Дневната рутина на една нуклеарна подморница

Иљдус Гилјазутдинов /RIA Novosti
Еден член на екипажот на една од руските подморници раскажува за особеностите на животот и работата на подводните пловила. Како е да се живее три месеци под вода со 800 „Хирошими“, односно во подморница која може да ја „збрише цела Британија“? Што е „бакнување на чеканот“, какво е менито, кои се старешините и каде доаѓа измислицата дека некои морнари цела година ги мијат тоалетите?

Првото длабоко потопување и „огненото крштевање“ на подморничарите

Кога подморницата прво се спушта длабоко во морето, секој морнар мора да помине низ посебен ритуал на посветеност. Во мојот случај барањата беа минимални: по стар обичај стаклена шолја од кабината се полни со морска вода од длабокомерот која секој новодојденец треба да ја испие. Можам да кажам дека нејзиниот вкус е многу непријатен и горчлив. Потоа ми подадоа свидетелство дека сум станал подморничар. А, на некои подморници овој ритуал предвидува и „бакнување на чекан“: тој се закачува на таванот, и кога подморницата се клати, морнарот треба да го бакне. Воопшто не го разбирам значењето на овој ритуал, но кај нас нема спорови и излишни прашања - тоа е првото правило кое човек треба да го научи кога стапува на подморница. 

Служба 

Речиси секоја подморница има две екипи. Кога една е на одмор (по секое автономно патување - на руски автономика), вторaта е на должност. „Автономниката“ може да се одвива различно: од 50 до 90 дена. Прво, треба да се направат подготвителни задачи: на пример, потопување и поврзување со друга подморница, потопување на максимална длабочина, вежби за снимање итн. Ако персоналот потврди дека сите вежби поминале, тогаш подморницата се испраќа на вршење борбени задачи.

Најчесто пливаат под мразот на Северниот Пол - тогаш подморницата не се гледа од сателитите, бидејќи ако се движи таму каде што водата е транспарентна, таа може да биде забележана на длабочина и до 100 метри. Нашата задача беше патролирање во одредена област на морето во целосна подготвеност за употреба на оружје во случај на напад. Подморница со 16 балистички проектили буквално може да ја збрише цела Британија од лицето на земјата. Секоја од ракетите има 10 автономни боеви глави. Едно испукување е пет или шест пати посилно од бомбата фрлена над Хирошима. Не е тешко да се замисли дека носевме 800 „Хирошими“ со нас секој ден.

Секојдневниот живот 

Животот во затворен простор не е толку тежок колку што изгледа. Најмногу поради тоа што ние сме зафатени поголемиот дел од времето – минуваме 8 часа на должност. Секој ден во 15:00 се собираме за „малку чистење“. Секој чисти определено нешто. Еден е должен да брише прав од контролниот панел, а друг да ги чисти тоалетите (клозетот за морнарите е во носот на подморницата). Најмногу пречи, се разбира, дека она што ќе ти се падне е твоја должност до крајот на службата. Тоа е, ако некој еднаш започнува со чистење на тоалетите, тоа го прави до крај. 

Исхрана 

Подморниците нудат добра храна. Појадок е обично урда, мед, џем и слатко. За ручек или вечера, црвениот кавијар и сувата есетра се задолжителни. На секој морнар му се дава 100 милилитри суво црвено вино, чоколада и вобла (ендемични видови риба од Касписко Море, кои обично се јадат во суви форма). Дури и во советско време, кога размислувале за подигање на апетитот на подморници, мислењата на комисијата биле поделени: едни гласале за пиво, а други за вино. Победува второто, иако воблата која оди со пиво е сè уште вклучена во менито. 

Правила 

Правилата се свети за нас. Понекогаш се случуваат интересни работи. На пример, според 33 точка во Строевиот правилник на Вооружените сили на Руската Федерација трчањето е дозволено, само откако ќе се огласи командата „бегом марш“. Еднаш заменик-командантот на одделот замина во тоалетот и вратите се заклучија.. Потоа тој му нареди на помошникот: „Отклучете ја вратата“. Помошникот седеше со грбот и не се помрдна. Заменик командант почна да губи трпение: „Помошнику, донесете ми клуч!“ Но, тој продолжи да седи. Заменик командант го изгуби трпението: „Одете кога ќе ви кажам, не ме слушате?“ „Што чекате?“ Помошникот го затвори Правилникот, кој изгледа го читал целото слободно време, и одговори: Ја чекам командата „марш“, другар капетан од прв ранг“. 

Старешините

Постојат многу различни високи членови, но општо за нив е тоа што предизвикуваат страв и почит. Оној кој не слуша или се спротивставува во најмала рака го чека укор. Најнеобичниот старешина што сум го имал беше капетанот Гапоненко (презимето е променето – заб. прев.). Еднаш тој се симна и рече: „Што се случува овде?“ Ние одговоривме дека учествуваме во маневри и дека треба да воспоставиме контакт со соседната подморница, позиција 685. Тој неочекувано седна зад конзола, зеде микрофонот и рече: „Позиција 685, тука е позиција 681, ве молиме да го извршите „зборот“ (на морнарички јазик „зборот“ значи запирање на движењето). Од другата страна одговорија: „Тука е позиција 685, не можам да го исполнам „зборот“. Гапоненко иритиран рече: „Ви наредувам да го исполните „зборот“. Одговорот беше уште појасен: „Повторувам дека не можам да го исполнам „зборот“! Старешината се разбесни: „Ти наредувам да го исполниш „зборот“! Веднаш! Слушаш ли? Тука е капетан од прв ранг Гапоненко! Кога ќе се вратиш во базата, ќе те закачам за газ!“ Следуваше непријатна тишина. Во тој момент радистот, полумртов од страв, шепна: „Другар капетан од прв ранг, извинете, згрешив, на нас ни треба позиција 683, а не 685 - тоа е авион“. Гапоненко ја удри конзолата и си отиде во кабина, од која не се покажа до излегувањето на површината.

Текстот на руски јазик на порталот The Village.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња