Како Горбачов под притисок на САД доброволно ги уништи најдобрите ракети на светот?

Горбачов под силно влијание на Вашингтон се согласи да ја уништи уникатната советска „Ока“ (SS-23 „Spider“ по класификацијата на НАТО). Оваа голема загуба во развојот на безбедносниот систем Русија успеа да ја надополни дури по две децении кога се појавија ракетите „Искандер“.

Неодамна се навршија 30 години откако беше потпишан првиот советско-американски договор за нуклеарно разоружување. Тогаш беше отстранета опасноста која со децении се надвиваше над целата планета. Со договорот за ликвидација на ракети со среден и мал дострел, потпишан во декември 1987 година, беше предвидено уништување на сите советски и американски ракети со среден и мал дострел (од 500 до 5.500 километри).

Ракета 9М714 на ракетниот систем 9К714 „Ока“. Музејот „Капустин Јар“ во Знаменск, Русија.

Овој договор беше голем успех од огромно значење за целото човештво, но во СССР предизвика големо разочарување. Москва мораше да уништи трипати повеќе ракети и боеви глави од Вашингтон, вели претставникот на Фондот „Карнеги“ (статија на руски јазик). Советите мораа да се откажат и од ракета од врвна класа, иако таа не беше опфатена со договорот зашто дострелот ѝ беше 400 километри. Тоа беше „Ока“, нова советска мобилна балистичка ракета – последен збор на тогашната руска воена индустрија и производство на ракети.

„Како гром од декемвриско небо“

Во тоа време ова беше напреден проект кој на почетокот на осумдесеттите години од минатиот век ги замени советските ракети „Скад“. Во однос на нив „Ока“, како и нејзината посовршена верзија „Ока-У“, беше попрецизна и можеше да уништува цели во движење. Освен тоа „Ока“ реагираше побргу – за нејзино лансирање беа потребни само 5 минути. Пресретнувањето на оваа ракета беше мошне тешко, речиси невозможно. Таа можеше да продре низ секој противракетен штит. Овие ракети немаа конкуренција.

Полковникот С. Петренко и капетенот Џон Вилијамс, шефот на делегацијата американски воени инспектори, го потпишуваат извештајот за ликвидација на последните ракети ОТР-23 [SS-23 Spider].

„'Ока' беше врв на нашата креативност и триумф на школата на производители на ракети која се појави во најтешките времиња со научната елита од нашата земја“, пишува во своите мемоари конструкторот на ракетата Сергеј Непобедими. Според него, веста дека „Ока“ е опфатена со Договорот за ликвидација на ракети од среден и мал дострел била „како гром од декемвриско небо“. „Ми се врежа сеќавањето она што го почувствував кога дознав. Прво мислев дека тоа е невозможно зашто едноставно такво нешто не можеше да се случи. Можеби е грешка на медиумите, си помислив, или некое недоразбирање за кое нема објаснување“, пишува Непобедими.

Бурна реакција во советската армија

Москва, всушност се беше откажала од „Ока“ уште во април (а, не во декември) 1987 година. Како што истакнува Ахилес Мегас во книгата „Надворешната политика на СССР кон Источна Германија“ тоа се случило за време на посетата на Москва од страна на државниот секретар на САД Џорџ Шулц. Тогаш министерот за надворешни работи на СССР Едуард Шеварнаѕе се согласил да ги ликвидира сите советски ракети SS-23.

Според научникот Стивен Залога, воениот врв бурно реагирал на одлуката на администрацијата на Горбачов да ја „задоволи Америка“: „Тоа предизвика бура негодувања во советската армија и во водечките руски воено-индустриски претпријатија“. Началникот на советскиот генералштаб се заканил дека ќе поднесе оставка поради „Ока“. Непобедими го карактеризира потегот на Горбачов како „злосторство и велепредавство“. Како и да е, сите такви ракети (а, ги имало над 200) беа уништени во 1989 година заедно со 106 возила со лансери. Останатите ракети „Ока“ кои СССР им ги даде на сојузниците од Источниот блок „со текот на времето беа уништени под притисок на САД. Бугарија е последната земја која во декември 2001 година ги уништи своите лансери“, пишува Залога во книгата „Балистичките ракети Склад и ракетните фрлачи со повеќе цевки 1955-2005“.

Не постои средство против „Паук“

Зошто САД толку се плашеле од овие ракети и зошто биле заинтересирани за нивно уништување? Американските воени експерти од корпорацијата RAND уште во 1987 година дојдоа до заклучок дека СССР со помош на ракетите од типот „Ока“ може да изврши ефикасен нуклеарен напад врз базите на НАТО и така да започне конвенционална војна во која на самиот почеток би бил во предност. Тие тогаш како главен проблем го навеле „отсуството на заштита од таква опасност“.

Претседателот на САД Роналд Реган, десно, и советскиот лидер Михаил Горбачов поклонуваат еден на друг пенкала на церемонијата на потпишување на договорот во Белата куќа во Вашингтон на 8 декември 1987.

Како советското раководство воопшто можеше да донесе одлука да ликвидира вакво идеално оружје? Според Владимир Дворки, претставник на Фондот „Карнеги“, доколку Вашингтон решил да го потпише Договорот за ликвидација на ракети со среден и мал дострел под услов Советскиот Сојуз да ја уништи ракетата „Ока“, тогаш Горбачов и неговото опкружување немале голем избор. Кремљ беше заинтересиран од Европа да се тргнат ракетите „Першинг-2“ кои САД ги поставија во 1983 годна. Овие ракети можеа да стасаат во европскиот дел на Русија за само неколку минути, така што Советите немаа време за одговор.

„Искандер“ наместо „Ока“

Но, судејќи според изјавите што ги дава Непобедими, Горбачов подоцна самиот поинаку го објаснил случајот „Ока“. Доколку Кремљ ја задржел „Ока“, Америка, наводно, би почнала да модернизира некоја своја слична ракета. Конструкторот го исмејува овој аргумент на Горбачов, наведувајќи дека „огромен арсенал борбени ракети подготвени за примена“ не може да се спореди со нечија потенцијална одлука. Во договорот не е спомената ниту една американска ракета.

Во секој случај, кој крајот на осумдесеттите години од минатиот век тогашните стари советски ракети веќе беа застарени, а новите уништени. Но, Непобедими не се предава. Тој покрена нов проект и започна да работи на ракети кои денес се познати под називот „Искандер“ и „Искандер-М“. Поради економскиот и политички хаос во Русија кој владееше во текот на деведесеттите години од минатиот век работата на новите ракетни лансери заедно со тестирањата траеше сè до 2006 година. Армијата ги доби првите ракети дури во 2011 година. Според мислењето на експертите, добрата страна на толкавото одолговлекување е во тоа што ракетите „Искандер“ сега се многу подобри од претходно уништените „Оки“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња