Рекорд: Русија со приход од 15 милијарди долари од извоз на оружје во 2017 година

Економија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Русија успеа да го потврди статусот на еден од најголемите добавувачи на вооружување на светскиот пазар. Обемот на испорачаното вооружување од година на година расте, а в0 2017 година ја надмина бројката од 15 милијарди долари.

„Русија постојано го задржува високиот меѓународен статус и угледот кога е во прашање испорака на вооружување. Обемот на извоз на вооружување и воена техника расте веќе трета година по ред, а кон крајот на минатата година достигна сума која надминува 15 милијарди долари“, истакна претседателот на РФ Владимир Путин во текот на седницата на Комисијата за меѓународна военотехничка соработка.

Според шефот на руската држава, трети земји вршат постојан притисок врз меѓународните руски партнери за да ја раскинат својата военотехничка соработка со Русија.

„Не е никаква тајна дека државите кои сакаат да остварат военотехничка соработка со Русија се соочуваат со беспредметен и континуиран притисок да се откажат од таквата намера. Основната цел на тој притисок не е само елиминирање на конкуренцијата на глобалниот пазар на оружје, туку и поткопување на одбранбените способности на многубројни независни држави кои сакаат да ги модернизираат своите вооружени сили“, истакна Путин.

Тој ги пофали сите фактори кои се дел од рускиот военоиндустриски комплекс со очекување дека ќе продолжи позитивниот тренд и во 2018 година.

Прочитајте повеќе: Русија планира извоз на оружје и техника во вредност од 50 милијарди долари