Најбогатиот човек во Русија

Валериј Шарифулин / ТАСС
Леонид Михељсон во 2016 година стана најбогатиот човек во Русија според верзијата на магазинот „Форбс“. Тој веќе претендира на ривалство со рускиот гасен гигант, моќната компанија „Гаспром“. Што се знае за најбогатиот државјанин на Руската Федерација?

Леонид Михељсон е сопственик на компанијата „Новатек“, најголемиот приватен гасен гигант во Русија. Тој поседува 14.4 милијарди американски долари. Освен тоа што е најбогат жител на Русија за 2016 година, тој го зазема 60 место на светската листа на најбогати луѓе според магазинот „Форбс“.

За разлика од поголемиот број државјани на Русија на оваа листа, Михељсон својот капитал го зголеми во текот на минатата година. Згора на тоа, неговата компанија „Новатек“ го оспорува ексклузивното право на компанијата „Гаспром“ за извоз на природен гас во странство. Според мислењето на експертите, лесно може да се случи Михељсон од овој спор да излезе како победник.

Зголемување на капиталот

Основниот извор на порастот на капиталот на Михељсон „Форбс“ го објаснува со поволната трансакција. Имено, тој во 2015 година успеа на кинеската државна компанија „Синопек“ да ѝ продаде 10% од акциите на најголемиот руски петрохемиски холдинг „Сибур“ за 1.3 милијарди американски долари. „Форбс“ наведува дека другиот сосопственик на ова претпријатие е Кирил Шамалов, за кој се претпоставува дека е зет на рускиот претседател Владимир Путин. Во бизнисот поврзан со експлоатација и продажба на гас Леонид Михељсон своите врски ги стекнал благодарение на татко си Виктор Михељсон, кој порано беше главен градител на гасоводи во СССР.

За разлика од многу други олигарси, Михељсон не извезува само суровина, ами и продава нејзини преработки. „Леонид Михељсон се најде на првото место на магазинот 'Форбс' благодарение на тоа што во периодот на пад на цените на суровата нафта, се ориентираше на петрохемиските производи кои носат приходи засновани на високи маржи“, објаснува Емиљ Мартиросјан, доцент на Руската академија за народно стопанство и државна администрација. Според него, цените на петрохемиските производи не се намалиле по падот на цената на фосилното гориво, ами напротив, се покачија.

Компанијата „Новатек“ на Михељсон е една од малобројните компании кои ја зголемија својата капитализација во текот на 2015 година, додава аналитичарот на инвестициската компанија „Премиер“ Иљја Балакирев.

Михељсон vs. „Гаспром“

Во февруари годинава компанијата „Новатек“ на Михељсон се обрати до Владата на Руската Федерација со предлог да ѝ се дозволи извоз на гас во Европа по каналите на „Гаспром“. Засега „Гаспром“ го има монополот на извоз на гас. Иницијативата на „Новатек“ беше поддржана од страна на Министерството за енергетика, соопштува рускиот бизнис-весник „Ведомости“. Според податоците што ги наведува министерството, приватната компанија ќе му помогне на „Гаспром“ да ги потисне норвешките производители.

Згора на тоа, доколку на „Новатек“ ѝ се дозволи извоз на гас, со тоа ќе бидат намалени и политичките ризици. „Оваа одлука има смисла во многу насоки каде е силно изразено расположението против 'Гаспром'“, додава Иљја Балакирев. Конкретно, Литванија систематски го намалува количеството гас што го купува од „Гаспром“ и го избира норвешкиот гас. Згора на тоа, „Новатек“ може да добие дозвола за користење на гасоводот „Силата на Сибир“, со кој се транспортира гас од Русија во Кина. За овој гасовод „Гаспром“ мора да индустријализира нови наоѓалишта, така што гасот на независните производители ќе биде добредојден. И на крајот, доколку на „Новатек“ му се дозволи пристап до каналите за извоз на „Гаспром“, со тоа ќе бидат укинати сите административни ограничувања за изградба на нови гасоводи од Русија кон Европската Унија: за „Јужен тек“ по дното на Црно море, и за втората линија на „Северен тек“ под дното на Балтичко море.

„Доколку гасоводот го користат и други компании, тогаш ќе биде исполнето едно од барањата на Третиот енергетски пакет на Европската Унија“, вели Иван Капитонов, доцент на Руската академија за народно стопанство и државна администрација. Според овој нормативен пакет, една компанија не може да биде сопственик на гасовод и единствен доставувач на гас. Имено поради ова ограничување Бугарија на барање на Европската комисија го блокираше проектот „Јужен тек“. „Доколку се вклучи и 'Новатек', тогаш сите страни од тоа ќе имаат корист и Русија во целост ќе го зачува својот дел од пазарот на Европската Унија и покрај сите препреки“, додава Капитонов.

Како се менуваше имотната состојба на петтемина најбогати руски државјани?
Леонид Михељсон: оваа 2016. година – 14.4 милијарди американски долари (60 место), претходната 2015 година – 11.7 милијарди американски долари (105 место)
Михаил Фридман: оваа 2016. година – 13.3 милијарди американски долари (63 место), претходната 2015 година – 14.6 милијарди американски долари (68 место)
Алишер Усманов: оваа 2016 година – 12.5 милијарди американски долари (73 место), претходната 2015 година – 14.4 милијарди американски долари (71 место)
Владимир Потанин: оваа 2016 година – 12.1 милијарди американски долари (78 место), претходната 2015. – 15.4 милијарди американски долари (60 место)
Генадиј Тимченко: оваа 2016 година – 11.4 милијарди американски долари (85 место), претходната 2015 – 10.7 милијарди американски долари (118 место)

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.