Како советските подморници го исполнија сонот на Жил Верн

Pixabay
Дваесет илјади милји под морето на пат околу светот препловија две советски подморници далечната 1966 година.

Министерството за одбрана на Русија ја потсети јавноста на почетокот на групното патување околу светот на советските нуклеарни подморници. Тоа беше првото патување од таков вид. Имено, во 1966 година подморниците К-133 и К-116 за 52 дена ја обиколија земјината топка без да испливаат на површината. Тие препловија речиси 20000 наутички милји или околу 36000 километри, што е колку должината на екваторот. Овој рекорд не е соборен до ден денешен.

„Подморниците имаа задача да го проучат релјефот на дното, можностите за пловидба во океанските длабочини на различни географски ширини и прашањата поврзани со управувањето подморници на значајна оддалеченост од своите бази“, се вели во официјалното соопштение на службата за информирање на Министерството за одбрана на РФ.

Групата подморници беше под команда на контраадмиралот Анатолиј Сорокин. Со торпедната подморница K-133 командуваше капетанот втора класа Лав Стољаров, а со подморницата K-116, вооружена со крстосувачки ракети, капетан втора класа Вјачеслав Виноградов.

Од заливот Западна лица подморниците испловија во Баренцовото Море ноќта меѓу 1 и 2 февруари 1966 година и пловеа во правец на Атлантскиот Океан. Нивната задача беше да не испловат на површината, ниту да бидат забележани од американските воени бродови. За меѓусебна врска подморниците користеа многу високи фреквенции и сонари.

Најтешката делница од патот беше Дрејковиот премин кој ги спојува Атлантикот и Тихиот Океан и во кој има многу ледени брегови. Со тогашната техника речиси не беше можно да се откријат пловечки парчиња мраз, и затоа на таа делница подморниците со помош на радио сигнали ги предводеа експедицискиот брод „Гаврил Саричев“ и танкерот „Дунај“. Во тоа време на подрачјето на Дрејковиот премин беснееше бура. Нејзината сила ја почувствуваа и екипажите во подморниците. На длабочина од 100 метри подморниците се нишаа како што би се нишале на површината на немирното море.

Во текот на пловидбата на двете подморници имаше вонредни ситуации, но советските подморничари успеаја самостојно да ги решат проблемите без да излезат на површината. Во утринските часови на 26 март 1966 година подморниците пристигнаа во технички исправна состојба на Камчатка. По пловидбата на шестмина нејзини учесници им беше доделено звањето Херој на Советскиот Сојуз, а многу пониски офицери и морнари беа одликувани со Орденот на Ленин, Орденот на Црвената ѕвезда и со Орденот на честа. Покрај тоа, подморниците К-133 и К-116 се прогласени за гардиски. Тоа беше прв ваков случај по Големата татковинска војна.

„Тој поход беше важна пресвртница во новата фаза на развојот на нуклеарната подводна флота на Русија, која оваа година полни 60 години. Тоа искуство беше подоцна искористено во организирањето на борбената служба и далечните походи на нашите современи нуклеарни подморници“, вели командантот на Воената морнарица на Русија, адмирал Владимир Корољов.

Научнофантастичниот роман на Жил Верн „20000 милји под морето“ е посветен на подморницата „Наутилус“ со екипажот на чие чело е капетанот Немо. Изразено во денешните мерки, оваа имагинарна подморница препловила околу 110000 километри.

Прочитајте повеќе: Како започна историјата на руската нуклеарна подморница пред 50 години

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња