Советски подморници кои сѐ уште држат светски рекорди

Историја
АЛЕКСЕЈ ТИМОФЕЈЧЕВ
Некои рекорди што ги имаат поставено подморниците на Советскиот Сојуз функционираат до денешен ден. Ова се трите уникатни подморници кои сигурно ќе ве импресионираат.

Најголемата

Советскиот Сојуз ја има направено најголемата подморница во историјата. Тоа е класата „Ајкула“ (рус Акула), според класификацијата на НАТО „Тајфун“. Долга е речиси 173 метри, што е повеќе од фудбалски терен. Висината не е помалку импресивна: 25 метри, што е еднакво на седумкатница. Нејзиниот депласман изнесува 48.000 тони.

Може да носи 20 проектили, секој од нив тежок по 80 тони. „Ајкула“ е неверојатно моќно оружје. Разорната моќ на едно нејзино плотунско испукување е доволно од лицето на Земјата да избрише 300 големи градови. Еден советски чиновник, откако оваа подморница била тестирана на почетокот на осумдесеттите години од минатиот век, наводно рекол: „Кога би било можно оваа подморница да се постави некаде во Москва во близина на топот-цар, тогаш, гледајќи на неа, човештвото доброволно и свесно засекогаш би се откажало од војување“.

Проектирањето на подморницата од класта „Ајкула“ започнало на почетокот од седумдесеттите години како одговор на американските планови за новата моќна подморница „Охајо“. Советското раководство решило да направи нова генерација подморница во класата на тешки крстосувачи со „подобри ракети од американските „Тридент“. Новите советски ракети Р-39 биле товарени на подморница, но биле потешки и поголеми, па тоа е една од причините зошто „Ајкула“ е толку голема.

„Вкупно се произведени шест подморници од оваа класа, а денес само една е во употреба – „Дмитриј Донски“. Опремата на неа е промената и користена како платформа за тестирање при проектирањето на ракетата „Булава“.

Најдлабоко

На 4 август 1984 година советската нуклеарна подморница К-278 „Комсомолец“ се спуштила на рекордна длабочина од 1.027 метри во Норвешкото море. На длабочина од 800 метри подморницата испукала неколку торпеда. Никој претходно ни потоа не направил нешто такво. Дури и денес подморниците не одат подлабоко од 600 метри.

„Комсомолец“ е единствената подморница од класата „Плавник“. Задачата да се направи подморница која може да се спушти на екстремни длабочини ја поставила советската власт во 1966 година. Потребни биле години да се конструира вакво пловило, а проектот конечно бил реализиран во 1978 година. Конструкторите користеле титаниум за да добијат лесен и цврст труп. Подморницата К-278 во 1984 година била подготвена за акција и пред сѐ се користела за експерименти. Тестирањето покажало дека Советскиот Сојуз има уникатна подморница која нема пандан во светот. Можела да изврши напад врз непријателот, а притоа да избегне одмазда.

Но, проектот имал трагичен крај. На 7 април 1989 година во еден сектор од подморницата избил пожар. Подморницата успеала да се извлече на површината, но не можела да дочека да дојдат на помош други бродови. Екипажот минал повеќе од еден час во студените води на Норвешкото море. Четриесет и двајца од 69 членови на екипажот умреле, главно поради хипотермија.

Причината поради која оваа врвна подморница била зафатена од пожар е во нејзината технолошка сложеност. Според мислењето на поранешниот морнарички офицер Сергеј Топчиев, екипажот не бил квалификуван да работи со софистицираната технологија на подморницата. Екипажот на „Комсомолец“ не реагирал добро на кризата и подморницата завршила на морското дно. Истрагата за оваа трагедија завршила во 1998 година, но не е отркиен виновникот, ниту дефинитивната причина за избивањето на пожарот.

Најбрза

Најбрзата подморница што некогаш била направена К-162 (подоцна е преименувана во К-222) од проектот 661 „Анчар“ влегла во употреба во 1969 година. Во декември 1970 година поставила светски рекорд кој до денес не е соборен. На длабочина од 100 метри К-162 успеала да постигне брзина од 82.8 километри на час. Нуклеарниот реактор кој ја нападна подморницата тогаш користел околу 97% од капацитетот, така што теоретски можела да оди уште побргу.

Како и во случајот со „Комсомолец“ проектирањето на подморницата траело многу подолго од обично. К-162 била конструирана и направена за 10 години. Велат дека властите јасно ставиле на знаење дека сакаат иновативен производ заснован на нови технологии. Така К-162 користела 400 нови технолошки решенија. Подморницата имала титаниумски труп и била мошне скапа. Поради тоа проектот неофицијално е наречен „Златна рипка“.

За К-162 за првпат се конструирани специјални ракети кои можеле да гаѓаат во метата од подводна положба. Со овие ракети и со својата неверојатна брзина К-162 била посебно наменета за борба против американските носачи на авиони. Во тоа време СССР немал речиси никаква друга заштита од оваа закана.

Есента 1971 година советската подморница и еден американски носач на авиони се сретнале за првпат. „Во текот на неколку часа К-162 го бркаше американскиот носач на авиони USS Saratoga, кој се враќаше од Медитеранот во Мајами, понекогаш претекнувајќи го под вода, иако американскиот брод се движеше со полна брзина од над 60 километри на час“, забележал рускиот набљудувач. Капетанот на советската подморница истакнал дека К-162 имал неколку можности за напад.

Иако К-162 е единствената подморница од проектот 661 (зашто нејзиното производство било премногу скапо), многу нејзини технички решенија подоцна се користени на други модели советски подморници.

Дознајте кои се Најбруталните руски подморници.