Министерството за одбрана на Русија ги прикажа цените на тенковите Т-34 и останатото вооружување кои на Црвената армија ѝ ја донесоа победата во Втората светска војна. „Неодамна објавивме материјали во врска со финансиското обезбедување на испораките на вооружување на советската армија на годишно ниво. Во тој период се донесени специјални директиви со помош на кои сите набавни цени кои се однесуваат на вооружувањето и борбената техника се замрзнати. Политиката на цените за продажба на големо на вооружувањето кое ѝ било неопходно на Црвената армија од година во година константно е намалувана“, изјави генералниот директор на одделот за финансиска логистика на Министерството за одбрана на Руската Федерација Евгениј Прански. Неговите зборови ги пренесува интернет порталот РИА „Новости“.
Така, на пример, основниот среден борбен тенк Т-34 во 1941 година чинел 269000 рубљи, а веќе наредната година неговата цена била практично преполовена и изнесувала 193000 рубли. Во 1943 година за време на легендарната Курска битка цената на еден тенк Т-34 изнесувала 135000 рубли.
Рускиот бомбардер Ил-4 за четирите воени години поевтинувал дури четири пати. На почетокот на војната неговата цена изнесувала 800000 рубли, а при крајот на војната истиот чинел 380000 рубли. Популарниот автомат ППШ-41 „Шпагин“ во 1941 година чинел 500 рубли, а веќе наредната 1942 година - 400 рубли. 1945 година овој автомат ги чинел Советите само 148 рубли. Вкупната вредност на советското вооружување кое ѝ е испорачувано на Црвената армија на годишно ниво не надминувала сума од 50 милијарди рубли, истакнува Прански.
Тој зборуваше и за тајниот систем на материјално стимулирање на борците за тнр. „борбена работа“. Имено, на 8 август 1941 година Сталин го потпишал указот за дополнителното стимулирање на пилотите на Балтичката флота кои ја изведувале операцијата за бомбардирање на Берлин со кој на секој кој учествувал во оваа мисија му следувал бонус во износ од 2000 рубли. На 19 август во оптек стапил документот кој пропишувал финансиски бонуси за сите борбени пилоти кои служеле во Црвената армија. За секој уништен непријателски авион, пилотот добивал награда од 1000 рубли, а за три уништени непријателски авиони добивал високи државни одликувања. Пилотите-асови кои во воздушните дуели уништиле 10 и повеќе непријателски авиони го добивале највисокото одликување – Херој на Советскиот Сојуз. Што се однесува до тенковските екипажи, за секој уништен непријателски тенк на командирот и на нишанџијата им следувале по 500 рубли, а на другите членови на екипажот по 200 рубли.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче