На новото Верхне-Мунско наоѓалиште во Јакутија е пронајден голем дијамант тежок 51,49 карати. Ова го објави Lenta.ru повикувајќи се на прес-службата на компанијата „Алроса”.
Дијамантот е изваден од рудата на каналот „Запољарна”, еден од четирите кимберлитски вулкански канали кои се експлоатираат на ова наоѓалиште. Пронајден е проѕирен кристал во форма на октоедар со незначителна жолта нијанса. Староста на кристалот се проценува на повеќе од 350 милиони години.
Верхне-Мунското наоѓалиште на дијаманти се наоѓа во Олењочкиот реон на Јакутија, 170 километри од Удачнинскиот руднопреработувачки комбинат на „Алроса”. Ископувањето на дијаманти на ова наоѓалиште почна на 31 октомври. Во церемонијата на отворањето преку видеомост од Кремљ учествуваше и претседателот на Русија Владимир Путин.