Министерството за одбрана на Русија ги симна ознаките за тајност од архивската граѓа за историјата на воената авијација и подвизите на советските пилоти за време на Втората светска војна, соопштува одделението за информирање и медиуми на рускиот воен ресор.
Меѓу објавените документи се наоѓа копија на рачно пишуваниот концепт на наредбата на комитетот за одбрана на СССР за бомбардирање на Берлин од август 1941 година, диктиран од Сталин.
„До другарот Водопјанов“, стои во насловот на Сталиновата наредба во која се вели:
„Се задолжува осумдесет и првата воздухопловна дивизија на чело со командантот на дивизијата другарот Водопјанов од деветти на десетти август или еден од наредните денови во зависност од временските услови да изврши напад на Берлин. При нападот освен разорни бомби задолжително да се фрлат на Берлин и запаливи бомби од мал и голем калибар. Во случај моторите да почнат да откажуваат на патот за Берлин во својство на резервна цел на бомбардирање да се има Кенигсберг.
Ј. Сталин“.
Покрај тоа, воениот ресор објави архивски документи со детали за подвизите на пилоти-јуришници чии имиња досега не биле објавувани. Меѓу нив е и помладиот поручник Владимир Гуљаев кој му нанел на противникот сериозен удар и успеал да го приземји оштетениот авион. Тука се и непознати документи кои сведочат за наградите за екипажот кој успеал да го повтори подвигот на Николај Францевич Гастел кој прв во Втората светска војна извел таран – напад врз цел со оштетен авион.
Посебен оддел му е посветен на пилотот Екатерина Зеленко која за помалку од шест месеци војување извела преку четириесет успешни борбени летови. Постхумно е одликувана со звањето херој на Советскиот Сојуз за „исклучителното херојство и желбата за победа“. Објавени се и податоци за воздухоплови како што се Ил-2, Јак-1, Јак-7, Јак-3, Ла-5, Ла-7 и други.
Советскиот Сојуз изведе воздушен напад врз Берлин како одговор на бомбардирањето на Москва ноќта меѓу 21 и 22 јули 1941 година. Бомбардирањето на Берлин имаше важен психолошки и воено-политички ефект. Советскиот воздушен напад го изненади германското раководство. Во Берлин нападот им го припишаа на Англичаните, меѓутоа, Лондон јавно се огради соопштувајќи дека нивната авијација тогаш не летала над германскиот главен град. Главниот удар е извршен врз стадионот, новиот индустриски кварт, железничката станица и телеграфот. По бомбардирањето врз советските авиони е отворен оган, меѓутоа, сите авиони се вратија во базата. Со наредба на народниот комитет екипажите на бомбардерите добија благодарници и по две илјади рубли.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче