Не е тајна дека Русија има многу богаташи, а многумина од нив имаат и деца. Како што пресмета „Форбс Русија“ (Forbes Russia), 102 руски милијардери изродиле 289 синови и ќерки. Ако на тие деца им го поделиме подеднакво вкупното богатство од 402 милијарди американски долари, секој од нив ќе наследи по 1,4 милијарди. Секако дека нема да се случи нешто такво: едните ќе добијат повеќе, другите ни копејка, а третите самите ќе си заработат колку што им треба. Сепак, да погледнеме кој има шанси да ги наследи милијардите на тато.
5. Јахангир Махмудов (6,9 милијарди долари)
Има малку повеќе од 30 години и е единствениот наследник на Искандер Махмудов (на сликата), руски бизнисмен од узбекистанско потекло, сопственик на фабриката за бакар УГМК. Синот Јахангир заврши школи за бизнис во Лондон, работеше како советник на генералниот директор на железничката „Аероекспрес“ линија во Русија, како и во банкарската групација „Голдман Сакс“. Потоа се пресели во Екатеринбург за да работи покрај татко си во холдингот УГМК, а сега е заменик-генерален директор на фабриката за цинк во Челјабинск.
4. Алексис Кузмичов (7,1 милијарди долари)
Нема многу информации за единствениот наследник на основачот на инвестициската компанија Letter One и Alfa Group Алексеј Кузмичов. „Форбс“ дознава дека неговиот син Алексис е роден 2009 и дека живее во Париз со својата мајка.
3. Тара и Адријан Мељниченко (7,3 милијарди долари)
Ако децата на индустријалецот и филантроп Андреј Мељниченко ги поделат милијардите на тато, секое ќе добие по 7,3 милијарди. Тара е родена 2012 година и веќе има патувано по целиот свет со родителите, додека нејзиниот брат Адријан е роден 2017 година.
2. Викторија Михељсон и нејзиниот брат (8,9 милијарди долари)
Еден од најбогатите луѓе на Русија Леонид Михељсон, сопственик на компанијата „Новатек“ (Новатэк), најголемиот приватен гасен гигант во Русија, има две деца. Во 2016 година Михељсон беше најбогатиот човек во Русија. Неговата постара ќерка Викторија е родена 1992 година и има студирано историја на уметноста во Њујорк. Името на неговиот син роден 2015 година не ѝ е познато на јавноста.
1. Јусуф Алекперов (17 милијарди долари)
Синот на Вагит Алекперов, 27-годишниот Јусуф во моментов е најбогатиот наследник. Има студирано на факултетот за нафта и гас „Губкин“ во Москва и работено две години на нафтени полиња. Рано е да се каже дали ќе го наследи својот татко во компанијата „Лукоил“. Во едно интервју Вагит изјави дека не го гледа својот син како наследник на тронот, но очекува дека Јусуф ќе направи кариера во странска компанија.