Советската подморница К-219, оштетена по внатрешната експлозија на течно ракетно гориво.
Јавен доменСитница прерасна во голема опасност
На почетокот на септември 1986 година, советската подморница К-219 вооружена со балистички проектили, ја напушти базата на Северната флота во Гаџиево и се упати во Атлантскиот Океан за својата тринаесетта и последна пловидба.
Пред почетокот на пловидбата во шестиот ракетен силос почна да навлегува вода, но никој не би одложил пловидба поради таков ситен проблем. Сепак, токму тоа предизвика трагедија. Кога подморницата вплови во Саргаското море, водата веќе толку многу навлегуваше што морнарите мораа да ја испумпуваат двапати на ден.
До хаваријата дојде кога подморницата го изведе познатиот тактички маневар на советските подморници што Американците го нарекуваа „лудиот Иван“. Се работи за ненадејно свртување што му овозможува на сонарот да ја провери таканаречената „мртва зона“ во која обично се наоѓаат подморниците на САД.
Поради комплексниот маневар, ракетниот силос ја изгуби херметичноста и наскоро се наполни со вода. На 3 октомври експлодираше конвенционална боева глава и исфрли нуклеарна ракета во океанот.
Подморницата К-219 во Атлантикот беше вооружена со 16 балистички нуклеарни проектили Р-27. Според капетанот на КГБ Валериј Пшенични, кој беше во оваа подморница, таа била позната како „убиец на градови“, бидејќи вкупната моќ на нејзиното нуклеарно оружје била 300 пати поголема од атомската бомба фрлена на Хирошима. Експлозија од 15 преостанати балистички ракети би имала катастрофални последици во целиот регион.
Спречена нуклеарна трагедија
Експлозијата на ракетата во шестиот силос го оштети трупот на подморницата, па затоа мораше да исплива на површината. Четвртиот отсек е евакуиран поради токсичните гасови од ракетното гориво.
Морнарите го исклучија нуклеарниот реактор за да спречат детонација на останатите балистички проектили. Сепак, во експлозијата е оштетен системот за далечинско управување со реакторот, така што натпоручникот Николај Беликов и морнарот Сергеј Преминин влегоа во седмиот отсек рачно да го исклучат реакторот со помош на четири лоста. Меѓутоа, температурата во отсекот беше 70 степени Целзиусови.
Беликов исклучи три лоста, но изгуби свест кога излезе од опасната зона. Преминин го исклучи четвртиот, но не успеа да се врати, бидејќи капакот на секцијата се заглави поради разликата во притисокот. На Преминин постхумно му е доделен Орден на Црвената Ѕвезда, а подоцна му е доделено и звањето Херој на Руската Федерација.
Сергеј Преминин
Архивска фотографијаОдбиена американска помош
Воената морнарицата на САД внимателно ја следеше ситуацијата и ја истражуваше локацијата на хаваријата со помош на својата подморница УСС „Аугуста“ и авиони „Локид П-3 Орион“.
Советското раководство не сакаше да испрати подморници на помош за да не ја открие позицијата на своите стратешки сили во Атлантикот. Затоа советски трговски бродови се испратени на местото на хаваријата, како и советски авиони од Куба.
Советскиот екипаж не можеше да ја прифати помошта на САД, бидејќи тоа би значело дека Советите не можат сами да го решат проблемот. Покрај тоа, беше познато дека на Американците им се потребни доверливи документи и опрема од подморницата. Советскиот лидер Михаил Горбачов му соопшти на американскиот претседател Роналд Реган дека се случила катастрофа, што беше прв таков случај во историјата на Студената војна.
Зошто потона подморницата К-219?
Екипажот беше успешно евакуиран, остана само капетанот Игор Британов. Подоцна, тој ја објасни својата постапка на овој начин: „Ако ја напуштев подморницата, таа ќе станеше ничие пловило. Според меѓународното право, оној кој ќе најде напуштено пловило станува негов сопственик. Затоа морав да останам во подморницата, бидејќи Американците во спротивно ќе можеа да ја запоседнат“.
К-219 беше шлепана од советскиот товарен брод „Красногвардејск“ со брзина од 5 километри на час, но на оштетената подморница ѝ беше судено никогаш да не пристигне дома. Ноќта меѓу 5 и 6 октомври сајлата се прекина и подморницата почна да тоне. Сѐ уште не се знае зошто се случи тоа.
Алексеј Гакељ, четврти помошник на спасувачкиот брод „Анатолиј Василев“ изјави дека советските морнари биле убедени дека Американците се виновни за ова. Американската подморницата УСС „Аугуста“ можела некако да ја пресече сајлата, или со помош на перископот, или со помош на специјални сили.
Подморницата К-219 потона на дното на Саргаското море на длабочина од 6 километри. Екипажот не е казнет поради губењето на стратешката подморница, но не беше ниту награден за спречувањето на катастрофата.
Дали денес постои опасност?
Според експертите, денес нема никаква нуклеарна закана од подморницата. Плутониумот не може да стигне до површината, бидејќи на толку голема длабочина нема струење на водата.
Сепак, и понатаму постои можност за радиоактивна контаминација преку синџирот на исхрана, но никогаш нема да дознаеме колку е голема оваа опасност, бидејќи резултатите од сите подводни истражувања на ова подрачје се чуваат во тајност.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче