Кога трепкаа црвените лампички: Советскиот офицер кој спречи Трета светска војна

Станислав Петров во воена униформа 1999 година.

Станислав Петров во воена униформа 1999 година.

Legion Media
Советскиот потполковник Станислав Петров почина во Московската област во мај 2017 година. Светот дозна за неговата смрт дури неколку месеци подоцна и покрај тоа што токму тој човек го спаси човештвото со одлуката да не се издава наредба за нуклеарен напад врз САД по една лажна тревога.Станислав Петров во воена униформа 1999 година.

„Јас не сум херој“, во повеќе пригоди зборуваше Станислав Петров со извесна доза на негодување. За него во 2014 година е снимен дури и филм под називот „Човекот кој го спаси светот“.

„Само бев на вистинското место во вистинското време“, рече Петров. Тој тврдеше дека странците го преувеличуваат неговото херојство. Изгледаше дека е по малку уморен од вниманието кое му го посветува јавноста.

Од друга страна, би било чудно ако медиумите не го прогласеа за херој. Целата планета на 26 септември 1983 година беше во негови раце, затоа што тој мораше да донесе пеколна одлука – да почне нуклеарна војна или не. За среќа, донесе правилна одлука. Доколку одлучеше поинаку, можеби денеска немаше да нѐ има.

На работ на војна

Младиот Станислав Петров

„Се вклучи алармот на командното место. На терминалот трепкаа црвените лампички“, раскажуваше Петров во едно интервју. Тоа се случи во затворената воена база Серпухов-15, каде што се наоѓаше командниот центар на системот за рано откривање на лансирања на интерконтинентални балистички ракети.

Петров бил на смена кога системот ги известил офицерите дека се лансирани шест американски ракети. Ако Вашингтон навистина го стиснал копчето, тоа значело дека почнува нуклеарна војна.

Во тоа време односите меѓу двете нуклеарни суперсили беа речиси катастрофални. Само три недели пред овој случај СССР над Сахалин собори корејски „Боинг“ кој се оддалечи од својата маршрута цели  500 км и влезе на територијата на Советскиот Сојуз. Американските медиуми веднаш по овој инцидент го нарекоа СССР „империја на злото“, а претседателот Роналд Реган се залагаше за борба против неа. Со оглед на заемните закани, нуклеарната војна делуваше како нешто што навистина може да се случи.

Судбоносната ноќ

Петров требало да процени дали САД навистина лансирале ракети или не лансирале. Неговиот компјутер рекол дека лансирале и на сите 30 нивоа на системот било потврдено дека е извршен напад. Имал само 15 минути да им го соопшти тоа на претпоставените.

Доколку им поверувал на компјутерите, тој би им јавил на советските власти да вратат со целосна мера и да уништат речиси половина од населението на САД. Тоа би бил почеток на Трета светска војна.

Од друга страна, ако навистина дошло до напад а Петров не реагирал, стотици илјади негови сонародници попусто би загинале. Можеме само да претпоставиме колку тешка била таа одлука. Секундите брзо протекувале.

Одложена Третата светска војна

Конечно донел одлука, а кога заѕвонил телефонот за врска со советското раководство, тој ја кренал слушалката и рекол: „Нашиот систем ви дава погрешна информација“. И бил во право: системот реагирал на ретката појава на израмнување на сончевите зраци и високите облаци. САД не лансирале никакви ракети.

Одговарајќи на прашањето како ја донел одлуката, Петров рече дека тој едноставно не верува дека Вашингтон ќе го нападне СССР со само пет ракети. Доколку навистина нападнале, тоа би го сториле со сите расположливи средства.

Покрај тоа, Петров детално го проучил компјутерскиот систем што го користел СССР и рече дека е скептичен спрема компјутерите воопшто. „Си дадов за право да немам доверба во системот затоа што јас сум човек, а не компјутер“, изјави тој во инервју за порталот „Газета.ru“.

Ни казнет ни награден

По овој инцидент офицер не е ни помпезно награден, ни сериозно казнет. Според него, командата не брзала официјално да го пофали, затоа што така би се откриле сериозните недостатоци во системот за рано откривање на нуклеарен напад (што власти не биле подготвени да го сторат).

Шефови се задоволиле со блага пофалба за Петров, но и со благ укор поради тоа што „не го пополнил записникот како што треба“ во текот на инцидентот.

Јавноста не знаеше за оваа лажна тревога сѐ до почетокот на 1990-те, кога генералот Јуриј Вотинцев, поранешен командант на противвоздушната одбрана на СССР, ги објави своите мемоари во кои го спомена инцидентот и големата улога на Станислав Петров во него.

Вниманието на медиумите

Поранешниот офицер на советските сили за противвоздушна одбрана позира на фотографијата во својата куќа во Фрјазино, Московска област, Русија.

Поранешниот офицер на советските сили за противвоздушна одбрана позира на фотографијата во својата куќа во Фрјазино, Московска област, Русија.

AP

Потоа медиумите, особено западните, му посветија големо внимание на Петров, кој во меѓувреме замина во пензија. Нему лично целото тоа внимание не му се допадна многу. Живееше во мал стан во Фрјазино (Московска област), а со новинарите нерадо комуницираше и секогаш инсистираше на тоа дека тој не е херој.

„Тоа беше само еден случај на работа“, зборуваше тој, дури и по Дрезденската награда која ја доби во 2013 година и филмот кој му е посветен нему.

Ако Станислав Петров сакал да го остават на мира, тогаш тој го доби она што го посакуваше. Во септември 2017 година германскиот весник WAZ соопшти дека Петров починал уште во мај 2017 година.

Меѓународните медиуми сосем случајно дознаа за неговата смрт и соопштија за тоа. Имено, Карл Шумахер, пријател на Петров од Германија, телефонирал за да му го честита роденденот и тогаш дознал дека неговиот пријател починал во својата 78 година.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња