Синот на познатиот руски олигарх и претседател на нафтената компанија „Лукоил“ Вагит Алекперов. Јусуф (лево) на коњската трка „Гран-при на радиото Монте Карло„. Коњската трка беше одржана на Централниот московски хиподром. Извор: Комерсант.
Рејтингот на најбогатите деца во Русија што го состави магазинот СЕО, доколку се погледне подобро претставува илустрација на најновата историја на нашата земја. Доколку го погледнеме списокот на олигарси кои се подготвени да им остават на своите наследници милијарди долари, може да се види и богатството заработено со продажба на суровини (нафта и гас) и бизнисмените од „новото поколение“ од типот на Сергеј Галицки, кој од неколку прехранбени продавници на југот на Русија прерасна во најголемиот синџир супермаркети во земјата „Магнит“.
Доколку го погледнеме списокот на олигарси кои се подготвени да им остават на своите наследници милијарди долари, може да се види и богатството заработено со продажба на суровини (нафта и гас) и бизнисмените од „новото поколение“
Руските милијардери, кои го восхитуваат Западот или со вечера од 40 илјади евра, или со раскошна јахта, се појавија на светската сцена сосема неодамна – пред 16 години. За првпат Русите влегоа во рејтингот на најбогатите луѓе на светот што го подготвува магазинот „Форбс“ дури во 1997 година. Оние што успеаја да ги преживеат двете економски кризи (локалниот дефолт од 1998 година и светската економска криза десет години подоцна), на своите деца во наследство ќе им остават од 1 до 13.74 милијарди американски долари. За да дознае кому колку ќе му припадне, аналитичарите на СЕО го зеле за основа својот рејтинг на милијардери и го поделиле богатството на таткото на бројот законски (признаени) деца. Според експертот на изданието Андреј Школин, ова е причината поради која во рејтингот не се нашол посинокот на најбогатиот Русин според верзијата на Форбс Алишер Усманов – синот на неговата сопруга Ирина Винер (главен тренер на репрезентацијата на РФ по ритмичка гимнастика) од првиот брак Антон. „Исто така не се земаа предвид изјавите на родителите во кои тие велат дека имаат намера да ги остават своите деца без наследство“, објаснува Школин. Токму затоа на списокот се најдоа децата на Владимир Потанин, сопственик на холдингот „Интеррос“ кој активно инвестира средства во спортски објекти за Олимпијадата 2014 во Сочи. Во 2010 година овој милијардер изјави дека сето свое богатство (кое според пресметките на СЕО изнесува 12.32 милијарди американски долари) нема да им го остави на трите деца – Анастасија (29 години), Иван (24) и Василиј (13), туку дека ќе ги даде во хуманитарни фондови. Неговите деца уште тогаш изјавија дека не се загрижени: ќерката работи во компанијата на татко си, и заедно со братот Иван активно се занимаваат со спорт. Тие се повеќекратни шампиони на Русија во аквабајк.
Ако погледнеме на тројката лидери, со 13.74 милијарди американски долари не само што води Викторија Михељсон, туку таа го носи и називот на најбогата невеста. Викторија се занимава со фонд за современа уметност, кој го носи нејзиното име. Нејзиниот татко, поранешен градежник, а сега шеф на најголемата приватна нафтена компанија во Русија „Новатек“, која е главен конкурент на „Гаспром“, успеа да ја надмине границата на невозможното. Откако изгуби половина од својот капитал за време на економската криза, веќе следната година тој не само што ја надомести загубата, туку и оствари добивка од 1 милијарда американски долари. Леонид Михељсон не се плаши да инвестира во проекти кои не се блиски до неговата основна дејност: тој инвестира средства во нафтено-хемиската компанија „Сибур“, како и во развојни проекти.
Обратно од него, претседателот на приватната нафтена компанија „Лукоил“ Вагит Алекперов си стои на своите позиции на наследен нафташ и претпочита да не ризикува. Како резултат на ова неговиот син се најде на второто место на рејтингот на најбогати наследници со богатство од 12.03 милијарди долари. По настојување на неговиот татко, Јусуф Алекперов минува низ жестока школа на својот бизнис. Синот на милијардерот се здоби со профилно образование, а сега работи на наоѓалиштата на „Лукоил“ во Западен Сибир. Тој започна како работник, за да дојде до местото на технолог. А, за на синот да не му падне на ум да ја уништи империјата, таткото решил дека неговиот дел во компанијата синот не може да го продаде ниту во целост, ниту во делови.
Сите пари ќе ѝ пропаднат на неговата 17-годишна ќерка Полина, која годинава матурираше
Третото место во рејтингот на СЕО беше изненадување. Бизнисменото од Краснодар Сергеј Галицки со својот пример покажа дека во Русија може да се дојде до богатство не само со природни ресурси, туку и со малопродажба и тоа почнувајќи од нула. Првата продавница „Магнит“ беше отворена во 1998 година во Краснодар. По десет години вакви дисконти имаше повеќе од 2.500 низ целата земја, а според резултатите од 2012 година овој синџир стана лидер на рускиот пазар на прехранбена малопродажба. Денес богатството на Галицки се проценува на 8.26 милијарди американски долари. Сите пари ќе ѝ пропаднат на неговата 17-годишна ќерка Полина, која годинава матурираше. Бизнисменот се надева дека ќерката ќе тргне по неговите стапки и оти ќе стане економист.
Меѓу најзабележливите татковци што се дел од рејтингот е Михаил Фридман, кој започнал како препродавач на билети за театар и со миење прозорци. Само нему и на Владимир Потанин му успеа да го задржи своето влијание и своите средства за време на првиот претседател на РФ Борис Елцин, кога власта падна во рацете на неговите роднини. Сега во активите на Фридман е најголемата банка „Алфа-банк“, една од телекомуникациските компании која се наоѓа во групата лидери од оваа област „Вимпелком“ и втората малопродажна компанија по „Магнит“ – „X5 Retail Group“. Неговото богатство изнесува 15.32 американски долари, а ќе го поделат неговите две ќерки кои живеат со мајка си во Париз.
Одделно треба да се споменат оние олигарси кои постојано се појавуваат на страниците на таблоидите. Така, поранешниот економист во една фабрика во Махачкала, а денес сопственик на фудбалскиот клуб „Анжи“ Сулејман Керимов се најде на страниците на француските весници по судирот со Ферари од 675 илјади евра во присуство на позната руска водителка Тина Канделаки. Неговата придружничка беше мажена, а Керимов дома го чекаа три деца. Денес тие имаат право да претендираат на 6.29 милијарди долари.
И, на крајот, сопственикот на фудбалскиот клуб „Челзи“ Роман Абрамович со право се смета за најплодотворен олигарх: неговото богатство од 11.53 милијарди долари ќе треба да се дели меѓу седум деца (пет од првиот и две од сегашниот брак со Дарја Жукова). Сепак потомците на некогаш најбогатиот човек во Русија, ја губат својата позиција заедно со татко си: пред шест години тие се наоѓаа на 23-17 место, а сега веќе се на 60-66. Најстариот син 20-годишниот Аркадиј, веќе активно оди по стапките на татко си: тој веќе има сопствена компанија ARA Capital, чии активи СЕО ги проценува на 42 милиони американски долари.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче