- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
По воведувањето на санкциите, најголемите меѓународни финансиски компании го прекинаа функционирањето на нивните картички во Русија. Картичките Visa, MasterCard и American Express не можат да се користат за плаќање во продавници или за подигање готовина од банкомати. Затоа, туристите и бизнисмените мораат да бараат алтернативни начини за трансфер на средства.
Внесување девизи: 10000 долара без пријавување
Во Русија можете да внесете долари, рубли, фунти, евра, јени и други девизи во неограничена количина. Меѓутоа, суми во вредност од преку 10000 долари во готовина (според курсот на Централната банка на Русија на денот на преминувањето на границата) мора да се пријават. Во формуларот што се пополнува при влез во државата треба да се наведе целата сума, а не само разликата што го надминува лимитот.
Ако некој внесува сума во вредност од преку 100000 долари во готовина, ќе мора да го објасни и потеклото на парите. За ова ќе му треба и потврда за приходи, договор за подарок или доказ за наследство. Овие правила важат не само за готовина, туку и за други монетарни инструменти како што се обврзници, чекови, хартии од вредност. Пари на банкарски картички и сметки не се пријавуваат.
Патниците со готовина поголема од 10000 долари со пополнети формулари минуваат низ црвениот коридор на царината. Казната за прекршување на правилата е значителна: тие достигнуваат повеќекратно зголемен износ што го надминува лимитот, а опфаќа и конфискација на средства и кривична одговорност (во зависност од тежината на прекршокот). За копнениот и воздушниот сообраќај важат истите правила.
Треба да се обрне внимание и на фактот дека во земјата од која лицето изнесува пари во Русија може да важат ограничувања за изнесување средства. Така што патниците треба да ги земат предвид правилата на секоја царинска контрола низ која поминуваат.
Ако некое лице планира да ја напушти Русија подоцна, мора однапред да се информира колкав ќе биде лимитот за изнесување девизи од Русија на денот на излегување од земјата. Во моментот на објавување на овој текст, на сила е забрана за изнесување готовина надвор од државата во вредност над 10000 долари. Рубли може да се изнесуваат во поголема количина, но тоа мора да се пријави.
Малолетните лица се третираат како посебни патници и паричните средства може да се распределат меѓу нив и нивните родители во согласност со поставените лимити. Односно, ако патува семејство составено од мама, тато и дете, тие можат без пријавување да внесат девизи во вредност до 30000 долари.
2. Странец може да отвори сметка во руска банка
За да префрлите пари на сметка во Русија, а потоа од неа да вршите плаќања во земјата, можете да отворите сметка во руска банка и да добиете картичка на рускиот платен систем МИР. Странските државјани имаат право да отворат сметка во руските банки во која било валута, доколку банката поседува соодветна дозвола за тоа. Меѓутоа, банките главно можат да вршат трансакции само во долари и евра.
За да отвори сметка, странец мора да достави лични податоци и документи до банката:
- пасош или документ за идентификација,
- превод на тој документ на руски јазик кој е заверен на нотар,
- виза или мигрантска потврда.
Од јули 2023 година, државјани на земјите од Заедницата на независни држави, Обединетите Арапски Емирати, Турција, Кина, Индија и некои други земји можат да ги испраќаат документите за отворање сметка преку банка-посредник во нивната земја без да доаѓаат во Русија. Локалната банка ги прима потребните документи од клиентите, ги проверува и ги испраќа до руската банка.
Пред да уплатите пари на сметка во руска банка, треба да проверите во банката во вашата земја која ги испраќа документите дали таа уплаќа пари во Русија, да го проверите износот на провизијата и да бидете подготвени дека трансакцијата може да потрае подолго од вообичаеното. Покрај тоа, во Русија ќе можете од вашата сметка да подигнете пари уплатени во странска валута само ако тие се претвораат во рубли. Девизи во готовина може да се подигнат од руска сметка само доколку биле депонирани на сметката пред 9 март 2022 година, и тоа најмногу 10000 долари или евра.
Ако странец планира да отвори сметка во руска банка и да изврши уплата кога веќе е во Русија, тогаш најдобро е да се одлучи за големи, добро познати банки. Ќе може да отвори сметка, да добие картичка МИР и веднаш на неа да ги уплати доларите или еврата што ги донел во земјата во готовина и кои ќе бидат претворени во рубли. После тоа, тој ќе може да плаќа со картичката МИР како и обично и да ја користи за онлајн-услуги како такси, испорака на храна и друго.
Доколку сте планирале уплата на вашата руска сметка од странство преку системот SWIFT, тогаш треба да обрнете внимание на банките кои не се опфатени со строгите санкции и кои не се исклучени од системот SWIFT. Во секој конкретен случај, проверете дали одредена странска банка соработува со Русија, дали руската банка прима уплати преку SWIFT, колкава е провизијата, кој е минималниот износ за уплата и во која валута (некои банки не прифаќаат долари и евра, но примаат јуани), како и колку долго ќе трае трансакцијата (обично провизијата е 1-5%, а трае најмногу седум дена).
3. Финансиски сервиси за префрлување пари во Русија
За парични уплати во Русија може да се користат и сервисите за трансфер на пари како Koronapay и Unistream (тие главно соработуваат со земјите од ЗНД, од европските земји на списокот се Грција, Кипар и Србија; сервисот не работи со САД и Канада) , но пред трансакцијата треба да проверите на официјалната веб-страница дали сервисот соработува со земјата од која сакате да ги испратите парите, колкава е провизијата и кој е максималниот износ за уплата. За уплати од Европа и Велика Британија постои сервисот Profee, кој во САД не функционира.
Уште еден сервис „ЮMoney“ издава бесплатни картички „Мир“ на странски туристи на московскиот аеродром Шереметјево или во своите канцеларии во Москва, Санкт Петербург и Нижни Новгород. За да го забрзате овој процес, можете да се пријавите на онлајн-сервисот уште пред да пристигнете во Русија. Туристите можат да разменуваат девизи на аеродромот и да ги уплатат добиените рубли на оваа сметка без провизија преку банкомат на „Сбербанк“. На картичката одеднаш можете да платите 15000 рубли (околу 150 евра), а во текот на денот до 600000 рубли (околу 6000 евра).