршено покритие за Зорге. От, кој подоцна ќе стане германски амбасадор во Јапонија, не сакајќи му помогнал на Зорге да создаде агентура во Токио, и бил еден од неговите најдобри информатори во следните неколку години.

Во мрежата на агенти на Зорге бил и Хоцуми Озаки, стручњак за Кина и новинар на левичарската организација кој работел за весникот Asahi Shimbun”.

Зорге живеел во близина на полициска станица во Токио и често го гледале на јавни места како вреви во поднапиена состојба, опкружен со жени. Определени историчари веруваат дека Зорге бил во интимна врска дури и со сопругата на Еуген От. Германскиот амбасадор веројатно му прогледувал низ прсти зашто От му помагал подобро да ја запознае јапонската политичка сцена, што може да се заклучи врз основа на некои извештаи.

Најважни откривања

Зорге дознал за германско-јапонските преговори против Антикоминтернскиот пакт кој директно бил насочен против Советскиот Сојуз. Тоа бил еден од неговите први шпионски успеси во Јапонија.

Потоа во 1939 година предупредил на обидите кои Јапонија ги прави за да ја наговори Германија да формира антисоветска воена алијанса, што го поттикнало Јосиф Сталин да ги интензивира преговорите со Берлин кои резултираат со пактот Молотов-Рибентроп. Овој потег сосема ги расипал плановите Јапонија да го нападне Советскиот Сојуз заедно со Германија и со тоа да ги принуди Русите да се борат на два фронта.

Веќе во декември 1940 година Зорге предупредил дека Германија може да го нападне Советскиот Сојуз. Како што се наведува во книгата „Сталиновиот шпион“ на Роберт Вајтман, Зорге на 30 мај 1941 година ја информирал Москва за тоа дека нападот може да започне во последните недели на јуни.

Сталин решил да ги игнорира овие предупредувања, а за Зорге рекол дека е „изрод кој има изнаотворено фабрики и јавни куќи во Јапонија“. Историчарите сè уште дискутираат за тоа дали Зорге го јавил на Москва точниот датум на операцијата Барбароса. Во секој случај, штом започнал нападот, Сталин веднаш го променил ставот кон врвниот разузнавач.

Доколку Јапонија го нападнеше советскиот Далечен Исток во истото време кога Германија го нападна на Европскиот фронт, последиците ќе беа катастрофални. Но, Јапонија била во војна со Кина и морала да реши дали ќе го нападне Советскиот Сојуз или француските, британските и холандските колонии во Азија.

Хоцуми Озаки бил близок на јапонската влада и му помагал на Зорге да ја оцени опасноста што ја претставува Јапонија за Советскиот Сојуз. Зорге ја информирал Москва дека Токио ќе се сосредоточи на јужниот фронт и дека ќе ја нападне Русија само доколку Црвената армија биде брзо поразена во војната против нацистичка Германија. Мајсторот на шпионажата успеал да добие од От потврда за информацијата за тоа дека Германија не ја убедила Јапонија без одлагање да го нападне Советскиот Сојуз.

Врз основа на овие податоци Советскиот Сојуз во ноември 1941 година од рускиот Далечен Исток префрлил на европскиот фронт 15 пешадиски и 3 коњички дивизии, 1.700 тенкови и 1.500 авиони, пишува Стјуард Голдман. „Токму ова силно зајакнување направило пресврт во Ситуацијата на Битката на Москва во првата недела од декември 1941 година, во исто време кога Јапонија извршила напад врз Перл Харбор“, пишува тој во весникот History Net.

Апсење

Тајните радиопораки на Зорге биле шифрирани со еднократен клуч (советска техника на шифрирање), што за јапонската тајна полиција изгледало како „абракадабра“. Сепак, постоело сомневање во Зорге. Гестаповец од германската амбасада добил задача да го следи, и така Зорге конечно бил фатен.

Други извештаи упатуваат на заклучокот дека кројачката која ја врбувал агентот од понизок ранг Озаки, ги предала агентите на Зорге кога била уапсена. Рихард Зорге е уапсен во октомври 1941 година. Тој се согласил да соработува со властите доколку ветат дека нема да ја уапсат неговата љубовница Ханако Ишо и сопругите на неговите колеги. Јапонците го прифатиле овој услов.

По три години поминати во затвор, јапонските власти го понудиле Зорге во замена за Јапонец кој бил затворен во СССР, но Советите изјавиле дека не го познаваат. Неговото враќање во Советскиот Сојуз не би му одговарало на Сталин, зашто тој ги игнорирал предупредувањата на Зорге дека Германија подготвува напад.

Зорге и Озаки се погубени во 1944 година. Љубовницата на Зорге Иши е поштедена и подоцна добивала советска пензија.

Меѓу почитувачите на советскиот разузнавач е и писателот и морнарички офицер Јан Флеминг. „Зорге е човек кој го сметам за најопасен шпион во историјата“, пишува Флеминг за разузнавачот кој веројатно послужил како инспирација за романите за Џејмс Бонд.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња