Кој решава за судбината на Северен тек-2?

Ројтерс
Одлуката за изградба на нов гасовод од Русија до Германија најверојатно ќе биде донесена на политичко рамниште, велат експертите.

Лидерите на осум европски земји – Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Полска, Словачка, Романија и Литванија - на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер му испратија писмо во кое се противат на проширувањето на рускиот гасовод Северен тек. Подоцна како противник на овој проект се приклучи и Хрватска. Според руските експерти, противењето на Северен тек има пред сè политичка заднина. „Гледаме дека во Европската Унија се формира прилично голема коалиција од земји кои се противат на проектот“, вели Александар Гриченков, експерт на аналитичката компанија MFX Broker.

Гасоводот Северен тек-2 со капацитет од 55 милијарди кубни метри гас треба да биде поставен на дното на Балтичкото море и да води од Русија до Германија. Заедно со првата линија на овој гасовод, вкупното количество гас кој би се извезувал во Германија би бил зголемен за двапати и би изнесувал 110 милијарди кубни метри годишно. Според руската компанија Гаспром, во конзорциумот кој го реализира овој проект се германските компании E.ON и Wintershall, англиско-холандската Shell, австриската OMV и француската ENGIE.

Главно образложение

Според авторите на споменатото писмо, проширувањето на гасоводот „ќе влијае силно на развојот на гасниот пазар и на шемата на гасниот транзит во регионот, а особено на транзитниот правец низ Украина“. „Противниците на проширувањето на Северен тек се активираа затоа што Гаспром веќе го распиша тендерот за изработка на цевки кои се потребни за овој проект, без претходно да дочека проектот да биде усогласен“, објаснува експертот на инвестицискиот холдинг „Финам“ Алексеј Калачов. Победници на тендерот се германската компанија Europipe и две руски компании – „Обединенаја металургическаја компанија“ и Чељабинската фабрика за цевки, со тоа што 40% од цевките ќе ги обезбеди германската компанија. Според податоците на бизнис-весникот „Ведомости, целиот договор ќе чини 2.2 милијарди американски долари.

За да започне со изградбата Гаспром најпрво треба да добие дозвола за поставување цевки во Данска, Финска, Шведска и во Германија, а исто така и дозвола од германската регулаторна агенција за приклучување кон европската мрежа на гасоводи, предупредува Алексеј Калачов. Освен тоа, Европската комисија може да ги прошири правилата од Третиот енергетски пакет на ЕУ и на овој проект. Во тој случај ќе биде потребно да се добие и согласност од Брисел или да се менува целата конфигурација на проектот, објаснува Калачов. Според правилата од Третиот енергетски пакет, една страна не може истовремено да биде доставувач на енергенси и сопствени на мрежата за нивен транспорт. Токму поради овој услов во 2014 година беше запрен проектот Јужен тек, односно гасоводот по дното на Црно море од Русија до Бугарија и понатаму во земјите од Европската Унија.

Политички ризик

Според аналитичарот на инвестициската компанија „Премиер“ Иљја Балакирев, одлуката за идното проширување на Северен тек најверојатно заеднички ќе ја донесат САД и Германија. „Доколку американската страна успее да го смести овој проект на политичко ниво, тогаш ризикот ќе биде значително поголем“, вели Балакирев. Доколку, пак, германските компании успеат да ги одбранат своите бизнис-интереси, тогаш овој проект ќе има светла иднина, додава тој.

Во секој случај, според Александар Гриченков оваа одлука ќе биде политичка и ќе биде поврзана со украинската криза. Противниците на Северен тек-2 сметаат дека реализацијата на овој проект ќе ѝ ја одземе на Украина можноста за заработка од транзитот а украинскиот гас кој се извезува во Европа, а со тоа ќе ја намали можноста на Киев за финансирање на сопствениот одбранбен сектор. На проектот на гасоводот се противи и Полска, а на чело на Европскиот совет сега е Полјакот Доналд Туск, поборник на идејата за „енергетска безбедност“ на ЕУ, предупредува Гриченков.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња