АЗЛК-2143
АЗЛК-2143 „Јауза“ е конструиран во фабриката за автомобили АЗЛК кон крајот на 1980-те. Автомобилот имаше футуристички дизајн со прозорци на две нивоа од кои само долните можат да се спуштат. Направени се само три прототипа, но овој автомобил беше инспирација за создавањето на моделот ВАЗ-2110 кој имаше повеќе среќа.
ВАЗ-2702
Товарното комбе беше „дефицитарна роба” во Советскиот Сојуз и затоа е смислен ВАЗ-2702 „Пони“. За жал, се покажа дека е толку кршлив што дури и се преполови за време на „креш-тестот“.
МАЗ-2000 „Перестројка“
Ова возило го доби називот по политичките реформи кои ги иницираше Михаил Горбачов со цел модернизација на Советскиот Сојуз. Меѓутоа, не го издржа рушењето на државата, иако во неговата конструкција беше предвидена цела низа иновации како модуларна конструкција и заоблена кабина.
Москвич-2144 „Истра“
Овој модел од 1985 година беше забележан поради огромните прозорци и вратите во форма на „галебови крилја“, што дотогаш не беше видено во Советскиот Сојуз. Проектот ветуваше многу, но не го преживеа распадот на СССР.
ЗИЛ-4102 „Мишка“ и „Рајка“
Автомобилот е конструиран по нарачка на Михаил Горбачов. Како образец се земени автомобилите „Ролс Ројс“, но на крајот ЗИЛ-4102 повеќе личеше на лимузината „Кадилак Флитвуд“ од 1985. Направени се два прототипа кои неофицијално ги носеа имињата „Мишка“ и „Рајка“ (деминутиви од Михаил и Раиса (т.е. Горбачов и неговата жена). Пробниот примерок не му се допадна на советскиот претседател, така што автомобилот никогаш не беше ставен во сериско производство.
Москвич-3733 „Тоник“
Ова возило со осум седишта го конструираа советски и чехословачки инженери. Направени се неколку пробни примероци, а потоа дојде 1991 година, така што автомобилот никогаш не излезе на улиците на Москва и Прага.
УАЗ-3170 „Симбир“
Ова советско теренско возило е тестирано во планините Тјаншан и Памир во Централна Азија. Автомобилот имаше цивилна и воена намена, но беше запоставен во постсоветскиот хаос. Многу негови дизајнерски концепции се реализирани во подоцнежниот модел УАЗ „Патриот“.
НАМИ „Охта“
„Охта“ е конструирана од Ленинградскиот автомобилски научноистражувачки центар. Овој автомобил би можел да се гордее со своите идеални аеродинамични карактеристики, но пропадна поради еден необичен инцидент. Имено, на враќањето од една меѓународна изложба советските цариници го запленија автомобилот поради неплатена царина. „Охта“ долго време стоеше на паркингот на царинската служба. На конструкторите им е вратена во толку ужасна состојба што тие сосем го загубија ентузијазмот.
НАМИ-0290 „Апељсин“
Сјајниот и впечатлив НАМИ-0290 имаше необична боја и беше еден од најдобрите советски спортски автомобили пред распадот на Советскиот Сојуз. Меѓутоа, во текот на 1990-те беше исечен н парчиња и заборавен.