Зошто советските пилоти го бомбардирале Берлин кога нацистите веќе стасале речиси до Москва?

Getty Images
На Запад е добро позната Акцијата на Дулитл во која американската авијација го бомбардирала Токио во знак на одмазда за нападот на Перл Харбор. Помалку е позната акцијата на советските пилоти која е изршена претходно, а на прв поглед изгледала уште побесмислено. Имено, советските авиони го бомбардирале Берлин во моментот кога германските единици ја потиснале советската армија до самата Москва.

Кога на 7 август 1941 година над Берлин се појавиле непријателски авиони, Германците мислеле дека тоа е британската авијација. Набргу потоа дознале дека престолнината на Третиот рајх е нападната од советски бомбардери.

Ова изгледало неверојатно зашто Германците биле уверени дека СССР практично веќе ја има изгубено војната. Вермахтот го окупирал речиси целиот Балтик, Белорусија, половина Украина и стасал до Ленинград (денешен Санкт Петербург) и веќе наголемо надирал кон Москва.

Уште во јули командантот на германското воено воздухопловство Херман Геринг го уверувал Хитлер дека советската авијација е во целост уништена. Но, излегло дека таа е мошне употреблива и дека може да го бомбардира Берлин цел месец.

Одмазда за главниот град

Советското раководство дошло на идеја да возврати со воздушен напад на Берлин со што Германците почнале да ја бомбардираат Москва кон крајот на јули 1941 година.

Бомбардирањето на престолинината ја разнишало вербата на советскиот народ во своите сили и во способноста да му се спротивстави на непријателот. Затоа била донесена одлука на непријателот да му се одговори „симетрично“, односно да се бомбардира главниот град на Третиот рајх. Командантот на советската флота адмирал Николај Кузнецов кој бил одговорен за оваа операција напишал: „Успешниот напад врз Берлин би имал големо значење. Хитлеровците низ целиот свет трубеа дека советската армија е уништена“. (Николај Кузнецов, Курс во правец на победата, Москва, 1975).

Но, тоа било речиси невозможно зашто советската авијација имала катастрофални загуби – уништени биле неколку илјади авиони, што на Германците им обезбедило доминација во воздухот. Во такви околности секој авион бил многу вреден и морал да биде применуван мошне рационално. Покрај тоа СССР повеќе немал аеродроми од кои би можело да полетаат, да стасаат до Берлин и да се вратат назад.

Најблиските аеродроми до Берлин кои биле соодветни за таа намена се наоѓале во близина на Ленинград, но од нив бомбардерите можеле да стасаат само до Либава (денес Лијепаја на западниот брег на Латвија). Тогаш била донесена одважна одлука за лет да се искористат неподготвените писти на Монсундскиот архипелаг во источниот дел на Балтичкото море кои биле мошне близу до непријателската територија.

Оттука советските бомбардери ДБ-3 можеле да преминат растојание до Берлин (900 километри) и да се вратат назад. Но, германските единици веќе пришле сосема близу до Талин, главната база на Балтичката флота, и се пробивале кон Финскиот залив. Покрај тоа, во овој регион била мошне активна и финската авијација.

Подготовка

Аеродромот на островот Езел (денес Сарема) бил најголем на Монсундскиот архипелаг, но воопшто не бил подготвен за полетување и за слетување на стратешки бомбардери. Затоа бил итно преуреден во најкус можен рок и наскоро советските бомбардери биле префрлени на овој остров.

„Морнарите имаа тешка задача. На островот немаше доволно резерви гориво и авионски бомби. Мали товарни чамци со бензин и со бомби под силна заштита пловеа низ минираниот Фински залив до Талин, а потоа понатаму на островот Езел. Опасноста ги демнеше на секој чекор. Треба да се има предвид дека непријателот веќе го држеше Талин под опсада“, пишува Кузнецов.

Уште поголема опасност претставувале можните напади на германската авијација. Авионите биле криени на островот на различни места, покрај села и со маскирни мрежи за да не го привлекуваат вниманието на Германците. Целта била аеродромот на островот Езел од воздух и понатаму да изгледа како да е напуштен.

Операцијата „Берлин“

На 6 август пет авиони извршиле набљудувачки лет до Берлин. Оваа акција била успешна. Два дена подоцна 15 бомбардери ДБ-3 целосно опремени со бобми под закрилјата на ноќта ја започнале операцијата „Берлин“. Авионите минале дел од растојанието над Балтичкото море, а кај Шчеќин тргнале во насока на германската престолнина.

Германците воопшто не очекувале ваков воздушен напад. Најпрво помислиле дека тоа се германски авиони. „Непријателот не очекуваше толкава дрскост. Додека нашите авиони се приближуваа кон целта, Германците со сигнали од земјата прашуваа за какви летала станува збор и каде летаат. Помислија дека германските пилоти заталкале, па им предложија да се спуштат на блискиот аеродром“, се сеќава Кузнецов.

Градот беше целосно осветлен, како на дланка. Британската авијација напаѓала од Запад и тоа мошне ретко. Германската противвоздушна одбрана реагирала со задоцнување зашто не очекувала напад од север.

Пет советски авиони продреле до Берлин – тие и го бомбардирале. Останатите ги бомбардирале предградијата и Шчеќин. По завршената задача сите екипажи без загуби се вратиле во базата.

Германците во шок

Истиот ден германското радио соопштило: „Ноќта помеѓу 7 и 8 август јаки сили на англиската авијација од 150 авиони се обидоа да ја бомбардираат нашата престолнина... Од 15 авиони кои продреа до градот девет се соборени“.

Би-Би-Си ја демантирал оваа вест: „Германското соопштение за бомбардирање на Берлин е интересно и мистично зашто на 7 и на 8 август англиската авијација нема летано над Берлин“.

Кога се дознало кој всушност го бомбардирал Берлин, раководството на нацистичка Германија било во шок, исто како и обичните граѓани. Сите мислеле дека советската авијација е разбиена, па никој не очекувал дека таа е во состојба да стаса до престолнината на Третиот рајх.

Психолошка победа

Во текот на месецот советските авиони извршиле уште девет напади врз главниот град на Германија, но повеќе не можеле да го искористат ефектот на изненадување како првиот пат зашто непријателот веќе бил подготвен за таков напад.

Во следните акции советската авијација изгубила 18 авиони. На почетокот на септември, по заземањето на Талин, германските единици тргнале во офанзива на Монсундските острови, така што на 5 септември операцијата „Берлин“ морала да биде запрена.

За воздушните напади на советската авијација пишувал и рускиот и западниот печат. Овие напади не можеле да им нанесат сериозна штета на Германците, но бомбардирањето на Берлин имало големо психолошко значење зашто светот видел дека советската авијација не е уништена, ами дека е кадарна да зададе силен удар директно во срцето на Германија.

Потполковник Сергеј Остапенко кој лично ги познавал учесниците на овие напади, се сеќава: „По првите бомбардирања, Русите почнаа да размислуваат, да зборуваат и да пишуваат во весниците: 'Ако по воздух стасавме до Берлин, ќе стасаме до него и по земја'“.

Како еден германски војник стана Херој на Советскиот Сојуз

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња