Копот „Удачни“ е долг је 2,1 километар и широк е 1,8 километри. Извор: Press photo
На крајот на светот
Градот Удачни се наоѓа на север на Сибир, 17 километри од Поларниот круг, и денес е еден од северните центри за експлоатација на дијаманти. Во советско време поголемите градови се формирале околу големите фабрики и индустриски зони. Развојот на овој крај започнува во 1954 година, кога советскиот геолог Лариса Попугаева недалеку оттука ја открила таканаречената кимберлитска цевка, примарно наоѓалиште на дијаманти наречено „Блесок“. Но, експлоатацијата на дијаманти во ова наоѓалиште не започнала веднаш. Нешто подоцна, во 1956 година, во непосредна близина на градот е откриено друго наоѓалиште „Удачни“, кое е едно од најголемото во овој „дијамантски крај“. Благодарение на ова богато наоѓалиште основано е претпријатие за експлоатација на дијаманти, а по него му е дадено и името на градот Удачни.
Компанијата АЛРОСА
Според меѓународните стандарди за финансиско известување, компанијата АЛРОСА за време на 2013 година остварила чист профит од 31.837 милијарди рубли (речиси милијарда долари), а вкупниот годишен приход на компанијата изнесува 168.5 милијарди рубли (околу 5 милијарди долари). Според дивидендната политика на компанијата, на акционерите од дивидендата ќе им бидат исплатено најмалку 35% од годишниот профит на компанијата.
Копот „Удачни“ е долг 2,1 километар и широк е 1,8 километар. Спуштањето на дното на копот трае повеќе од еден час со помош на специјални лифтови. Во окната на наоѓалиштата никако не треба да се одвојувате од водичот, зашто во ходниците, хоризонтите и јамите можете лесно да се изгубите. Посетителите на наоѓалиштето не можат да видат дијаманти. Еден од рударите вели дека се мошне ретки случаите кога скапоцените камења се наоѓаат непосредно во окното, пред очите на посетителите. Колку што се сеќава тој, тоа се случило само еднаш кога еден рудар кој обработувал парче ѕид ненадејно забележал светкање. Тоа бил голем дијамант. Неговиот колега вели: „За 15 години, колку што работам тука, никогаш немам видено дијаманти“.
Како се добиваат дијамантите?
Еве како изгледа технологијата на експлоатација на дијаманти: геолозите определуваат каде треба да се копа, минерите ја минираат карпата и го расчистуваат хоризонтот, по што во јамите започнува дупчењето. Потоа рудата во специјални кипери се носи во бункер од каде се испраќа на површината и се одвезува во фабриката за обогатување. Во 2013 година од наоѓалиштето „Удачни“ добиени се 4 милиони 89.5 илјади карати. Ископаните дијаманти се испраќаат во фабриката каде по хемиски пат се чистат од примеси. Потоа дијамантите минуваат пат од над 500 километри до руската дијамантска престолнина, сибирскиот град Мирни, и центар за сортирање, каде се групираат според чистотата и големината. Потоа сортираните дијаманти се подготвуваат за продажба на клиентите во дистрибутивниот центар на компанијата АЛРОСА.
Компанијата АЛРОСА досега има склучено околу 40 долгорочни договори. „Во периодот од 2015 до 2017 година најверојатно ќе го зголемиме бројот на потпишани договори на 50, но клиентите ќе ги избираме мошне внимателно. Покрај финансиската документација, предвид ќе ја земаме и досегашната соработка и обемот на трговија за време на послабата побарувачка на пазарот“, вели официјалната претставничка на компанијата Евгенија Козенко. Најголемиот руски производител на дијаманти во 2012 година склучи долгорочен договор со белгиската компанија „Laurelton Diamonds Inc.“ која купува брилијанти за американската јувелирска компанија „Tiffany & Co“. Во мај 2013 година АЛРОСА исто така потпиша меморандум за соработка со аукциската куќа „Sotheby’s“. Овој меморандум на руската компанија ѝ овозможува на аукциите на „Sotheby’s“ да продава големи брилијанти од прва класа произведени во филијалата „Брилијанти АЛРОСА“, како и накит со брилијанти.
Иако јувелирството не е приоритет за компанијата, најквалитетните дијаманти одат на брусење во јувелирската компанија „Брилијанти АЛРОСА“. Според Евгенија Козенко, стратегијата за развој на компанијата главно е насочена на експлоатација на дијаманти. „АЛРОСА е пред сè компанија за експлоатација и за производство на дијаманти и засега не планира да го развива јувелирскиот бизнис, иако соработува со многу јувелирски куќи“, објаснува Козенко.
Планови за иднина
Најважните производствени капацитети на компанијата АЛРОСА во моментов се наоѓаат во западна Јакутија и во Архангелската област, но и во Африка, во Ангола и во Боцвана. Водечкиот руски и светски пронаоѓач на дијаманти денес експлоатира 22 наоѓалишта.
Во октомври 2013 година АЛРОСА на московската берза организираше мошне успешна иницијална јавна понуда (IPO), на која беа продадени 16% од акциите на компанијата. Од продажбата на акциите АЛРОСА заработи 41.3 милијарди рубли (околу 1.3 милијарди долари).
Системот на пласман на стоката се засновува на потпишување долгорочни договори со компании што произведуваат брилијанти и јувелирски производи од нив. Компанијата има претставништва и развиена продажна мрежа во сите главни светски дијамантски центри: во САД, Белгија, во Обединетите Арапски Емирати, во Кина, во Велика Британија и во Израел. Според Александар Махрачев, директор на рударско-преработувачкиот комбинат во Удачни, со отворањето на новиот рудник компанијата очекува зголемување на обемот на производство. „Сега експлоатираме 132 тони руда годишно, а веќе следната година планираме да го зголемиме обемот на годишното производство до 480 тони руда. До 2019 година ќе експлоатираме 4 милиони тони руда годишно. Значи, богатите наоѓалишта овозможуваат долгогодишна експлоатација на дијаманти. Со проектот е предвидено дека експлоатацијата во ова наоѓалиште ќе биде можна во следните 60 години, а проценетите резерви изнесуваат 159 милиони тони руда“, објаснува Александар Махрачев.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче